Во чест на 8 Март, Меѓународниот ден на жената, овој текст ќе го посветам на пет писателки/поетеси кои со своето творештво дале исклучителен придонес за книжевноста и чии дела се сметаат за безвременски. Овие жени со својата посветеност, талент, труд направиле голем чекор за сите жени ширум светот, особено што некои од нив живееле во време кога жената немала право ниту да се образова, да има свој имот, ниту да има кариера и да се занимава со „машки“ работи.
Следните пет писателки/поетеси ги пишувам врз основа на својот поглед и според онаа листа на писателки кои јас лично највеќе ги почитувам. Сигурно ќе има некој кој ќе смета дека треба да се додаде некоја писателка или да се одземе, па така простете однапред ако не вклучам некоја ваша омилена авторка. 🙂
1. Џејн Остин

Џејн Остин е англиска писателка, една од највлијателните британски автори во историјата. Има напишано шест од најпознатите дела во британската книжевност. Родена е во Хемпшир, Велика Британија, на 16 декември 1775 година. Своето образование го добила преку својот татко и постарите браќа. Нејзиниот татко ја поттикнувал да чита што повеќе книги. Поддршката која ја добивала од своето семејство била клучна за нејзиниот развој и нејзината одлука да почне да пишува. Најпознатата книга што ја има напишано е „Гордост и предрасуди“ (1813 година), чиј првичен наслов бил „Први впечатоци“.
Безвременската приказна за Елизабет Бенет и господинот Дарси е инспирација за голем број екранизации, претстави, дури и книги (како на пример „Дневникот на Бриџит Џонс“). Освен „Гордост и предрасуди“, Џејн ги има објавено и делата „Разум и чувствителност (1811), „Менсфилд парк“ (1814) и „Ема“ (1816). За жал, Џејн Остин имала само 42 години кога починала на 18 јули 1817 година и не доживеала да го види издавањето на „Опатијата Нортангер“ (1818) и „Убедување“ (1818) кои се постхумно објавени. Во 2013 година, владата на Велика Британија донесе одлука банкнотата од 10 фунти да го носи ликот на Џејн Остин.

Првото издание на „Разум и чувствителност“, која е воедно и првата објавена книга на Остин. Погледнете под каков псевдоним е објавена, едноставно: A Lady (Една дама). (Џејн Остин не сакала многу да се знае за неа, затоа и ги објавувала своите дела под псевдоними).
Она што е интересно во врска со неа е тоа што никогаш не се омажила, затоа што не верувала во брак без љубов, бракови кои биле чести во тоа време. Иако еднаш прифатила понуда за брак од пријател на нејзиниот брат, сепак следниот ден го одбила велејќи дека не може да се омажи со него, затоа што не го сака. Наместо брак решила целосно да му се посвети на пишувањето. И покрај тоа што никогаш не ја пронашла љубовта на својот живот, сепак нам ни останува да уживаме во прекрасните љубовни приказни создадени од нејзиното перо. Доколку сакате да дознаете повеќе за нејзиниот живот, ви го препорачувам филмот Becoming Jane. Одличен филм за животот на Џејн.
2. Шарлот Бронте

Кого и да ставите од сестрите Бронте на листава, нема да згрешите. Јас лично ја ставив Шарлот заради нејзината безвременска „Џејн Ер“, книга чиј главен лик е една храбра, независна и прекрасна хероина, нешто што за тоа време било прилично револуционерно. Шарлот е родена на 21 април 1816 година и е најстара од трите сестри Бронте. Нејзините две сестри Емили и Ен исто така се познати писателки, особено Емили која е позната по „Оркански височини“, една од најпознатите книги во историјата на книжевноста.
Шарлот се родила во Торнтон, Јокшир, како трето од шестте деца на Марија и Патрик Бронте. Во август 1824 година, Шарлот ја испратиле во Училиштето на црковните ќерки во Кован Бриџ, Ланкашир, кое ќе ѝ послужи како инспирација за училиштето Лоувуд во кое е испратена Џејн Ер од истоимената книга. Лошите услови во училиштето, малтретирањето и тепањето кои Шарлот успеала да ги издржи, трајно влијаеле на нејзиното здравје и физичкиот развој, но ја забрзале смртта на нејзините две постари сестри Марија и Елизабет, кои умреле од туберколоза во јуни 1825 година. Шарлот до крајот на својот живот нема да го заборави третманот и нечовечното однесување кон децата во училиштето, па затоа и ќе го овековечи во „Џејн Ер“.
Првата книга „Зеленото џуџе“ (1833) ја издала под псевдонимот Велсли. Во мај 1864 година, Шарлот, Емили и Ен објавиле заедничка збирка поезија под псевдонимите Кјурер, Елис и Ектон Бел. Најпозниот роман „Џејн Ер“ го издала во 1847 година. Емили и Ен умреле од белодробна туберколоза во декември 1848 година (Емили), односно мај 1849 година (Ен). За жал и Шарлот не живеела долговечен живот. Починала на 31 март 1855 година, на 38 години.

Првото издание на безвременската, инспиративна „Џејн Ер“
3. Емили Дикинсон

Емили Дикинсон е американска поетеса, која и покрај фактот дека додека била жива објавила само дванаесет од нејзините речиси 18 000 поеми, се смета за една од највлијателните поети на 19 век. Емили е родена во Амхерст, Масачусетс, САД на 10 декември 1830 година. Нејзиното семејство било успешно и имало цврсти и добри општествени врски, иако таа живеела интровертен и повлечен живот, далеку од очите на заедницата. Била сметана за ексцентрична од страна на жителите на нејзиниот град, бидејќи избегнувала да поздравува гости, а подоцна воопшто и не излегувала од својата соба.
Емили учела во локалното училиште, а една година поминала и во женската семинарија во Маунт Холиок, а подоцна се вратила назад во родниот град и остатокот од животот го поминала во семејната куќа, живеејќи повлечен живот со сосема мал круг на пријатели со кои најчесто комуницирала преку писма. Понатаму, во другите писма, таа ги наведувала своите омилени поети и писатели, како: Китс, Елизабет Браунинг, Раскин, сер Томас Браун, Библијата и старите англиски химни на Исак Ватс. Нејзиниот татко ѝ купувал многу книги, но ја молел да не ги чита, плашејќи се да не ѝ го растројат духот.
Поемите кои ги објавила за време на својот живот, многу често биле изменувани од страна на издавачите за да се приспособат на тогашните конвенционални правила во поезијата. Многу често, централна тема на нејзините поеми е смртта и вечниот живот. Дикинсон умрела во својот дом, на 15 мај 1886 година, оставајќи ги своите педантно препишани песни на сестра си Лавинија, со молба да ги уништи. Сестра ѝ сепак не ја послушала (за среќа).
Нејзината првата стихозбирка е објавена во 1890 година од страна на познаниците Томас Вентворт Хигинсон и Мабел Лумис Тод, иако и двајцата значително ја измениле содржината на она што било напишано. Целосната, речиси оригинална колекција на нејзината поезија станала достапна дури во 1955 година кога „Поемите на Емили Дикинсон “ првпат биле објавени од страна на академикот Томас Х. Џонсон.
4. Вирџинија Вулф

Вирџинија Вулф е една од најпознатите англиски писателки која се смета за еден од основоположниците на модерниот психолошки роман. Вирџинија Вулф е родена на 25 јануари 1882 година во Лондон, Англија, како Аделајн Вирџинија Стивен. Таа била ќерка на Лесли Стивен, кој исто така бил познат англиски книжевник. Поради тоа, во својот дом постојано била во контакт и се среќавала со познати интелектуалци кои го посетувале нејзиниот татко. Во 1912 година се омажила за политичарот и книжевник Леонард Вулф и така станува Вирџинија Вулф. Двајцата биле врвни интелектуалци и почитувани во интелектуалните кругови. Како што напишав во претходната објава, таа била дел од групата Блумсбери.
Таа започнала професионално да се занимава со пишување во 1900 година, со објавување на статија во книжевниот додаток на „Тајмс“, за домот на сестрите Бронте. Книжевната кариера ја започнала во 1912 година, откако стапила во брак. Заедно со својот сопруг ја основале издавачката куќа „Хогарт прес“ која им помагала на млади писатели да добијат шанса и воедно постигнале огромен успех во издавачката дејност.
Вулф е авторка на повеќе романи, критики и три книги со есеи. Во 1915 година го објавила романот „Крајот на патувањето“, а нејзините најпознати дела се „Госпоѓа Даловеј“ (1925), „Кон светилникот“ (1927), „Орландо“(1928) и долгиот есеј „Сопствена соба“ (1929) каде вели дека „жената мора да има пари и сопствена соба ако сака да пишува“.
Нејзиниот живот трагично завршил на 28 март 1941 година. Вулф во текот на својот живот постојано страдала од депресија, но ситуацијата се влошила по завршување на делото „Помеѓу чиновите“ (објавен постхумно). Околностите, како и други приватни и професионални удари уште повеќе ја влошиле депресијата и тоа дошло до степен каде веќе не можела ни да работи. На 28 март 1941 година, ги наполнила џебовите со камења и се фрлила во реката Уз во близина на нејзиниот дом. Телото ѝ го пронашле дури на 18 април 1941 година.
Во писмото за збогум до нејзиниот сопруг, таа пишува:
„Најмил мој, сигурна сум дека повторно полудувам. Мислам дека нема да можеме да издржиме уште еден таков бурен период. Овојпат нема да се опоравам. Почнувам да слушам гласови и не можам да се сконцентрирам. Ова што го правам ми се чини дека е најправилно. Со тебе не можев да бидам посреќна. Никој не можеше да ми биде она што ми беше ти. Пред да се разболам од оваа ужасна болест, немаше посреќни луѓе од нас. Веќе не можам да се борам. Знам дека ти го уништувам животот; без мене ќе можеш да работиш. Знам дека ќе работиш.
Ни ова не можам да го напишам како што треба. Не можам да читам. Сакам да кажам дека тебе ти ја должам сета среќа во мојот живот. Ти беше крајно трпелив со мене и неверојатно добар. Сакам да го кажам ова – сите веќе го знаат. Ако некој можеше да ме спаси, тоа беше ти. Повеќе во ништо не сум уверена, освен во твојата добрина. Не сакам да ти го доуништам животот. На светот не постоеле посреќни луѓе од нас двајцата. В“
5. Силвија Плат

Силвија Плат е американска писателка, поетеса и писателка на кратки раскази и се смета за една од најдобрите поети на нејзината генерација. Воедно, Плат е првата поетеса која постхумно ја добила Пулицеровата награда за збирката „Одбрани песни“ во 1982 година. Силвија Плат се родила во Бостон, САД на 27 октомври 1932 година. Таа била млада надежна поетеса и својата прва поема ја објавила кога имала само осум години. Нејзиниот татко бил универзитетски професор, но умрел млад од дијабетес во 1940 година. Плат никогаш не се опоравила од смртта на својот татко. Таа продолжила да објавува поеми, а во август 1950 година го објавила и својот прв расказ „Летото нема повторно да дојде“, објавен во магазинот Seventeen.
По дипломирањето добила стипендија на Кембриџ, каде се запознала со нејзиниот иден сопруг, поетот Тед Хјуз, со кого се венчала во 1956 година. Во 1960 година Силвија ја издала својата прва стихозбирка наречена „Колос“. Во февруари 1961 година таа имала спонтан абортус и голем број песни се однесуваат токму на овој трагичен настан од нејзиниот живот. Во 1963 година, непосредно пред нејзината смрт, Силвија ја издала својата полуавтобиографска книга „Стакленото ѕвоно“, која воедно е и нејзиниот единствен роман. Најпозната е по нејзините две збирки поезија „Џинот и други песни“ и „Ариел“.
Плат страдала од депресија речиси целиот нејзин живот (теориите се движат од: биполарно нарушување (манична депресија) па сè до шизофренија и опсесивно-компулсивно нарушување) и имала неколку обиди да си го одземе животот. И покрај борбата со депресијата и нејзиното често одење во клиники и болници, таа сепак си го одземала сопствениот живот на 11 февруари 1963 година, на само 31 година, задушувајќи се со гас во сопствената кујна. Нејзините две деца биле пронајдени живи и во совршена здравствена состојба, бидејќи таа ги сместила во друга соба, одлично изолирана со водени кујнски крпи, отворајќи го прозорецот од собата на децата за да не вдишат ниту малку гас.
Силвија пишувала дневник од својата единаесетта година, а Тед го уништил нејзиниот последен дневник за никогаш да не се дознае вистината за нивната врска. Многу критичари сметаат дека Тед се обидувал да ги контролира сите можни публикации на Силвија Плат сè до неговата смрт во 1998 година. Дури и откако го открил нејзиниот дневник по многугодишно криење, Тед цензурирал делови од нејзините текстови. Тој дури и ја цензурирал нејзината стихозбирка Ариел отфрлајќи песни кои се однесувале на него.
