Постојат безброј книги кои имаат големо влијание, книги што ќе останат засекогаш запишани во историјата. Безвременски класици кои секогаш се наоѓаат на листите од типот „Книги што мора да се прочитаат барем еднаш во животот“. Многу често се случува луѓето да кажат дека прочитале некоја таква книга, иако истата можеби и не им паднала во рака.
Реакциите од околината, од типот на: „Еј како може да не си ја прочитал/а книгава?“, предизвикува луѓето, заради непријатно чувство или желба да се покажат дека се во тек со оние „задолжителни“ четива, многу често да подлажнат дека прочитале некоја книга.
Голем дел од весниците и страниците како „Гардијан“, „Телеграф“, „Базфид“ и други популарни влијателни страници правеа анкети за да дознаат кои се книгите за кои луѓето најчесто лажат дека ги прочитале.
Се обидов да направам една скромна листа, т.е да направам комбинација од десетте најчести книги за кои луѓето подлажнуваат дека ги прочитале. Листата е направена врз основа на дискусиите и статиите што ги имам прочитано и слушнато.
1. „1984“ – Џорџ Орвел

Една од најпознатите и највлијателните книги во историјата на книжевноста е една од книгите за кои луѓето најчесто велат дека ја прочитале, а сепак голем дел од нив или воопшто не ја прочитале или ја почнале, но не ја завршиле. Книгата на Џорџ Орвел за целосно контролирано општество во кое не постои слобода на говор, слобода на движење, па дури ниту слобода на мисла, и целото владеење е засновано на страв и терор, е една од најцитираните и најкоментираните книги и оттука веројатно и поривот некои луѓе да кријат дека не ја прочитале.
2. „Војна и мир“ – Лав Толстој

Едно од најпознатите дела на сите времиња, ремек делото на Лав Толстој, исто така е една од книгите за кои луѓето најчесто лажат дека ги прочитале. Приказната за животите на пет аристократски семејства, за време на Наполеоновите војни и француската инвазија врз Русија која е раскажана во 4 тома, е книга која многумина ја почнуваат, но сепак не ја дочитуваат.
3. „Големите очекувања“ – Чарлс Дикенс

Едно од најпознатите дела на Дикенс за сирачето Пип кое сонува да стане џентлмен за да го освои срцето на Естела. Пип по случаен сплет на околности доаѓа до наследство и пари. Ова е книга за одмаздата и наградата, за криминалот и вината и носи со себе плејада на интересни ликови што ја збогатуваат книгата. Се смета за класик и многу често можете да ја најдете во листата на книги што мора да се прочитаат во животот, а воедно и е на секоја листа за книги кои луѓето се преправаат дека ги прочитале.
4. „Игра во ‘ржта“ – Џ. Д. Селинџер

Една од највлијателните и најзначајните книги на 20 век, „Игра во ‘ржта“ претставува книга за младешкиот дух, адолесцентската бутновност и цинизам. Книга за осаменоста, отуѓувањето, збунетоста кога влегуваме во светот на возрасните и револтот кон општествениот систем и правила.
Главниот лик Холден Колфилд зборува за напуштањето на интернатот и неговото преселување во Њујорк. Една од книгите која по своето објавување кренала огромна прашина и контроверзии, а денес се смета за бесценета книга која треба да биде дел од сечија домашна библиотека.
5. „Господар на прстените“ – Џ.Р.Р. Толкин

Една од највлијателните и најпопуларни книги која доживеа и своја екранизација благодарејќи на режисерот Питер Џексон, е исто така на листата на книги за кои луѓето велат дека ги прочитале. Многумина ја имаат изгледано трилогијата и врз основа на тоа велат и дека ги прочитале сите три дела на Толкин, дело кое е еден од најдобрите фантастични епови. Дружината на Фродо и Гандалф често се тема на разговор и помеѓу љубителите на филмот и помеѓу оние кои ја прочитале книгата.
6. „Злосторство и казна“ – Фјодор Достоевски

Психолошкиот роман на Достоевски, едно од ремек делата кои ни доаѓаат од руската книжевност е следен на оваа листа. Приказната за младиот Раскољников кој по извршување на убиството на старата лихварка и нејзината сестра се соочува со длабок психолошки и емотивен конфликт предизвикан од грижата на совеста. Ова дело се смета за едно од најфасцинантните дела во историјата на книжевноста, токму поради длабокиот поглед и преглед на човековиот ум и психологија.
7. „Гордост и предрасуди“ – Џејн Остин

Безвременската љубовна приказна на Елизабет Бенет и Господин Дарси се смета за една од најдобрите книги во историјата на британската книжевност. Прекрасно напишаната приказна, полна со хумор, проникливост, доза иронија, но и големо чувство за емпатија и љубов, и во себе ја носи пораката дека луѓето често се заслепени од сопствените предрасуди и гордост, па одбиваат да го погледнат и согледаат светот со поинакви очи и често љубовта може да ги надмине и победи овие работи.
Книга која е предмет на безброј екранизации, инспирација за други филмови, театарски претстави, а најпознати две екранизации се мини серијата во издание на BBC од 1995 година, каде Господин Дарси го глуми Колин Фирт и филмската верзија од 2005 година каде Елизабет Бенет ја глуми Кеира Најтли и добива дури и номинација за Оскар за нејзиното доловување на карактерот на Лизи Бенет.
8. „Владетелот“ – Николо Макијавели

„Владетелот“ на Макијавели е една од најзначајните политички книги во историјата. Напишана во 16-ти век, правилата и советите на Макијавели можат да се забележат и во денешниот модерен политички свет. Наменета како подарок за Лоренцо Медичи, Макијавели не е ни свесен каква револуција прави со своето дело, иако неговото дело славата ја добива дури пет години по неговата смрт. Она што е многу интересно е што и ден денес Макијавели предизвикува жестока дебата кога и да се спомене неговото име. За оние кои не ја прочитале книгата, а велат дека ја прочитале, совет од мене: Не спомнувајте дека во книгата се вели „Целта ги оправдува средствата“, бидејќи Макијавели тоа никаде го нема спомнато во својата книга. А ни на други места. Тоа му е отпосле припишано.
9. Библијата (Светото писмо)

Во речиси секоја анкета спроведена од најразлични сајтови, Библијата често се споменува како книга за која луѓето често лажат дека ја прочитале. Според најразлични статистики, Библијата е најпродаваната книга во историјата, а воедно е и правата книга испечатена од Гутенберг.
10. „Одисеја“ – Хомер

Легендарниот историски еп на Хомер, кој го опишува враќањето на Одисеј во родната Итака по завршување на Тројанската војна и авантурите што го следат во текот на патувањето, е книга за која луѓето на интернет често признаваат дека не ја прочитале, а кажуваат дека го сториле тоа. Доживувањата на Одисеј, страдањата кои ги преживува во текот на патувањето, додека неговата верна сопруга Пенелопа го чека и не се откажува од помислата и идејата дека тој сè уште e жив, е едно од најголемите дела некогаш напишани.
~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~
Врз основа на она што често го среќавам на интернетот, составив листа од 10 книги за кои многу често луѓето од вакви или онакви причини лажат дека ги прочитале. Листата е многу поголема, но и 10 книги се сосема доволно, барем за оваа објава. Ве изненади ли изборот? Вие сте излажале ли некогаш дека сте прочитале некоја книга? И дали мислите дека овој избор е соодветен?
