„Сината птица“, поемата на Чарлс Буковски, оригинално е издадена во 1992 година во неговата антологија „Поеми од последната вечер на Земјата“. Ова ремек дело на Буковски зборува за нашата навика да ги криеме и маскираме нашите нежни личности и карактери под маската на цврста, контролирана, одлично исконструирана надворешност.
Оваа прекрасна видео анимација, која е дело на Моника Умба, студент по уметност на Универзитетот Кембриџ, дава посебен шмек и ја оживува магијата на Буковски.

Во продолжение прочитајте ја поемата и погледнете го видеото!
„Сината птица“
Има сина птица во моето срце
што сака да излезе,
но јас сум многу цврст за него.
Му велам, седи тука внатре,
нема да дозволам никој да те види.
Има сина птица во моето срце
што сака да излезе,
но јас го полевам со виски и вдишувам
дим од цигарите,
и курвите и шанкерите и
продавачите во маркетите
никогаш не знаат дека тој е внатре.
Има сина птица во моето срце
што сака да излезе,
но јас сум премногу цврст за него.
Велам,
Седи мирен, дали сакаш да ме зезнеш?
Сакаш да ги уништиш моите дела?
Сакаш да ми пропадне продажбата на книги во
Европа?
Има сина птица во моето срце што
сака да излезе
но јас сум препаметен, го пуштам надвор
само навечер, понекогаш
кога сите ќе заспијат.
Му велам, знам дека си тука,
затоа не биди тажен.
Тогаш го враќам пак назад,
но тој по малку си пее внатре,
не сум го оставил баш да умре.
И ние така спиеме заедно
со нашиот таен пакт
и доволно е фино да
направиш маж да липа,
но јас не липам,
а ти?
Поемата ја преведов на македонски, додека пак англиската, т.е оригинална верзија може да ја најдете тука.
Прекрасната анимација погледнете ја во продолжение!
