На денешен ден, 12 март 1922 година, се родил Џек Керуак, автор на книгата „На пат“, роман кој е еден од најпознатите американски класици и книга која ја дефинираше бит-генерацијата.

Џек Керуак се родил во Ловел, Масачусетс, САД. Неговата писателска кариера ја започнал во 1940 година, но неговиот вистински книжевен успех и пробивање го доживеал во 1957 година, кога ја објавил неговата најпозната книга „На пат“.
Родителите на Керуак, Лео и Габриел биле доселеници во САД од Квебек, Канада и на тој начин Керуак научил француски јазик уште пред да научи англиски. Лео Керуак имал сопствена фотокопирница, а мајка му била домаќинка. Керуак во својот подоцнежен живот го опишал животот во семејниот дом на следниот начин: „Татко ми доаѓа дома од работа, ја разлабавува својата вратоврска и го соблекува својот елек, потоа седнува и јаде хамбургер и варени компири заедно со дечињата и добрата жена.“
Џек Керуак доживеал трагедија во детството, кога летото 1926 година неговиот сакан постар брат Џерард починал кога имал само 9 години. Давејќи се во тагата и жалењето, семејството Керуак уште повеќе се посветило на католицизмот. Пишувањето на Керуак е полно со живописни спомени од неговото присуство и одење во црква како дете: „Од отворената врата на црквата, топла и златна светлина се извиваше од снегот, а звукот од оргулата и пеењето можеа да се слушнат.“
Иако Керуак сонувал да стане писател и да го напише „големиот американски роман“, сепак Керуак го видел спортот, а не пишувањето, како билет за безбедна иднина. Со доаѓањето на Големата депресија, фамилијата Керуак претрпела финансиски тешкотии и таткото на Керуак се свртел кон алкохолот и коцкањето како начин да избега од проблемите. Мајка му се вработила во локална фабрика за чевли за да му помогне на семејството, но во 1936 година, рекатата Меримак се излеала од коритото и го поплавила дуќанот на Лео Керуак. По ова, неговата состојба со коцкањето и алкохолот се влошила и поради неговите постапки семејството потонало во тешка сиромаштија.
Керуак кој во тоа време бил ѕвезда на фудбалскиот тим во неговото средно училиште, го видел фудбалот како свој билет за стипендија за факултет која би можела да му помогне да си обезбеди добра и сигурна работа за да ги спаси финансиите на неговата фамилија.
Тој добил целосна стипендија за фудбал на Универзитетот Колубмија, но претходно морал да оди во подготвителното училиште „Хорејс Ман“ каде првпат почнал сериозно да пишува. Работел и како новинар за весникот на „Хорејс Ман“ и објавил неколку кратки приказни за училишниот весник поврзани со книжевноста.
Во 1940 година започнал да оди на Универзитетот Колумбија како фудбалер и надежен писател. За жал, на еден од првите натпревари ја скршил ногата и морал да го помине остатокот од сезоната на клупа. Иако ногата му заздравила, тренерот наредната година не му дозволил да игра и поради тоа Керуак импулсивно решил да го напушти тимот и се отпишал од факултетот. Откако си заминал од факултетот, извесно време живеел во Њујорк со неговата девојка Еди Паркер и во овој период ги запознал луѓето со кои секогаш ќе биде поврзуван, луѓето кои многу често ги вметнува во своите дела, луѓето кои биле дел од таканаречената бит-генерација: Ален Гинсберг, Нил Кесиди, Џон Клелон Холмс, Хелберт Хунк и Вилијам С. Буроуз.
Во 1943 година се приклучил на морнарицата на САД, но издржил само осум дена пред да биде запишан во листата на болни. Тој самиот велел дека не може да ја издржи морнарицата, едноставно тоа не бил живот што сакал да го живее, па така бил отпуштен со психијатриска дијагноза.
Најпрвин ја издал книгата „Градот” под името Џек Керуак и иако книгата добила солидни критики, сепак продажбата била слаба. Во наредните шест години тој постојано пишувал. Во 1951 година, тој ја завршил својата најпозната и најславна книга „На пат“, која имала работни наслови како „Бит-генерацијата“ или „Заминат на пат“. Иако брзо ја завршил, сепак минало долго време додека да најде издавач што ќе сака да ја издаде. Издавачите најчесто го одбивале затоа што сметале дека неговиот стил на пишување е премногу експериментален и дека покажува сочувствителност кон малцинствата и маргинализираните групи во пост-воена Америка.
Многу уредници не сакале да издадат книга која содржела експлицитни описи на употреба на дрога и хомосексуалност. Во 1957 година конечно ја издал книгата, но голем дел од сексуално експлицитните содржини биле исфрлени и ги сменил имињата на неговите ликови за да избегне тужби.
Неговата втора жена го напуштила во 1951 година и поднела документи за развод додека сè уште била бремена и го родила неговиот единствен син Јан Керуак, кој Џек не сакал да го признае сè додека по девет години не бил направен тест за татковство.
Во текот на неговиот интересен и авантуристички живот, Џек Керуак ги напишал следниве дела: The Subterraneans, Doctor Sax, Tristessa, Desolation Angels, Dharma Bums.
На 20 октомври 1969 година, околу 11 часот наутро, Керуак седел на својата омилена столица, додека пиел виски и ликер, пробувајќи да напише белешки за книгата која ја подготвувал за печатницата на неговиот татко. Одеднаш осетил огромна болка во пределот на стомакот и отишол во тоалет каде почнал да повраќа крв. Бил пренесен во болница каде продолжил да искашлува крв и морал да прима трансфузија. Требало да му се направи операција за да му се врзат пукнатите вени, но неговиот оштетен црн дроб спречил неговата крв да се згрутчи. Керуак починал наредното утро на 21 октомври 1969 година, воопшто и не се разбудил по операцијата.
Неговата смрт, на 47 години, според извештајот, била резултат на внатрешно крвавење предизвикано од цироза, која ја добил заради конзумирањето на големи количества алкохол, заедно со нелечената хернија и тепачката во бар која се случила само неколку недели пред неговата смрт. Тој е закопан на гробиштата „Едсон“ во неговиот роден град.
~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~~
Како предлог-книга за денес, во чест на раѓањето на еден од најпознатите американски автори, ви ја предлагам „На пат“ која на македонски јазик ја има во издание на „ТРИ“.
И за крај, ве оставам со една прекрасна мисла на Џек Керуак:

