Цитати кои погрешно се поврзуваат со Едгар Алан По!

Кралот на меланхолијата и еден од најпрепознатливите ликови во американската книжевност, со своите мрачни, меланхолични и темни поеми и кратки раскази е еден од омилените и најмистериозните ликови во светската книжевност. Неговото препознатливо „Nevermore” одекнува како една од најпознатите стихови во книжевноста. „Гарванот” е едно од ремек-делата во светската поезија.

Како што бидува со секој познат и славен уметник, и Едгар Алан По не е исклучок од правилото да биде постојано цитиран и зборуван. Во ерата на интернетот многу често се случува некоја позната личност (без разлика на изворот на славата и полето на дејствување) погрешно да биде цитирана од луѓето или пак да бидат цитирани мисли и зборови кои тие воопшто и не ги кажале или напишале.

poe1

Овој пат решив да соберам неколку цитати кои многу често му се припишуваат на Едгар Алан По, кои тој никогаш не ги кажал, мисли кои навистина се кажани/напишани/изведени, но не од негова страна, а некои од нив настанале дури и години и години по неговата смрт.

Па да почнам, првиот збир се три цитати кои многу често луѓето ги припишуваат на По:

~ „Некогаш сум преплашен од своето срце, од неговата константна глад за сè она што го сака. Начинот на кој запира и почнува.“ („Исплашено срце“, 2000)

~ „Никој не треба сам да се соочи со подземниот свет.“ („Здраво“, 1995)

~ „Минатото е каменче во мојот чевел.“ („Денес“, 1998)

Овие три цитати се всушност стихови од песни на музичар кој се вика По. Изгледа дека секој меланхоличен или полумеланхоличен стих на музичарот кој е познат како По е доволна причина и изговор за луѓето да го искористат за да речат дека Едгар Алан По ги напишал тие стихови, затоа што многу е покул да се цитира Едгар Алан По, отколку поп-рок музичар од 90-тите.

~~~~~~~~~~~~~~

Следниот извадок, т.е цитат многу често може да го видите на Tumblr и Pinterest (или пак на Google Images) и како истиот му се припишува на Едгар Алан По:

~ „Животите на големите луѓе нè потсеќаат
дека можеме да ги направиме нашите животи возвишени
И кога ќе починеме да оставиме зад нас
отпечатоци на песоците на времето. („Псалм за животот“, 1839)

Сепак, оваа мисла е директен извадок и производ од раката на Хенри Вејдсворт Лонгфелоу. Сè уште не е јасно кога и како луѓето започнале да го поврзуваат овој цитат со Едгар Алан По.

~~~~~~~~~~~~

Следнава реченица, јас лично ја имам видено на мал милион места како цитат на Едгар Алан По и цел живот и самата мислев дека е негова мисла, сè додека не налетав на една интернет страница која ме просветли дека ова воопшто не е реченица на Едгар Алан По. Голема е веројатноста дека сте налетале на реченицава и сте ја прочитале како мисла на По.

~ „Не може да постои исклучителна убавина без мала доза на ексцентричност.“  („За убавината“, 1625)

Во овој случај, забуната во врска со тоа чија е мислата може и да се оправда. Имено, оваа мисла е една од омилените на По и тој многу често ја цитирал и ја пишувал во своите допишувања и писмени комуникации, па затоа и многумина ја сметаат за негова. Инаку, мислата која била една од неговите омилени и која толку радо ја цитирал е всушност мисла на Френсис Бејкон.

~~~~

Ова е една од најинтересните и најсмешни забуни и погрешни цитирања, можеби и во целото постоење на интернетот. Имено, прво прочитајте го извадокот кој се припишува на По:

~ „Дојдете мали дечиња,
Ќе ве однесам далеку, во земјата на Фасцинацијата
Дојдете мали дечиња, дојде времето да си играме
Тука во мојата градина на Сенки
Следете ме слатки дечиња, јас ќе ви го покажам патот.“ („Дојдете мали дечиња“, 1993)

Она што е навистина чудно е фактот што овој извадок е всушност дел од песна од филмот „Хокус Покус“ од 1993 година. Сè уште не е јасно како некој успеал да ја поврзе оваа песна со Едгар Алан По, особено што и стилот на пишување е различен.

Погледнете и сами:

~~~~~~~~~~~~~

Последниот цитат кој го наведувам е можеби и најчудниот од сите горенаведени:

~ „Најдобрите работи во животот прават да се потите.“

Оваа мисла многу често се наведува како мисла на По, иако истата не се појавува никаде во неговите дела и сета зачувана документација на писма и допишувања. Ниту пак има доказ дека истата некогаш била кажана. Дури воопшто и не звучи како нешто што По би го кажал или напишал.

Сепак луѓето продолжуваат да го цитираат, да го ставаат на слики како нешто што тој го кажал. Дури и на најрелевантниот и највлијателен сајт за книги goodreads.com, може да ја најдете мислава со името на По зад неа.

Leave a comment