Речиси и не постои човек на планетава кој нема слушнато за тeлевизиската серија „Пријатели“. Приказната за Чендлер, Моника, Џои, Фиби, Рос и Рејчел и нивните секојдневни случувања, згоди и незгоди е една од најомилените и најпопуларните серии на сите времиња.

И покрај фактот што серијата заврши со емитување во 2004 година, верните обожаватели сè уште се навраќаат на омилените епизоди и сцени благодарејќи на интернетот и YouTube. Повеќето од нив напамет знаат да изрецитираат дијалози или фрази од типот на „How you doin’?“, која постојано ја кажуваше Џои.
За сите оние обожаватели на „Пријатели“, меѓу кои сум и јас самата, овој пат издвојувам пет моменти во серијата кои се поврзани со книги и читање.
1. Чендлер и „Цвеќиња за Алгернон“
Во 12 епизода од 4 сезона, „The One with the Embryos“, Рејчел и Моника играат една игра против Чендлер и Џои која е всушност квиз кој кого подобро знае. Иако првичниот облог е 100 долари, на крај натпреварувачкиот дух прави да се зголемат облозите до тој степен што Чендлер и Џои победуваат и го добиваат станот на Моника и Рејчел, а тие две треба да се преселат во станот на Чендлер и Џои.
Девојките се обидуваат да го вратат станот назад со тоа што се обидуваат да ги поткупат момците со билети за кошаркарски натпревар. Кога Џои дава предлог да се смени станот со билетите, Чендлер му одговара: „Ама не можеме да живееме во малиот стан, откако живеевме овде! Зарем никогаш ја немаш прочитано „Цвеќиња за Алгернон“? („But we can’t live in the small apartment after we’ve lived here! Didn’t you ever read Flowers for Algernon?”)

(сезона 4, епизода 12, „Тhe one with the embryos“)
2. Чендлер и „Пилешка супа за душата“
Во 14 епизода од 6 сезона, „The One Where Chandler Can’t Cry”, Моника и друштвото се обидуваат да го натераат Чендлер да заплаче, но сите обиди им завршуваат неуспешно и му кажуваат на Чендлер дека е „мртов одвнатре“. При крајот од епизодата, Моника го фаќа Чендлер како ја чита „Пилешка супа за душата“ и е целиот разнежен.

(eпизода 14, сезона 6, „The One Where Chandler Can’t Cry”)
3. Фиби и Рејчел дознаваат за „Оркански височини“ и „Џејн Ер“. На некој начин.
Во 9 епизода од 5 сезона, „The One with Ross’s Sandwich”, Фиби ја поканува Рејчел да дојде со неа на часови по книжевност што таа ги посетува. Задачата им е да ја прочитаат „Оркански височини“. Сепак, Рејчел нема да ја прочита, бидејќи не го сфаќа курсот сериозно и ја замолува Фиби да ѝ каже за што се работи, во случај професорката да ја праша и за да не се посрамоти.
Фиби ѝ кажува, а Рејчел потоа токму истото до збор го кажува на часот и професорката е импресионирана. Фиби страшно ќе се изнервира заради тоа. Потоа истото се повторува со „Џејн Ер“. Овој пат Фиби ѝ кажува на Рејчел дека Џејн Ер е киборг. Остатокот е историја.
Погледнете подолу една од сцените, конкретно тука ја избрав таа со „Оркански височини“. 🙂
(сезона 5, епизода 9, The One with Ross’s Sandwich)
4. Рос и Чендлер ќе одат на забава со Гандалф
Во 9 епизода од 4 сезона, „The One Where They’re Going To Party”, Чедлер и Рос добиваат повик од нивниот пријател и „волшебник“ за забави – Гандалф. Тој е во градот, сака да ги посети и им дава предлог да одат некаде на забава.
Рос и Чендлер не можат да ја скријат радоста и како мали деца се радуваат додека другите бледо ги гледаат и не сфаќаат што се случува. Тие ги прашуваат што е финтата со тој Гандалф, додека пак Џои прашува зошто го викаат Гандалф и тогаш се споменува „Господарот на прстените“.

(4 сезона, 9 епизода,„Тhe One Where They’re Going To Party”)
5.Џои ја чува „Сјаење“ во фрижидер, а потоа се согласува да ја прочита омилената книга на Рејчел – „Малите жени“
Во епизодата „The One Where Monica and Richard Are Just Friends“ од третата сезона, Рејчел ја наоѓа книгата „Сјаење“ во фрижидерот на Џои и зачудено го прашува зошто чува книга во фрижидерот.
Џои ѝ кажува дека секогаш кога ја чита книгата и кога ќе се исплаши, ја става во замрзнувачот за да се чувствува безбедно. Ако ништо друго, барем побезбедно. Дури ѝ кажува дека никогаш не почнува да ја чита книгата без да обезбеди доволно простор во замрзнувачот.
Потоа се договараат Рејчел да ја прочита „Сјаење“, а Џои да ја прочита „Малите жени“, која е омилена книга на Рејчел. Џои во свој стил ја прашува: „Колку мали се овие жени? Мислам дали се онака страшни, мали?“
Погледнете комбинација од две сцени со Џои и неговата поврзаност со книгите и замрзувачот.
(сезона 3, епизода 13, “The One Where Monica and Richard Are Just Friends“)
Инаку во текот на целата епизода, дејството и сцените со Рејчел и Џои се вртат околу овие две книги, со тоа што Џои ѝ прави спојлер на Рејчел за неговата книга, а она за возврат го мачи со нејзината книга и отвораат „војна на спојлери“ меѓу нив.
Еве уште една сцена каде Џои се потресува околу книгата, а Рејчел си игра мајтап со него.








(сезона 3, епизода 13, “The One Where Monica and Richard Are Just Friends“)
~~~~~~~~~~~~~~~~~~~
Тука некаде завршува денешната објава. Јас се забавував додека се потсеќав на овие незаборавни епизоди. Вам ви текнува ли на овие сцени?
