Познати книжевни дела напишани во прогонство…

Во текот на историјата многу често се случувало уметниците и интелектуалците да бидат прогонувани во странски држави или пак тие самите да се решат да избегаат и да отидат на друго место. Можеби самите ситуации во кои се наоѓале ги поттикнале писателите, уметниците, научниците, музичарите да напишат некои од нивните најдобри дела. Дигиталниот портал Mental Floss објави листа од познати дела кои биле напишани додека нивните автори биле во прогонство.

Прочитајте кои се тие:

1. Ернест Хемингвеј – „Сонцето повторно изгрева

Откако бил испратен во Франција како дописник од странство за „Торонто Стар“, Хемингвеј толку се заљубил во културата таму, што решил да стане дел од неа. Тој останал во Париз заради „себенаметнато прогонство“ како што милувал да каже, сакајќи да ги истражи сите убавини на Париз. Во тој период, во 1926 година, ја напишал книгата „Сонцето повторно изгрева“. Не е тешко да се претпостави дека делови од книгата имаат автобиографски мотиви, како дијалози од типот на:

Слушај Роберт, одењето во друга држава, не прави никаква разлика. Сум го пробал сето тоа. Не можеш да избегаш од себеси селејќи се од едно на друго место. Нема ништо во тоа.“

2. Оскар Вајлд – „Важноста да се биде искрен“

Оскар Вајлд уживал во голема слава и бил еден од најслaвните уметници во Лондон сè до моментот кога бил притворен заради „содомија“ и „непристојно однесување“. Тој успеал да замине од Велика Британија во 1897 година и живеел во Франција под името Себастијан Мелмо. Уморен, болен и целосно банкротиран, без денар во џебот, доживеал целосна пропаст и затоа заминал во прогонство и земал лажно име инспирирано од едно од неговите дела.

Во Париз ја издал „Важноста да се биде искрен“, но не сакал да добие признанија за тоа и ја издал под псеводнимот „Обожавател на Лејди Виндермер“. Откако ја напишал преставата, признал дека повеќе нема никаква желба за пишување, иако ја засакал претставата и сметал дека завршил добра работа. Сепак потоа целосно се повлекол и престанал да пишува, а по неколку години и починал.

3. Виктор Иго – „Клетници

Заради своите политички ставови и конкретно неговите негодувања за империјата на Наполеон, тој најпрво бил протеран од Франција, а потоа му бил забранет влез и во Белгија и островот Џерси. Во писмо напишано недалеку од својата матична држава, тој напишал: „Прогонството не ме протера само од Франција, тоа речиси ме протера и од планетата Земја.“ На крај, Иго го пронашол својот бедем на гостопримливост и слобода во Гернзи, сосед на Џерси во Англискиот канал.

Тука продолжил со пишување на „Клетници“, дело кое претходно го запоставил заради околностите, но продолжил да пишува и други дела, како и поезија. Многу често, неговите тогашни дела биле полни со мотиви за смртноста. Поради фактот дека тој веќе бил во 50-тите години кога стигнал на островот, тој „стравувал дека неговото моментално засолниште ќе стане негов најверојатен гроб“.

4. Данте Алигери – „Божествената комедија

Како еден од шесте политичари кои владееле со Фиренца, поетот испратил во прогонство неколку свои ривали сè додека и самиот не бил прогонет во јануари 1302 година поради тоа што не го поддржувал Папата. Доколку Данте сакал да се врати назад во Фиренца, морал да плати огромна парична казна, во спротивно би бил запален на клада.

Во периодот од 20 години додека лутал низ Италија, Данте ја создал неговата „Божествена комедија“, дури посветувајќи и дел од неа („Рајот“) за проблемите со кои се соочуваат прогонуваните. Тој никогаш не се вратил во Фиренца, дури и кога казната била намалена на куќен притвор. Градот Фиренца го избриша неговото криминално досие во 2008 година, 700 години подоцна.

5. Пабло Неруда – „Canto General“

Пабло Неруда се смета за еден од најдобрите поети на сите времиња. Габриел Гарсија Маркес за него има кажано: „Пабло Неруда е како кралот Мидас. Сè што ќе допре се претвора во поезија“. Неруда го напуштил Чиле и заминал за Мексико по себенаметнатото прогонство, затоа што неговите промарксистички политички ставови не му помогнале да добие многу сојузници во животот. За време на трите години поминати во Мексико, Неруда ја напишал „Canto General”, стихозбирка која се обидува да направи хронологија на историјата на Јужна Америка во 15.000 редови.

Неруда се вратил во Чиле во 1971 година и ја добил Нобеловата награда за книжевност. Две години подоцна, Неруда за малку ќе доживеел уште едно прогоноство, за време на државниот удар во Чиле во 1973 година кога диктаторство го заменило дотогашното владеење. Амбасадори на Мексико и Шведска се понудиле да го заштитат Неруда и неговата жена. Кога вооружени сили влегле да го пребараат неговиот дом, тој им рекол: „Погледнете наоколу, тука има само една опасност за вас – поезија.“.

6. Сигмунд Фројд – „Преглед на психоанализата

Фројд имал 82 години кога избегал од нацистите и се преселил во Лондон во 1938 година. Во неговиот дом во Лондон, тој напишал книга како збир на целото негово животно дело и го насловил како „Преглед на психоанализата“, кое го започнал уште додека живеел во Виена, пред да замине за Лондон.

Во Лондон пристигнал во јуни, а до крајот на септември 1938 година, веќе имал завршено 3/4 од книгата, но заради неговата борба со ракот и операцијата на која ѝ подлегнал, книгата останала незавршена. Една година по неговата смрт, во 1939 година, незавршената книга е објавена постхумно.

~ Бонус приказни:

Иако следниве дела не се баш дела од книжевен карактер, сепак ми изгледаа како интересни приказни кои заслужуваат да бидат објавени на блогот, па затоа и ги ставив како бонус приказни. 🙂

1.  Алберт Ајнштајн – Писмото „Проектот Менхетен“

Ајнштајн бил познат како тврдокорен пацифист, постојано зборувал против насилството, а има изјавено: „Ги презирам сите војски и секој вид на насилство.“ Ајнштајн успеал да избега од сè поголемата контрола на нацистите во Германија и пребегнал во САД во 1933 година. Шест години подоцна, Ајнштајн, заедно со унгарскиот емигрант Лео Сцилард му испратиле писмо на американскиот претседател Рузвелт за тоа дека постои вистинска закана дека германските научници се во процес на создавање атомска бомба, замолувајќи ја владата да започне со истражување на ураниумот.

Тоа писмо, заедно со состаноците помеѓу Ајнштајн и Рузвелт, го поттикнуваат ланецот настани кои водат до „Проектот Менхетен“ во 1942 година, кој ја прави САД единствената држава вклучена во Втората светска војна која успешно има создадено атомска бомба. Пет месеци пред да почине, во 1954 година, Ајнштајн размислувал за своите животни постапки и искоментирал: „Во животот направив една огромна грешка… кога го потпишав писмото до претседателот Рузвелт препорачувајќи дека треба да се направат атомски бомби; но постоеше одредено оправдување – опасноста дека Германците можат да ги направат.“

2. Фредерик Шопен – „Погребен марш“

Полскиот композитор ја напишал својата композиција во 30-тите години на 19 век кога се преселил во Полска како дел од Големата емиграција. Шопен во Франција ретко јавно изведувал композиции, но се зборува дека неговите колеги кажувале дека тој често свирел во салони и единствен начин да го сопрете било да го натерате да го свири Маршот. Оваа мелодија можеби им е позната и на обожавателите на научна фантастика. „Империскиот марш“, композицијата на Џон Вилијамс која го придружува Дарт Вејдер секогаш кога првпат ќе се појави во „Војна на ѕвездите“ е заснована врз оваа неповторлива мелодија на Шопен.

3. Ролинг Стоунс – „Прогонство на главната улица“

И како за крај, уште една приказна од рок-културата и музиката. Иако не се работи за класично прогонство, сепак Ролинг Стоунс во 1971 година ја напуштиле Британија заради проблеми поврзани со данокот.

Откако работев осум години, сфатив дека на крај никој не ги платил моите даноци и должев цело богатство. Кога ќе го сфати човек тоа, сфаќа дека мора да ја напушти државата.“ – изјави Мик Џегер, фронтменот на групата. „Па така, кажав “зае** и си отидов.

Пред британската Влада да може да го заплени поседот на бендот, тие веќе заминале во Франција. Кога требало да се снима албумот „Exile on Main Street”, Кит Ричард го преобразил подрумот во вилата во која престојувал во студио, користејќи го комбето на бендот кое го користеле за снимање. Во 1972 година, истата година кога излегол албумот, Ролинг Стоунс почнувале да ги користат банките во Холандија, бидејќи според холандскиот закон таму не постоел таков тип на данок.

Leave a comment