Говорот на Ернест Хемингвеј по примањето на Нобеловата награда за книжевност

Ернест Хемигнвеј е еден од најинтересните ликови во историјата на литературата. Тешко дека некој човек не слушнал барем за името Хемингвеј, ако не за неговите дела. Во текот на својата кариера има објавено седум романи, шест збирки со кратки раскази и две нефиктивни дела. Поголемиот дел од нив се сметаат за класици на американската книжевност.

hemingway3

Животот на Хемингвеј е навистина шаренолик. Учествувал на италијанскиот фронт во Првата светска војна како возач на амбулантските возила, но во 1918 година бил тешко повреден и мора да се врати дома. Неговите воени искуства влијаеле врз создавањето на неговата книга „Збогум на оружјето“.

Извесно време живеел во Париз, бил дел од дружината позната како „Изгубената генерација“ и таму ја напишал неговата книга „И сонцето изгрева“. Набргу откако ја издал „Старецот и морето“, книгата која се смета за најзаслужна за доделувањето на Нобеловата награда, тој отишол на сафари во Африка каде избегнал смрт по пад на авион. Хемингвеј речиси целиот живот се борел со депресија и алкохолизам и во 1961година се самоубил.

Хемингвеј ја добил Нобеловата награда за книжевност во 1954 година. Она што е доста интересен податок е дека тој со задоволство ја прифатил наградата, иако во текот на неговиот живот, пред да ја добие, многу често велел дека „никој што добил Нобелова награда не напишал нешто што е вредно да се прочита“.

Во продолжение прочитајте го говорот што го одржал по добивањето на Нобеловата награда за книжевност:

„Немајќи никаков поттик за правење говори, ниту пак талент за ораторство или за кој било домен на реториката, би сакал да им се заблагодарам на домаќините и на љубезноста на Алфред Нобел за оваа награда. Ниту еден писател што знае какви предобри писатели ја немаат добиено оваа награда, не може да ја прими оваа награда на ниту еден друг начин освен со скромност и понизност. Нема потреба да се набројуваат тие писатели. Секој тука може да направи сопствена листа врз основа на своето знаење и совест.

Би било невозможно за мене да го замолам амбасадорот на мојата држава да чита говор во кој писателот ги напишал сите оние работи кои му лежат на срце. Работите не секогаш се забележливи во она што човек го пишува и во ова тој понекогаш има среќа; но на крајот тие сепак се јасни и заради овие работи и степенот на алхемија кој го поседува, тој или ќе опстои или ќе биде заборавен.

Пишувањето, во својата најдобра форма, е осамен живот. Здруженијата на писатели можеби ја намалуваат неговата осаменост, но се сомневам дека го подобруваат неговото пишување. Тој расте во јавноста како фигура додека ја уништува својата осаменост, но најчесто цената за тоа е што многу често трпи неговото творештво. Затоа што тој ја работи својата работа сам и ако е доволно добар писател, тој секој ден мора да се соочува со вечноста или недостатокот од неа.

За вистинскиот писател, секоја книга треба да е нов почеток, во кој тој повторно се обидува да направи нешто што ги надминува претходните постигнувања. Тој секогаш треба да се обидува да направи нешто што никогаш порано не е направено или нешто што другите пред него се обиделе да го направат, но не успеале. Така, понекогаш, со многу среќа, тој успева во тоа.

Колку ќе беше поедноставно пишувањето доколку требаше само да се пишува на поинаков начин од оној што веќе е добро разработен. Тоа е затоа што ние сме имале толку прекрасни писатели во минатото, а писателот се турка многу подалеку од границата каде што може да оди, на место каде никој не може да му помогне.

Говорев премногу долго за еден писател. Писателот треба да го пишува она што сака да го каже, а не да го кажува на глас. Ви благодарам уште еднаш.“

Друг интересен податок е дека по примање на наградата, Хемингвеј се снимал себеси како го чита говорот, а во продолжение може да го слушнете гласот на Хемингвеј и неговиот говор.

Leave a comment