Креативни начини како да ги организирате книгите на вашите полици

За љубителите на книги, никогаш нема доволно место на полиците за книги, па често можете да налетате на хаос и купови книги насекаде во собите. Покрај тоа, полиците секогаш се полни со книги кои најчесто не се организирани на никаков начин, едноставно се распоредени по случаен избор. Некои луѓе сепак се решаваат да посветат внимание на тоа како ги организираат книгите на своите полици.

Во денешниот пост, ќе наведам неколку интересни идеи за распоредување и организирање на книгите на полиците, па доколку имате време и желба, можеби некоја од нив ќе ви послужи и вам при организација на вашата домашна библиотека.

10995678_10152748338443379_4253642631156617828_n

1. Големина/облик

Со овој начин на уредување, можете да правите многу комбинации со изгледот на вашата домашна библиотека. Можете да ги распоредите почнувајќи од најмалата до најголемата книга или пак обратно, од најголемата до најмалата. Можете да направите и комбинации.

Едната половина од библиотеката да биде од најмалата до најголемата книга, а кога ќе стигнете до половината, да продолжите од големи кон најмали книги. А можете и обратно, да започнете од најголемата до најмалата книга до половина, а потоа да продолжите од најмалата до најголемата до крај. Со тоа изгледот на полиците ќе добие шареноликост и ќе добиете вистинско освежување во вашата соба.

2. Азбучен ред

Азбучниот ред е најчеста форма на уредување кај оние кои решаваат да ги организираат полиците. Азбучниот ред може да се јави во две форми:

~ Азбучен ред според името на книгата
~ Азбучен ред според името на авторот

3. Хронолошко подредување

Тука имате најголем избор, дефинитивно.

~ Според годината на издавање: Можете да почнете со онаа која е најстара книга според издавање, како на пример: “Илијада“ или “Одисеја“ на Хомер, а да завршите со онаа која е најнова, како на пример “Грешката во нашите ѕвезди“ од Џон Грин.

~ Според годините и датумите на настаните во книгите: Иако книгата која ја имате е издадена во 2003 година, настаните во неа може да се одигруваат во 16-ти век. Па така, може да се одлучите да ги наредите врз основа на редоследот на настани во книгите. За ова треба трпение и одвоено време, но е прилично креативен и интересен начин за да ги освежите полиците.

~ Според датумот/годината кога сте ја купиле книгата: Доколку водите сметка и помните кога сте ги купиле книгите, ова е исто така интересен начин за уредување на полицата со книги. Воедно и ќе видите како се движел вашиот вкус и вашиот избор на книги во текот на годините.

~ Според датумот/година кога сте ја прочитале: Многу често купуваме книги, но не ги читаме веднаш. Некогаш поминуваат месеци, па и години додека да стигне некоја книга на ред, па може и така да ги распоредувате книгите.

4. Од омилената и најсакана книга до книгата која не знаете зошто сте ја купиле

Во текот на нашите потраги по книги, често налетуваме на изданија кои не’ воодушевуваат и кои ни’ се омилени, ама често правиме и утки (дали своеволно, дали според препорака) и купуваме книги кои откако ќе ги прочитаме не ни’ се погодиле.

Е па во поглед на тоа, можете и така да ја уредите вашата библиотека. Од најомилената книга која некогаш сте ја прочитале и имате во свој посед до најнеомилената книга која не ни знаете зошто сте ја купиле.

5. Според бројот на читања

Има книги кои ги читаме неколку пати во текот на животот, има книги кои ги читаме еднаш, а има книги и кои ги оставаме, бидејќи не ни’ се допаднале. Еве ви идеја како да ги наредите книгите. Од книгата која ви е највеќе пати препрочитувана, до книгата која се’ уште се обидувате да ја почнете. Така, непрочитаните ќе ви бидат блиску до дофат и можеби тоа ќе ве мотивира да ги фатите во рака и конечно да ги прочитате.

6.  Според жанр

Ова е исто така интересен начин за распоредување на книгите. На пример, најлево може да ги сместите стручните книги, кои ќе бидат следени од (авто)биографиите, па потоа историските книги, трилерите, научната фантастика, љубовните романи, итн. Можете да ги распоредувате и врз основа на вашиот омилен жанр. Во овој случај секогаш лесно ќе се снајдете кога ќе ви биде потребна некоја книга.

~~~~~~~~~~~~~~

Еве ова се некои од предлозите кои може да се најдат на интернет, но има и предлози кои јас мислам дека би биле интересни начини за организирање една домашна библиотека. Можеби некоја од овие ќе биде интересна и привлечна за вас. Јас најчесто ги организирам според жанр, најлесно ми е снаоѓање, вие можеби имате друг стил, во секој случај сите си ја љубиме нашата домашна библиотека која е најголемото богатство.

2 comments

  1. Zdravo, e bas ме разочара, каде е функционалноста во организација на книгите, нешто како во професионална библиотека? Ова е само по принципот по српски беше , во превод Од надвор гладац а внатре јадец. Ајде уште еден пост плиз со оваа моја завелешка. позззз

    Like

    • Ви благодарам за коментарот. Ќе се потрудам да напишам една објава и за поинаков тип на организација. Поздрав.

      Like

Leave a comment