Препорака: 5 книги за љубителите на крими-романи и трилери!

Кога станува збор за книгите, секој има свој омилен жанр. Некои сакаат љубовни романи, некои психолошки книги, додека пак некои повеќе сакаат философија. Некои повеќе сакаат да читаат класици, додека пак други сакаат да читаат модерни бестселери. Во секој случај за секого има по нешто.

Овој пат издвоив неколку книги кои верувам дека ќе им се допаднат на љубителите на крими-романите и трилерите. Решив да ги изоставам класиците како книгите на Агата Кристи, се обидов да составам листа од неколку книги за кои можеби не сте слушнале или пак сте чуле, но не сте имале шанса да ги прочитате, чисто како предлози кои би можеле да ве заинтересираат.

1. „Без збогување“ – Линвуд Баркли

Линвуд Баркли во последниве години е еден од најпознатите писатели на крими-романи и психолошки трилери. Оваа книга ќе ве остави без здив и ќе ви го држи вниманието буквално до последната реченица од книгата. Тотално непредвидлива книга, со многу мистерија и заплеткани ликови.

Книгата ја следи Синтија која на 14-годишна возраст, како и секој тинејџер, сака да се бунтува. По бурната расправија со нејзините родители, утредента се буди само за да сфати дека нејзините родители и нејзиниот брат буквално исчезнуваат без трага. Повикана е и полицијата, се трага по нив на секој начин, но не постои ниедно разумно објаснување околу тоа кој би им наштетил или зошто би исчезнале, оставајќи ја Синтија сама.

Години подоцна, таа има брак и ќерка. Сепак, таа постојано се прашува и трага по нејзините родители. По појавувањето во едно реално шоу, одеднаш потрагата добива нов интензитет и открива многу тајни и мистерии.

Книга која навистина многу брзо се чита. Стилот на Баркли е многу интересен и лесен за читање. Оваа книга кај нас можете да ја најдете во Матица.

2. „Ладнокрвно убиство“ – Труман Капоти

Прекрасен трилер, шокантен, брилијантен и остроумен. Приказната е следната: На 15 ноември 1959 година, во мало гратче во Канзас, едно семејство е брутално убиено, ладнокрвно егзекутирано. Нема очигледни мотиви кои би воделе кон нивното убиство, а воедно и речиси нема воопшто траги.

Труман Капоти го реконструира убиството и истрагата и сè што е поврзано со убиството и воедно ја прави целата приказна и тензична и полна со емпатија и за семејството, но и за убијците.

Она што е интересно е што Капоти со оваа книга прави вистинска револуција, односно воведува нов жанр, познат како „true crime”, односно нешто како книжевен крими документарец, бидејќи не се работи само за обичен трилер, туку вистинска реконструкција на едно грозоморно убиство. Тој долго време поминал истражувајќи ги сите детали и интервјуирајќи луѓе поврзани со случајот.

Книгата на македонски јазик е во издание на Магор.

3. „Ејми ја нема“ – Џилијан Флин 

Книгата која направи вистински бум, бестселер кој 38 недели беше на листата на бестселери на Њујорк Тајмс и е преведена на 30 јазици. Сигурно во изминатава година барем слушнавте и за филмската екранизација со Бен Афлек и Розамунд Пајк која беше одлично прифатена од публиката.

Книгата се врти околу Ник и Ејми, брачен пар кој откако ги губат своите работи во Њујорк, се преселуваат во Мисури, за Ник да биде поблиску до мајка му која е болна од рак. На утрото на нивната годишнина, кога треба да прослават пет години од нивниот брак, Ејми исчезнува. Во нивната куќа има знаци на насилство, а никој нема ни најмала идеја за тоа кој би можел да ѝ наштети на Ејми. Ејми е прекрасна, интелигентна, паметна. Навидум сите ја сакаат, освен сестрата на Ник.

Полицијата сè повеќе и повеќе се сомнева дека Ник е замешан во исчезнувањето на жена му, откако се случуваат низа настани кои го ставаат на врвот на листата на осомничени. Во меѓувреме, излегуваат многу тајни од нивниот брачен живот кој бил далеку од совршен.

Интересен психолошки трилер кој многу брзо се чита, лесен стил на пишување кој ќе ве тера брзо да ги вртите страните. Меѓу другото, интересен приказ и за брачниот живот покажан од аспект и на сопругот и сопругата и за тоа колку се тешки човечките односи и колку напор и труд треба да за да се одржуваат, но и колку мрачна може да биде човековата психа.

Книгата на македонски јазик е во издание на Сакам книги.

4. „Случај патоказ“ – Ијан Пирс

„Случај патоказ“ е прекрасна книга, која ја дава поуката дека секој ги гледа и објаснува работите како ги гледа и дека многу често треба да слушнете повеќе верзии, за да ја склопите сложувалката за приказната. Покрај тоа, се дава одлична приказна дека луѓето често паметат или мислат дека паметат работи на кои сведочеле, но многу често ги паметат погрешно. Одлична книга, која многу лесно ќе ја прочитате затоа што стилот на Ијан Пирс е многу интересен.

Приказната се одвива во 1663 година, во Оксфорд. Еден познат благородник е убиен и се дигнува огромна прашина и јавноста бара што побрзо да се најде виновникот. Книгата има 4 наратори кои ја даваат својата верзија од приказната: студент по медицина од Венеција, млад дечко кој сака да ја докаже невиноста на татко му кој бил обвинет за предавство, еден криптографер и еден архивист.
Секој од нив дава своја верзија на настаните и секој од нив тврди дека знае кој е виновникот и посочуваат кон 4 различни личности.

Одлична книга која со задоволство ви ја препорачувам да ја прочитате. Изданието на македонски јазик е на Матица, но последен пат кога проверив не е веќе во продажба, но можете сигурно да ја најдете во библиотека или на старо.

5. Пред да заспијам“ – С. Џ. Вотсон

Уште една книга според која годинава излезе истоимен филм. Главните улоги во филмот ги толкуваат Колин Фирт и Никол Кидман.

Интересен трилер кој ни ја опишува приказната на Кристин, која по мистериозната несреќа на која воопшто не се сеќава, пати од ретка состојба заради која помнењето ѝ трае само 24 часа. Секој ден таа се буди без да биде свесна што ѝ се случува, каде се наоѓа, а целото сеќавање од нејзиниот живот целосно ѝ е избришан. Таа дури не се сеќава и на својот сопруг, кој секој ден ја потсеќа која е таа, кој е тој.

Во меѓувреме таа воспоставува контакт со доктор Неш, кој се обидува да и помогне со тоа што ја тера да води дневник секој ден и да запишува што ѝ се случило и секој ден да ги чита претходните записи. Секако, тој секое утро ѝ се јавува и одново ѝ се претставува и ја потсетува за дневникот.

Полека, но сигурно, Кристин почнува да ја отплеткува мистеријата која се обвива околу нејзиниот живот, нејзиното минато и нејзината несреќа.

Интересен трилер, кој исто така брзо се чита, бидејќи е интересно напишан, а и приказната е несекојдневна.
Книгата на македонски јазик можете да ја најдете во Матица.

~~~~~~~~~~~~~~

Ова се книги кои ги избрав за денес од овој жанр. Лично, секоја од нив се чита брзо и се навистина интересни, особено ако сакате да се изрелаксирате и да не мислите на ништо друго додека ги читате. Се надевам дека некоја од овие предлози ќе ви се допадне и можеби ќе се одлучите да ги прочитате. 🙂

Leave a comment