Речиси и да не постои човек што не сака да патува. Патувањето е прекрасен начин човек да запознае други култури, нови луѓе и да ги проширува своите хоризонти. Луѓето кои сакаат да читаат книги преку книгите се запознаваат со најразлични карактери и најразлични култури. Читањето книга е многу поевтино од патувањето. Уште поубаво е кога ќе се спојат патувањата со книгите, па така постојат многу книги чија приказна е поврзана со патувања и со авантури. За денес избрав неколку книги што со сигурност ќе ја разбудат вашата страст за авантури и љубовта за патувањето. Некои од местата споменати во книгите сигурно ќе се најдат на вашата листа на места кои би сакале да ги посетите во животот.
1. „Под тосканското сонце“ – Франсес Мејс

~ „Имав потреба да го преиспитам својот живот додека запознавам друга култура и да видам повеќе од она што го знам.“ ~
Франсес Мејс, која е позната поетеса, готвачка и писателка за патувања, во оваа книга ја отвора вратата и му покажува на читателот еден нов свет. Таа купува напуштена вила во прекрасната периферија во Тоскана. На многу интересен ја опишува убавината и едноставноста на животот во Италија. Таа создава вкусни јадења од традиционалната кујна и едноставната градина што ја има и сите тие се вклучени во книгата. Книгата ќе ве натера да се вљубите во Тоскана.
2. „Патувањата со Чарли: Во потрага по Америка“ – Џон Штајнбек

~ „Јас сум роден изгубен и не гледам никакво задоволство во тоа да бидам пронајден.“ ~
Во септември 1960 година, Џон Штајнбек го започнал своето патување низ Америка. Тој имал чувство дека ја изгубил поврзаноста со земјата, нејзиниот говор, мирисот на нејзината трева и нејзините дрвја, нејзините бои и светлина, пулсот на луѓето. За да го промени сето тоа, тој решава да тргне на пат за повторно да ја открие Америка и нејзиниот идентитет, придружуван со француската пудла Чарли, возејќи се во пикап камион.
Неговото патување се протега низ речиси 40 држави: северно од Лонг Ајленд до Мејн, потоа низ Средниот запад до Чикаго, поминувајќи ги Минесота, Северна Дакота, Монтана (во која се заљубил) и од Ајдахо до Сиетл, јужно до Сан Франциско и притоа го посетува и својот роден град Салинас и источно ќе помине низ Мохаве, Ново Мексико, Аризона и Тексас и понатаму сè до Алабама, Вирџинија, Пенсилванија, Њу Џерси и Њујорк.
Оваа книга е интимен поглед во подоцнежниот живот на еден од најсаканите автори во американската историја. Прекрасна книга што ќе ви даде нов поглед на Америка и нејзината територија. Прекрасен патепис што ќе го прочитате во еден здив.
3. „Надвор од Африка“ – Карен Бликсен

~ „Кога живееш помеѓу лавови, тогаш знаеш дека си вистински жив.” ~
„Надвор од Африка“ е книга која Карен Бликсен ја има напишано под псевдонимот Исак Динесен. Книгата е своевиден мемоар од времето кога живеела во Африка во периодот од 1914 до 1931 година. Тие години таа го поминала на плантажа за кафе на ридовите во близина на Најроби. Таа од Данска пристигнува во Кенија со нејзиниот сопруг и кога тие ќе се разделат таа останува сама да се грижи за фармата, со повремени посети од нејзиниот љубовник.
По неколку години, кога се сеќава на нејзините години поминати во Африка, таа рекла дека таму научила како да раскажува приказни, бидејќи мештаните многу сакале да слушаат приказни и таа нон-стоп им раскажувала најразлични приказни. Нејзината приказна за авантурите во Африка е приказна која одушевува, а за нејзиниот стил на пишување е прекрасно сликовит.
4. „Пазарот на големата железница“ – Пол Теро

~ „Сè може да се случи додека патувате со воз: добро јадење, пиење, посета од картаџии, интргии, добар сон и монолози на странци кои се обликувани како руски кратки раскази.“ ~
Теро е еден од најдобрите писатели на приказни поврзани со патувања. Неговото прво дело што доживеало голем успех е токму оваа книга која ја претставува неговата одисеја со воз што го носи од Лондон до Токио и назад, додека поминува низ Иран, Виетнам и Сибир. Ако некогаш сте посакале да читате приказна за патувања со возови или сакате да патувате со воз, ова е одлична книга за вас.
5. „Во дивината“ – Џон Кракауер

~ „Сега се движам во дивината.“ ~
Во април 1992 година, младо момче од добро ситуирана фамилија стигнува до Аљаска со автостоп и потоа сам оди во дивината. Неговото име било Кристофер Џонсон МекКендлс. Тој ги дал сите свои пари, заштеда, автомобил, сè што имал и решил да создаде сосема нов живот за себе. Четири месеци подоцна, неговото мртво тело било пронајдено од ловци.
Оваа книга го следи животот на Кристофер во дивината, што правел, како се снаоѓал и е одлично четиво за сите кои сакаат авантури. Заснована е врз вистинска приказна, но се разбира, самиот автор со својата имагинација ги замислува овие работи, бидејќи многу малку се знае за Кристофер и тој период. Има и филмска екранизација која беше и повеќе од успешна, на чиј саундтрак се потпиша Еди Ведер.
