Филмови за кои можеби не сте знаеле дека се засновани на книги!

Холивуд многу често се решава да се послужи со книги како инспирација за филмови, прилагодувајќи ги приказните за големото платно. Љубителите на книги се најжестоки критичари на филмовите направени според книги, бидејќи додека ја читаме книгата секој од нас си има своја замисла за приказната на книгата и нејзините ликови и често замислата на режисерот не се поклопува со замислата на читателите. Како и да е, има примери и за многу успешни проекти кога книгите биле претворени во филмови.

Денешната објава е посветена на неколку филмови за кои можеби и не сте знаеле дека се засновани врз книги.

1. „2001: Одисеја во вселената“

Филмот и книгата се создавани напоредно, иако книгата e објавена по премиерата на филмот. Приказната во книгата и филмот се заснова и е инспирана од неколку кратки приказни на Артур С. Кларк, но главната инспирација е црпена од кратката приказна „Сентинел“, која зборува за откривање на вонземјански артефакт на Месечината.

2. „Бен Хур“

Не само што сите верзии на Бен Хур се засновани врз истоимената книга на Лев Валас, туку истата книга била најпродаваната книга во Америка сè додека не излегла книгата „Одвеано со виорот“.

3. „Појадок кај „Тифани““

breakfast-at-tiffanys-audrey-hepburn

Еден од најпопуларните филмови на сите времиња, филмскиот класик со Одри Хепберн во главната улога е всушност филмска екранизација на книгата на Труман Капоти, која го носи истото име. Филмот доживува толкава популарност, што малкумина знаат дека всушност е направен според книга.

4. „Чудниот случај на Бенџамин Батон“


Екстремно популарниот филм со Бред Пит во главната улога, кој излезе во 2008 година, всушност е заснован на расказот на Ф. Скот Фицџералд објавен во збирката раскази „Чудниот случај на Бенџамин Батон и други раскази од времето на џезот“ од 1922 година.

5. „Умри машки“/ „Умри машки 2“/ „Умри машки 4“

Едни од најлегендарните акциони филмови преку кои Брус Вилис стана најпрепознатлив е всушност екранизација на книга. Првиот дел е екранизација на книгата „Ништо не трае вечно“ од Родерик Торп, вториот дел на „Умри машки“ е екранизација на книгата „58 минути“ од Волтер Вејгер, а четвртиот дел е екранизација на статија која била издадена во списанието „Wired”, наречена „Збогум на оружјето“.

6. „Егзорцистот“

Писателот Вилијам Питер Блати решил да ја претвори својата книга во сценарио, откако наводно претходно ја напишал книгата врз основа на вистинска приказна.

7. „Ајкула“

827fb8e63dfa13d772de937ec1043ad2

Иако и самиот постер на филмот кажува дека е заснован врз бестселер, сепак ретко кој знае или се сеќава на овој факт и многумина, особено оние од помладите генерации, воопшто немаат поим дека се работи за екранизација на книга.

9. „Пиратите од Карибите“

Ова можеби е и најинтересната приказна од сите. Филмот „Пиратите од Карибите“ е заснован на основа на тематскиот парк кој го има во Дизниленд, кој пак е заснован на филмот „Островот со скриеното богатство“ од 1950 година, кој е всушност екранизација на истоимената книга на Роберт Луис Стивенсон.

Но, приказната не застанува тука. И книгата е напишана на основа на мапа која Стивенсон ја нацртал заедно со својот посинок. Сепак, тој ја изгубил првичната мапа и морал да црта нова за книгата. Па така, „Пиратите од Карибите“ е всушност филм заснован на тематски парк заснован на филм заснован на книга која е заснована на мапа.

8. „Скарфејс“

Филмот за Тони Монтана, кој и ден денес е еден од најпрепознатливите филмови на Ал Пачино и еден од филмовите кој ги одбележа 80-тите години на минатиот век е всушност одлична книга на Армитеј Трејл.

И? Се изненадивте ли од изборот и од филмовите наведени во денешниот текст?
Би прочитале ли сега некоја од овие книги, знаејќи дека се одговорни за создавањето на феноменални филмски класици?

Leave a comment