Предлог – листа за читање: Книги кои добиле Пулицерова награда (8)

Денес е последниот ден од април, одличен ден за одбирање на следните книги кои сакате да ги прочитате. Како и секоја недела, следува предлог-листата на Кафе и книги која содржи книги кои добиле Пулицерова награда.

Доколку не сте ја следеле рубриката, претходните предлози можете да ги прочитате тука, тука, тука, тука, тука, тука и тука.

А сега одиме со следните пет предлози:

1. „Ароусмит“ – Синклер Луис

~ „Една од најголемите трагедии е тоа што ништо не е поболно од љубовта на старите пријатели кои всушност никогаш и не биле пријатели.“ ~

Книгата која ја добила Пулицеровата награда во 1926 година го следи животот на Мартин Ароусмит, обично момче чиј прв контакт со медицината го има на свои 14 години, кога во неговиот роден град станал асистент на еден доктор кој бил пијаница. Леора Тозер е жената која му го прави животот прекрасен и исклучителен. Со љубов и ажурност, таа му помага да ги надмине сите пречки и стравот од ризик со цел да го следи она за кое е роден – да биде истражувач и научник. Дури и нејзината трагична смрт не може да го намали нејзиното влијание врз животот на Мартин.

По многу години работење како доктор од мал град и научник, Ароусмит тргнува на пат со серум кој треба да спречи епидемија. По низа трагични настани, тој почнува да си го преиспитува животот.

2. „Бунтот на бродот Кејн“ – Херман Воук

~ „Запамети го ова, ако можеш; нема ништо, ама баш ништо што е поскапоцено од времето. Најверојатно мислиш дека имаш неограничени размери од него, ама немаш. Изгубените часови ти го уништуваат животот и на почетокот и на крајот – само што на крајот тоа станува многу поочигледно.“ ~

Оваа книга, која со текот на времето доби статус на вистински класик, ја доби Пулицеровата награда во 1952 година. Приказната на книгата нè носи на почетокот на Втората светска војна кога морнаричкиот офицер Јонсон ја презема командата на бродот  од нестабилниот командант Куег и поради таа постапка подоцна е испратен на воен суд.

Прекрасна книга која ја опишува приказната за односот на командантот со неговата екипа, за војната, човечките размислувања, времето кое поминува… Одлична книга која секој би требало да ја прочита во животот.

3. „Куќа создадена од зора“ – Н. Скот Момадеј

~ „Се прашуваше што беше неговата тага и не можеше да се сети.“ ~

Прекрасна приказна за младиот Индијанец Абел, кој живее во два света. Едниот свет е светот на неговиот татко, врзувајќи го за ритамот на времињата, суровата убавина на земјата и екстазата од дрогата наречена пејоти. Другиот свет е светот на 20 век, полн со сексуални експериментирања, дивеење и немир. Кога си доаѓа дома од војна во странство, тој е човек кој се распаѓа и живее во сопствениот пекол. Книгата го доби Пулицерот во 1969 година.

4. „Повик за Мемфис“ – Питер Тејлор

„Повик за Мемфис“ е книга која нè запознава со семејството Карвер кое потекнува од Нешвил, а сите освен Филип, живеат во Мемфис, Тенеси. Во квечерините на една недела во март, уредникот на книги Филип Карвер добива итен телефонски повик од секоја од неговите постари, немажени сестри. Тие го молат Филип да го разбеди неговиот татко кој останал вдовец, од повторна свадба со многу помлада девојка.

Иако не сака да се вовлекува во семејните драми, сепак се согласува да се врати на југ, каде ја дознава вистинската причина за грижите на неговите сестри. Додека е таму, тој мора да се соочува со неговите доминантни сестри, силниот патријахат и поплавата од спомени предизвикана од неговото мачно минато.

Книгата ја доби Пулицеровата награда во 1987 година.

5. „Познатиот свет“ – Едвард П. Џонс

~ „Сите сме вредни еден за друг.“ ~

„Познатиот свет“ ни ја доловува приказната на Хенри Таунсенд, црн фармер и поранешен роб кој наоѓа свој тутор и заштитник во Вилијам Робинс, најмоќниот човек во округот Манчестер, Вирџинија. Осигурувајќи се дека никогаш нема да го прекрши законот, Таунсенд ги врши своите работи со неверојатна дисциплина. Но, кога неочекувано ќе почине, неговата вдовица не може да го одржи редот на поседот и избива хаос. Оваа книга подеднакво ја сакаат и критичарите и читателите и ја доби Пулицеровата награда во 2004 година.

2 comments

Leave a comment