Ерик Артур Блер или човекот што денес сите го знаеме како Џорџ Орвел, е еден од најгенијалните автори во книжевноста, човекот што го одбележа 20 век со неговите „1984“ и „Животинска фарма“. Неговата остроумност, критичност, доследност и цинизам го направија славен и многу почитуван ширум светот. Неговите книги секогаш предизвикувале контроверзија, а во некои држави биле и забранувани.
Речиси нема човек што не слушнал за Џорџ Орвел, а љубителите на книжевноста се многу добро запознаени со неговиот лик и дело.

Меѓу останатите автори и писатели, има од оние што бескрајно го почитувале и сакале, но има и од оние што навистина не го сметале за ништо посебно или го презирале.
Во денешната објава можете да прочитате дел од мислењата за Орвел од неговите колеги од светот на писателите…
~ „Неговиот стил на пишување го сместува во категоријата на бесмртните, а неговата храброст како критичар ги надживува сите горчливи битки во кои земал учество.” – Кристофер Хиченс
~ „Зборот „Орвелски“ е застрашувачки пример за судбината која еден исклучителен писател може да ја доживее кога ќе падне во рацете на новинарите.“ – Клајв Џејмс
~ „Оној Орвел кој Англичаните го кренаа на ниво на светец е потомок на „клоцачот на камења“, „јадачот на говедско“, здраворазумскиот доктор Џонсон.“ – Џулијан Барнс
~ „Многу често чувствувам дека никогаш повторно нема да земам книга на Орвел во рака, сè додека не прочитам искрена дискусија за нечесноста и хистеријата што ги следат неговите најдобри дела.“ – Кинглси Амис
~ „Не можам да ѝ одолеам на идејата дека интелектот и духот на Орвел беа скршени од хоророт на времето во коешто живеел.“ – Салман Ружди
~ „Според мене „1984“ е популарна затоа што e тривијална и затоа што е напишана за нашите непријатели. Ако Орвел се фокусираше на друг проблем – на нас – неговата книга немаше да биде популарна… најверојатно немаше ни да се објави.“ – Ноам Чомски ~
~ „Го сакам пишувањето на Орвел исто како што ќе го сакам пишувањето и на следниот талентиран медиокритет.“ – Вил Селф ~
~ „Тој е популарен затоа што е конзервативен, затоа што е песимист кој не ги сака многу жените и знае многу малку за работничката класа.“ – Беатрикс Кемпбел ~
~ „Тој ја имаше неверојатната способност да го постигне тоа што секој новинар го бара. Тој можеше да ја кажува вистината.“ – Џереми Паксман ~
~ „Тој не можеше да го издува носот без да морализира за состојбите во индустријата за производство на марамчиња.” – Кирил Коноли ~
~ „Секогаш ќе му бидам благодарна на Орвел затоа што многу рано ме предупреди за опасните зони кои се обидував да ги препознавам уште тогаш.“ – Маргарет Атвуд ~
