Книжевноста секогаш го наоѓала своето место во филмовите. Без разлика дали се работи за екранизација на некоја книга или истата е земена како инспирација, книжевноста има многу важно место во филмската уметност. Многу често во љубовните приказни и љубовните драми, некои од главните ликови од филмот рецитираат љубовни поеми за да ја докажат и покажат својата љубов. Пред некое време имав објава за познати личности кои рецитираат познати поеми, а денес пред вас имате неколку прекрасни поеми кои се изрецитирани од страна на ликови од филмски приказни.
1. Поемата „Ample made this bed“ во филмот „Изборот на Софи“
Филмот од 1982 година во кој главната улога ја игра феноменалната Мерил Стрип, всушност е екранизација на истоимената книга на Вилијам Стајрон. За овој филм, Мерил Стрип го доби Оскарот за главна женска улога. Во екранизираната верзија, младиот писател Стинго ја рецитира познатата поема „Ample made this bed” од познатата американска поетеса Емили Дикинсон, која ѝ е омилена поетеса на Софи (Мерил Стрип).
2. Поемата „Мртвата жена“ во филмот „Вистински, лудо, длабоко“
Во филмот од 1990 година, во кој главните улоги ги толкуваат Алан Рикман и Џулиет Стивенсон, има една сцена во кои двајцата ја рецитираат прекрасната поема „Мртвата жена“ од Пабло Неруда. Алан Рикман ги рецитира оригиналните стихови на шпански јазик, додека пак Џулиет Стивенсон го рецитира англискиот превод.
Напомена: Доколку сакате да го погледнете видеото, кликнете на него и отворете го во посебен таб.
3. Поемата „Тишина“ во филмот „Пијано“
Овој прекрасен и трогателен филм од 1993 година за глувата пијанистка и нејзината ќерка не остава никого рамнодушен. Како шлаг на тортата доаѓа и поемата „Тишина“ од Томас Худ која има симболично и прекрасно значење при крајот од филмот.
4. Поемата „Празните луѓе“ во филмот „Апокалипса сега“
„Апокалипса сега“ е еден од филмските класици што секогаш ќе останат запаметени и секогаш сакани. Филмот излезе во 1979 година, и дејствието е сместено во ерата на Виетнамската војна, но голем дел од филмот е инспириран од книгата „Срце на темнината“ од Џозеф Конрад. Во текот на филмот, ликот кој го толкува Марлон Брандо ја рецитира познатата поема на Т.С Елиот, „Празните луѓе“.
5. Поемата „Погребни таги“ во филмот „Четири венчавки и погреб“
Британската романтична комедија од 1994 година во која главната улога ја толкува Хју Грант е хумористична, но нежна приказна за потрагата по љубов. Хју Грант е во потрага по својата љубов за време на четири венчавки и еден погреб. За време на погребот, поемата „Погребни таги“ од В. Х. Оден се рецитира во чест на починатиот.

