10 чудни (но вистинити) факти за сер Артур Конан Дојл!

Сер Артур Конан Дојл, творецот на еден од најпопуларните ликови во книжевноста – Шерлок Холмс, е роден на 22 мај во 1859 година во Единбург, Шкотска. Пред 156 години се родил еден од најпознатите писатели ширум светот, а вљубениците во крими и детективски романи му се многу благодарни за создавањето на Шерлок Холмс.

За таа цел, веб-страницата „Goodreads“ која е посветена на книжевноста и книгите и има милиони корисници ширум светот, на својот блог одвои десет чудни, но вистинити факти за сер Артур Конан Дојл.

1.  Го споредувал Шерлок Холмс со јадењето „foie gras”.

Дојл навистина многу го мразел ова јадење (инаку ова е јадење кое се прави од џигер на гуска, м.з). Во една прилика му се доверил на еден свој пријател: „Толку сум предозиран од Холмс што кон него имам чувства какви што имам кон „pâté de foie gras“, од кое еднаш толку многу се прејадов, што денес и самото име ми предизвикува мачнини.“

2. Ја имаме можноста да ги читаме неговите дела и да живееме во измислениот свет на Дојл, само заради тоа што му пропаднала кариерата како доктор.

Ако не ви успее докторската кариера, секогаш можете да станете светски познат автор. Откако дипломирал на Универзитетот во Единбуг и откако бил хирург на брод, Дојл отворил своја ординација во која речиси никој не влегувал и почнал да пишува за да си го пополни слободното време.

(плакетата во негова чест на Универзитетот во Единбург)

3.  Дојл и Џ.М Бери, авторот на „Петар Пан“ биле во истиот тим во крикет.

Тимот се викал Allah-Akabarries, комбинација од името на Бери и арапска фраза што значи „Нека ни помогне Бог“. Тие двајца се запознале додека биле на факултет и останале пријатели до крајот на своите животи.

4. Има купено кола, иако претходно никогаш немал седнато зад воланот. 

Дојл бил прочуен како еден од британските проминентни мотористи и набргу ја заменил формата на транспорт која тогаш била во подем и се пријавил на натпревар во 1911 година.

5. Потрошил милион долари за да го убеди  светот дека самовилите постојат.

Не само што Дојл верувал дека самовилите постојат, туку неуморно работел за да ги убеди и другите да веруваат во самовили. Тој потрошил милион долари за да ја докаже автентичноста на озогласените фотографии од самовилите од Котингли. Секако, повеќето биле скептични и верувале дека тоа било само измама, но тој подоцна ја напишал книгата „Доаѓањето на самовилите“.

(една од озогласените фотографии од “Самовилите од Котингли“)

6. Не ја добил неговата титула заради Шерлок Холмс.

Кралот Едвард VII му ја дал титулата како признание за неговиот памфлет во кој ги брани британските постапки во Јужна Африка за време на Боеровата војна.

7. Тој бил детектив-аматер.

Кога не пишувал за Шерлок Холмс или за самовили, Дојл се обидувал на своја рака да реши неколку случаеви со методот што тој го нарекувал „Методот на Холмс“. Во „Чудниот случај за Оскар Слејтер“, вистински случај кој се случил во вистинскиот свет, тој откривал нови докази и повторно повикувал сведоци – иако шкотските власти не биле баш обожаватели на неговите теории.

8.  Дојл и Хари Худини го прекинале пријателството поради посредници кои комуницираат со мртвите

Нивното пријателство покажало слабости уште од самиот почеток, кога Дојл, фантазер и обожавател на сѐ што е мистично и доаѓа од „другиот свет“, инсистирал дека неговиот пријател го имал божествениот талент за дематеријализирање и исчезнување. Кога вечниот скептик Худини почнал да ги разоткрива посредниците, т.е оние кои тврдат дека комуницираат со мртвите и тоа на сцена, нивното пријателство исчезнало засекогаш.

9.  Ако сакате да му направите вистинска чест и да го правите она што Дојл го посакувал, помнете го по неговите дела за психата и јасновидците, а не по неговите детективски романи.

Десет од неговите шеесет книги се поврзани со духовноста и како што стареел, тој постојано повторувал дека неговото творештво и неговите дела за психата и јасновидството треба да бидат неговото најголемо наследство.

10.  Неговите последни зборови биле наменети за неговата сопруга, на која нежно ѝ се обратил со зборовите: „Ти си прекрасна“.

Дојл починал во неговиот дом на 7 јули 1930 година. Неговата сопруга со која бил заедно 23 години, Жан Елизабет Леки, била покрај него во моментите кога починал.

Leave a comment