Што го поттикнало Фицџералд да ја напише „Големиот Гетсби“?

И покрај тоа што кај голем дел од помладата популација е познат како оној филмот со Леонардо ДиКаприо, сепак „Големиот Гетсби“ е еден од најпопуларните американски класици на сите времиња. Книгата, благодарејќи на прекрасниот стил на пишување на Фицџералд, магично ни ја доловува Америка и американското општество за време на прохибицијата.

Гламурот, дивите забави, богатството и расипништвото – сè е тоа дел од светот кој ни го претставува Фицџералд, кој и во приватниот живот многу бил љубопитен и заинтересиран за овој свет и заедно со својата сопруга Зелда биле познати ко страсни обожаватели на забави и гламур, па дури и Хемингвеј, кој бил негов пријател, се шегува за тоа во своите писма до него.

Приказната за издигнувањето и пропаста на Џеј Гетсби, приказна за љубовта и за границите кои човек е подготвен да ги премине во нејзино име, како и тоа дека секоја непромислена постапка има последица и дека некогаш животот знае да создаде сплетки од кои е многу тешко да се отплеткаме.

Оваа книга добива светска слава дури по смртта на Фицџералд. Оваа книга е привлечна пред сè’ и заради начинот на кој Фицџералд го опишува и раскажува за светот на Гетсби, а крајот е напишан на начин на кој секој читател мора да чувствува емпатија и непријатност заради судбината и начинот на кој животот знае да биде ироничен.

Годинава се навршија 90 години од објавувањето на „Големиот Гетсби“ и се чини како нејзината актуелност да се зголемува со секоја година. Нови анализи, аспекти и агли за разгледување на овој американски класик постојано извираат. Дебати, документарци, коментари – се чини дека книгава се повеќе ги маѓепсува читателите и новите генерации.

Меѓу другото, минатата година излезе книгата „Безгрижни луѓе: Убиство, хаос и создавањето на “Големиот Гетсби“ од авторката Сара Чрчвел, која го истражува животот на Фицџералд во периодот кога тој започнал да ја пишува книгата „Големиот Гетсби“. Сара Чрчвел е писателка, книжевен критичар и професор по американска книжевност на еден универзитет во Велика Британија. Во својата книга, таа го истражува периодот кој Фицџералд го поминал во Њујорк и како тој влијаел на него, но и како убиството на двајца љубовници во Њу Џерси го инспирирало да ја напише оваа безвременска книга.

Како што споменав погоре, Зелда и Скот Фицџералд обожавале луди забави, постојано правеле узбуна и хаос каде и да се појавеле и биле доста контроверзна двојка која го обожавала вниманието и го обожавале фактот дека биле исклучително популарни и се појавувале по весници.

Во 1922 година, Фицџералд бил на врвот на славата, млад, 26 годишен, сакан и славен автор и се вратил во Њујорк по повод издавањето на својата четврта книга „Приказни од добата на џезот“. Фицџералд бил типичен претставник на својата генерација – млади безгрижни луѓе со желба за забава. Соодветно на тоа, Њујорк за него бил олицетворение на неговите желби, па заедно со неговата сопруга на крајот од 1922 и почетокот на 1923 година владееле со друштвената сцена во Њујорк и воделе бурен живот со многу забавување, караници, скандали, интриги и сообраќајки.

Во времето кога Фицџералдови се враќаат во Њујорк, целиот град е потресен од веста за ужасното убиство кое се случило во Њу Џерси, кое ја достигнало таа слава благодарејќи и на ужасната истрага од страна на полицијата. Денес никој не се ни сеќава на тоа убиство, ниту пак е нешто особено значајно, но во тоа време било именувано како „убиство на декадата“. Убиството добило толку голем публицитет, што со недели не се симнувало од насловните страни на весниците.

На 14 септември 1922 година, телата на Едвард Хол, 41-годишен свештеник од Њујорк и Еленор Милс, 34-годишна пејачка во црковниот хор, биле пронајдени на еден плац во една фарма близу Њу Џерси. Се работело за двојно убиство и заедно со останатите елементи како прељуба, забранета љубов, скандал, нестручни декетиви и ексцентрични сведоци на кои и не можело баш да им се верува, сето ова било совршена подлога за случајот да биде топ тема во жолтата штампа. Случајот со години се влечел по весниците и никогаш не бил решен. Она што било познато е дека и двајцата биле убиени со пиштол. Двајцата биле застрелани во глава, Хол еднаш, Милс дури три пати. Визит картата на Милс била ставена на неговото чело, а љубовните писма кои љубовниците си ги праќале меѓусебно биле оставени насекаде околу нивните тела.

Во време на нивната афера, двајцата биле во брак. Хол со Франсес Стивенс Хол, 48-годишна наследничка на огромно богатство, а Милс со 45-годишниот црковен чистач, Џими Милс. За Едвард секогаш се зборувало дека се омажил од корист и речиси било јавна тајна дека Еленор била негова љубовница. Местото каде што биле откриени во тоа време било познато како место каде љубовници се наоѓале за малку приватни моменти и интимност. Сведоците биле исто така контроверзни. Сопругата на фармерот кој го поседувал местото постојано ги менувала исказите, особено кога некој новинар ќе ѝ побарал изјава. Била желна за внимание и слава и постојано измислувала и додавала детали, па затоа и никој не ја сфаќал сериозно.

Во тоа време, зачудувачка била некомпетентноста при истражување на случајот. Немало обдукција на телото, дури и во записите не пишувало дека телото на Еленор било садистички масакрирано – детали кои се дознале откако судот наредил ексхумација. Полицијата не внимавала на местото на злосторот, многу докази биле уништени и што е најчудно, на јавноста ѝ било дозволено да оди на местото во потрага по „сувенири“. Имало огромни озборувања дека сопругата на убиениот и нејзиното семејство, кои биле исклучително богати, ја подмитиле полицијата и ги потегнале сите врски кои ги имале за да ја попречат истрагата, особено поради тоа што таа и нејзините браќа биле главни осомничени.

Вистината никогаш не се дознала, но според Чрчвел, која во книгата користи документи, весници, изјави и останати докази и прави реконструкција на настанот, овој настан кој толку бил јавен не е возможно да останал незабележан од страна на Фицџералд и дека иако голем број детали се разликуваат, сепак има повод за сомневање дека овој настан доста влијаел на развивање на приказната во „Големиот Гетсби“.

Дали е можно адвокатот од Синсинати да бил моделот според кој е изграден ликот на Гетсби?

Покрај верзијата со убиството, има многу други приказни и претпоставки, а една од нив, која мене барем ми беше многу интересна и сметав дека заслужува да биде во овој текст, е приказната дека адвокатот Џорџ Ремус бил инспирацијата на Фицџералд за создавање на ликот на Џеј Гетсби.

Има доста сличности во нивната приказна, но можеби се работи и само за коинциденција.

На 14 години ја издржувал неговата фамилија со работа во аптека, на 19 ја купил аптеката, а на почетокот на своите 20-ти години купил уште една аптека, пред да се одлучи да стане адвокат кога имал 24 години. Специјализирал кривично право и најмногу работел на случаеви со убиства и бил доста успешен со оглед на тоа дека заработувал 50.000 долари годишно, што во 1920 година било огромна сума.

Во време кога Конресот на САД забранил алкохол т.е негова продажба и настапува ерата на прохибицијата, Ремус согледал дека голем дел од неговите клиенти прават многу пари од криумчарење алкохол и продавање на црно, па тоа го поттикнало да го проучи Законот за прохибиција и притоа нашол неколку дупки во законот кои совршено му се вклопиле во планот.

Неговото искуство во фармација му дошло одлично кога сфатил дека може да купува алкохол за себеси земајќи дозвола од власта поради „здравствени причини“. Потоа неговите вработени „без негово знаење“ го краделе алкохолот и го продавале. Кога стигнал во Синсинати, тој речиси го откупувал целото виски во оптек. Во период од 3 години заработил 40 милиони долари, што во денешно време би биле околу 900 милиони долари.

Обожавал да биде домаќин на забави и често ги организирал, имал многу познаници и пријатели. Обожавал да го покажува и да се фали со своето богатство – живеел во раскошна, прекрасна и најлуксузна куќа со најдобра и најскапа декорација. Бил великодушен со своите пријатели, им подарувал најскапи подароци и обожавал да ги разгалува тие што ги ценел и сакал. Тој и својата жена организирале дочек на Нова Година во 1922 година и како подароци за гостите кога си заминувале од забавата наредното утро, тој им подарил дијамантски часовници на мажите, а на жените сосема нови автомобили.

Иако бил великодушен и постојано организирал забави, тој бил доста интровертен и многу често за време на забавите се повлекувал во својата приватна библиотека. Познато ви е од некаде? 🙂

Инаку во 1925 година тој завршил во затвор, иако бил познат по тоа што нон-стоп ги подмитувал властите. Ја издржувал 4-годишната казна и во затворот се здружил со Френклин Доџ на кој му се доверил како и каде го крие своето богатство од властите. Доџ всушност бил прикриен ФБИ агент и кога го дознал ова, си дал отказ и отишол во Синсинати каде ја завел жената на Ремус и ѝ помагал да потрошат поголем дел од богатството на Ремус. Таа ја продала неговата вила и сите работи кои ги поседувал и му оставила само 100 долари.

Ремус излегол од затвор и поднел барање за развод, но на денот на судењето ја фатил во тесно и ја убил пред цела шокирана толпа народ. Се разбира, ова било национален спектакл. На крајот од судењето бил прогласен за невин врз основа на лудило, но сè било многу сомнително земајќи предвид дека Ремус организирал забава по повод ослободувањето на која се забавувал со 12-те поротници од судењето. Бил во санаториум многу краток период и бргу го пуштиле.

Умрел од природна смрт во 1952 година.

Фицџералд имал и прилика да го запознае овој човек и наводно бил воодушевен од неговиот лик и карактер, а запознавањето било приближно во периодот кога тој започнал со пишување на „Големиот Гетсби“. Дури се зборува дека на времето кружела фотографија од шефот на полицијата, Фицџералд, Ремус и Капоне како седат заедно на маса и се забавуваат.

Никогаш точно не се дознала вистинската инспирација за книгата, но таа и ден денес е плодна почва за многу теории. Секако може и вистината да е комбинација од неколку теории затоа што никој не бил во главата на Фицџералд за точно да знае, а како што е засега познато, нема докази дека некаде ја навел неговата инспирација.

Но, во меѓувреме, додека светот трага во инспирацијата за Гетсби, можеме да истражуваме и да читаме, па и да држиме и наша сопствена страна. Од сите теории, овие две ми изгледаа како најинтересни, па затоа и денес ви ги презентирам.

Leave a comment