Напишаната книга често предизвикува најразлични емоции и има најразлични приеми. Некогаш читателската публика ги обожава и мнозинството се согласува дека е одлична книга, некогаш книгата е одбиена од мнозинството читатели и не им се допаѓа од најразлични причини. Но, многу често има и книги каде публиката е поделена и има многу дебати во врска со содржината, употребата на пцости или пак за самиот автор.
Денес налетав на еден многу интересен инфографик кој верувам дека и вам ќе ви биде интересен. Имено темата на инфографикот се најконтроверзните книги во светот. Книги кои секогаш креваат прашина и создаваат контроверзија кога и да се споменат некаде.
Иако лично сметам дека листата со контроверзни книги е доста поширока, на оваа тема ќе се навратам во некоја следна прилика, а овој пат покрај инфографикот ќе додадам и кратко објаснување за содржината и зошто се сметаат за контроверзни.
Книгите претставени во инфографикот се:
1. „Лолита“ – Владимир Набоков (1995)
Верувам дека голем дел од вас слушнале барем за оваа книга, по која е снимен и филм кој исто беше доста контроверзен за јавноста, заради тоа што главна тема во книгата е Хамберт кој се заљубува во 12-годишната Лолита. Секако, јасно е зошто е толку контроверзна и иако е издадена пред 20 години, се’ уште предизвикува жестоки дебати меѓу читателската јавност.
2. „Сатански стихови“ – Салман Ружди (1988)
Оваа книга не само што предизвика контроверзија, туку и заради неа Салман Ружди беше осуден на смрт и мораше да бара азил во западните држави. Денес живее во Англија и успешно ги избегна сите напади и закани по неговиот живот затоа што муслиманските верници беа навредени тврдејќи дека со книгата тој сака да ја навреди и омаловажи исламската религија. Дури и денес, Ружди ги држи истите ставови, тврдејќи дека религијата донела само зло.
3. „Срам“ – Таслима Насрин (1993)
Оваа книга беше и се уште е сметана за контроверзна за начинот на кој е претставена страната на индиското малцинство во Бангладеш и тоа колку лошо биле третирани и омаловaжувани и за секуларизмот кој се издигнува во сенка.
4. „Мојата борба“ – Адолф Хитлер (1925)
Мислам дека не е потребно многу објаснување за причината зошто оваа книга е толку контроверзна. Книгата на Хитлер во која пишува за своите идеали, за тоа како го гледа светот и каков треба истиот да биде денес е забранета во многу држави, а пред некое време имаше најави дека повторно ќе се објавува во Германија, со тоа што ќе бидат вклучени забелешки за тоа зошто не чини и што се’ не е во ред со неговите пишувања, односно обид за целосно разобличување и распарчување на она за кое се залагал Хитлер.
5. „Комунистичкиот манифест“ – Маркс и Енгелс (1848)
Книга која и по толку време се’ уште е актуелна и контроверзна и предизвикува жестоки дебати. Маркс и Енгелс дебатираат за тоа какво треба да биде комунистичкото општество, на кои основи треба да биде изградено и како и зошто ќе се создаде бескласното општество.
6. „Гол ручек“ – Вилијам С. Буроус (1959)
Има неколку причини за тоа зошто е оваа книга толку контроверзна. Првата, заради структурата, односно книгата е напишана такашто не е важно од кое поглавје ќе почнете или дали ги читате по ред. Самиот Буроус има изјавено дека поглавјата можат да се читаат по кој и да било распоред и желба на читателот. Втората, приказната е за авантурите на Вилијам Ли, наркоман кој патува од САД до Мексико и по патот сретнува многу луѓе кои ќе станат негови придружници.
7. „Фани Хил“ – Џон Клиланд (1748)
Книгата која е издадена во далечната 1748 година, се’ уште предизвикува контроверзија. Книга за сексуалното ослободување и за отргнување од општествените стеги поврзани со сексот – можете да замислите каква прашина кренала во 1748 година, па дури и денес.
Книгата била забранета во многу држави се 1966 година, а благодарение на книгата, авторот дури завршува и во затвор заради перверзност. Книга во која главниот лик завршува во бордел и влегува во светот на проституцијата – доста контроверзно и за денешни услови, а во 1748 година дури и незамисливо.
8. „Игра во ‘ржта“ – Џ. Д. Селинџер (1951)
Денес се смета за вистински класик, а во времето кога излегла дури била и забранувана. Иако денес има култен статус, па дури и се обработува како лектира во средните училишта, сепак не престанува да развива дебата и дискусија секогаш кога ќе се спомене.
Книга за адолесцентската бунтовност, за отуѓеноста од општеството. За патешествието на еден млад човек во потрага по себеси. Вака можеби и не звучи контроверзно, но многу од описите во книгата, заедно со јазикот се сметаат за вулгарни и скандалозни во најмала рака. Дали е ова точно, треба сами да пресудите…
9. „Да се убие подбивната птица“ – Харпер Ли (1960)
Уште една книга со култен статус, која ја има добиено и Пулицеровата награда, но е книга која предизвикува многу внимание, пред се заради темата која ја обработува – расизмот. Кога еден млад Афро-американец е обвинет за силување на една бела девојка, малото јужњачко гратче експлодира од вревата и скандалот кој се создава.
Во тие моменти, еден бел адвокат се решава да го брани и на сите им одржува лекција за тоа колку е потребно да се остане човек и да се задржи човековото достоинство и да се гледа многу пошироко од бојата на кожата.
10. „Кандид“ – Волтер (1759)
Уште една книга со статус на класик. Верувам дека повеќето од вас ја имаат и обработувано во средно училиште како лектира. Зошто оваа книга се смета за контроверзна? Волтер ни ги опишува авантурите на Кандид низ светот каде се соочува со секаков вид искушенија и тешкотии.
Има голем број на сцени опишани во книгата кои се навистина експлицитни и некои луѓе се чувствуваат згрозени или непријатно додека ги читаат. Сепак, „Кандид“ е една од книгите кои не смеете да ги пропуштите и мора да ги прочитате. Ако сте ја скокнале во средно, прочитајте ја сега!
Погледнете го и инфографикот:

