Предлог-листа за читање: Книги кои добиле Пулицерова награда (14)

Уште една недела дојде, уште една недела со нови предлози за читање.
Да не должам многу, погледнете ги предлозите.

1. „Чесната сестра Мери“ – Јулија Петеркин 

~ „Сè што е вредно за кажување има свој начин на изразување.“~

Добитникот на Пулицеровата награда во 1929 година, преку низа приказни и раскази успева да ни долови животот на афро-американската култура од тој период. Ослободена од стереотипи, Јулија Петеркин на многу софистициран, трогателен и прекрасен начин успева да ни ја долови афро-американската заедница и луѓето во неа.

2. „Забите на змејот“ – Аптон Синклер

~ „Луѓето минуваат низ агонии и нивните тажни судбини стануваат легенди; поетите пишуваат стихови за нив, а драматурзите создаваат драми. На тој начин помнењето на минатите таги и страдања станува извор на сегашното задоволство – таква е чудната алхемија на духот.“

Оваа книга, која ја доби Пулицеровата награда во 1943 година, го покрива периодот од 1929 – 1934 година, со специјален осврт на превратот што нацистите го прават во 30-тите години на 20-тиот век во Германија. Ова е трет дел од серијалот од 11 книги на Аптон, во кои главен лик е Лени Бад, социјалист, експерт за уметнност и „црвен“ син на американски работник.

3.  „Собраните приказни на Кетрин Ен Портер“ – Кетрин Ен Портер

~ „Господ не знае дали бојата на нечија кожа е црна или бела. Тој ги гледа само душите.“ ~

Книгата ја доби Пулицеровата награда во 1966 година. Кетрин е една од најславните американски писателки, но овие собрани приказни ѝ ја донеле најголемата слава и признание за нејзината работа. Се работи за збирка на раскази и приказни со прекрасен стил на пишување, одличен избор за попладневните читанки.

4. „Зајакот е богат“ – Џон Апдајк

~ „Како можеш да го почитуваш светот знаејќи дека го води една група на богати деца кои станале старци?“ ~

Третиот дел од серијалот за Рабит Ангсторм ја доби Пулицеровата награда во 1982 година. 10 години по првата книга, Хери Ангсторм, познат како Зајак ужива во новодобиената позиција како шеф на продажба во „Спрингер моторс“. Целиот свет може да се распаѓа, но неговиот живот е одличен. Но, тоа се менува кога неговиот син се враќа од неговото патување низ Западот и една бледа слика од неговата стара љубов се појавува во неговиот живот.

5. „Американска пасторала“ – Филип Рот

~ „Тој ја научи најлошата лекција што животот може да ја даде, а тоа е дека животот нема смисла.“ ~

Оваа книга, добитник на Пулицеровата награда во 1998 година, се смета за книга која мора да се прочита барем еднаш во животот. Елегија за ветувањата на 20-тиот век за просперитет  и благостостојба, куќен мир и граѓански ред. Главниот лик во оваа книга, Сејмор „Швед“ Левов е легендарен спортист кога бил средношколец, посветен семеен човек, вреден работник и просперитетен наследник на фабриката на татко му.

Неговата среќа навистина му се насмевнува во поствоената, победничка Америка. Но, еден ден во 1968 година, прекрасната американска среќа го напушта. Неговата ќерка Мери станува фанатична тинејџерка која е способна за сурови акти на политички тероризам. Соочен со овие проблеми, Швед мора да најде излез и решение од целата таа масовна хистерија. Прекрасна книга, која може да се прочита во еден здив. Книга проткаена со бес и тага, а целата приказна е толку добро напишана, што човек не може да не се приврзе за ликовите. Со право се смета за ремек-дело.

Толку за денес, следните 5 предлози доаѓаат наредна недела!

Leave a comment