Летото е пред нашите порти, а тоа значи само едно нешто: книги, книги и многу книги! Една од повозбудливите објави е тоа што долгоочекуваните книги на Милан Кундера и Стивен Кинг конечно ќе излезат во продажба!
Како и секој месец, така и овој ви презентирам неколку нови изданија кои излегуваат (или веќе излегле) месецов, а кои според критичарите се вредни четива и не треба да ги испуштите. Погледнете кои се тие:
1. „Истрагата за Мерсо“ – Камел Дауд

Датум на издавање: 2 јуни
Обожавателите на Ками и „Странецот“ ќе се израдуваат на оваа книга, која критичарите ја фалат и велат дека ова е една од книгите која не смее да се испушти годинава. Книгата веќе има добиено награда и признание во Франција. Книгата која е одговор на „Странецот“, но и книга која „води дијалог“ со „Странецот“.
Наратарот и главниот лик во приказната е Харун, братот на „безимениот Арап“ кој беше убиен од Мерсо, антихеројот на Ками. 70 години по смртта на неговиот брат, тој ја раскажува другата страна на приказната, започнувајќи со реченицата „Мама денес е се’ уште жива.“ (Чисто за информација, првата реченица во „Странецот“ е: “Денеска умре мама. Или можеби вчера, не знам.“)
Харун ни ја раскажува неговата животна приказна, објаснувајќи дека бил дете кога неговиот брат бил убиен. Тој се сретнал со „Странецот“ само еднаш во неговиот живот, додека бил млад и таа слика го прогонува и понатаму во животот. Приказна кој ќе ве воодушеви, ќе ве натера да оставите се и да се посветите на оваа книга. Особено затоа што претставува еден вид на реплика на една безвременска книга.
2. „Хаосот на Менхетен: Нови крими-приказни од американските писателите на мистерии“ – Повеќе автори, едитирано од Мери Хигинс Кларк

Датум на издавање: 2 јуни
Оваа книга всушност претставува еден вид на туристички водич низ Менхетен и неговите најпознати населби. Турата ја „водат“ неколкумина истакнати писател на крими-приказни и мистерии, како што се: Ли Чајлд, Џефри Дивер, Т. Џеферсон, Паркер и С.Џ. Розен. Во секое од овие места, читателот ќе налетува на криминал, мистерии, големи и мали загатки. Покрај тоа, книгата е илустрирана со неверојатни фотографии од Њујорк. Необичен и оригинален начин да го запознаете Њујорк!
3. „Пронајдено – сочувано“ – Стивен Кинг

Датум на издавање: 2 јуни
Феноменалниот Стивен Кинг, автор на прочуените „Сјаење“ и „Кери“ (помеѓу останатите негови одлични мистерии и крими-романи), се враќа назад на книжевната сцена со вториот дел од трилогогијата за Бил Хоџес. По успешниот прв дел од оваа трилогија „Господин Мерцедес“, познатото трио составено од Бил Хоџес, Холи Гибни и Џером Робинсон се враќа со нови авантури и влегува во нови сплетки.
Џон Ротштајн е автор кој има создадено познат лик, но кој нема објавено книга со декади; Морис Белами е бесен на Ротштајн затоа што смета се има продадено за пари. Морис го убива Ротштајн и му ги краде парите од сефот, но вистинското богатство е во тетратките кои содржат материјал барем за уште една книга.
Морис ги крие и парите и тетратките, но сепак завршува во затвор и тоа за друго убиство. Децении подоцна, едно момче кое се вика Пит Сауберс го наоѓа „богатството“ и триото мора да најде начин како да го заштити Пит и неговото семејство од бесот и желбата на одмазда на Морис, кој излегува од затвор по 35 години.
Стилот на пишување на Стивен Кинг, како и секогаш прави да чувствувате морници и да не можете да престанете да ја читате книгата.
4. „Потопената катедрала“ -Кејт Волберт

Датум на издавање: 9 јуни
Интересна приказна која следи две вдовици, кои се пријателки цел живот и ја преживеале Втората светска војна во Европа и имигрирале во Америка. И двете имале американски сопрузи. Поентата на приказната е да прикаже колку е Њујорк изменет за нив, дури и времето и климата стануваат непрепознатливи.
Преку серија на поврзани приказни, авторката ни’ ја доловува приказната и поентата којашто сака да ја постигне, а овој начин и пристап на раскажување е прилично свеж и оригинален. Портрет на љубовта, пријателството, бракот, животот и соседите кои некогаш знаат да бидат непријатни.
5. „Поправувачот“ – Џозеф Фајндер

Датум на издавање: 9 јуни
Еден од најпопуларните и најбараните автори на Њујорк Тајмс, се враќа назад на сцената со нова книга, трилер-мистерија. Кога Рик Хофман ги губи својата работа и стан, неговиот единствен избор е да го реновира и да се врати во куќата која го потсеќа на неговото мизерно детство, куќа која, откако татко му добива удар, седи празна. Но, кога почнува со реновирањето, случајно налетува на шокантно откритие кое ќе му го преврти животот и ќе промени се што мислел дека знае за неговиот татко.
6. „Место кое само ние го знаеме“ – Чијен Јанг

Датум на издавање: 15 јуни
Еве една одлична книга за помладата читателска публика. Лесна, интересна, прилагодена за помлади и за тинејџери кои сакаат да читаат нешто на плажа. Сејди Брефорд е девојка која постојано има напади на паника и страда од анксиозност. Таа се што посакува е да избега од реалноста за време на летото и да се дружи со нејзиниот најдобар другар Арон.
Но, нејзината баба има сосем поинакви планови. Таа бегството го наоѓа во своите соништа во прекрасниот свет на Ајсола Фиона. Место каде се лекува меморијата и анксизоноста и место каде доаѓа и Арон.
7. „Фестивал на безначајноста“ – Милан Кундера

Датум на издавање: 23 јуни
Конечно! Одлична вест за љубителите на Кундера и неговите дела! Првата книга на Кундера по 13 години, конечно ќе излезе овој месец! „Фестивалот на безначајноста“ е дело кое дава нов поглед на најсериозните проблеми додека истовремено не содржи една сериозна реченица. Дело во кое се покажува одушевеноста од реалноста на модерниот свет, а истовремено комплетно ја игнорира реалноста. Читателите кои ги познаваат делата на Милан Кундера знаат дека желбата да се вметне „несериозното“ не е ништо ново во неговиот стил на пишување.
