Засади книга – израсни дрво!

Издавачката куќа „Pequeno Editor“ од Аргентина започна една мошне интересна и оригинална кампања. Имено, тие објавија детска книга „Мојот татко беше во џунглата“, наменета за деца од 8 до 12 години. Во книгата, едно младо момче раскажува за авантурите на татко му во еквадорските џунгли.

На прв поглед, ништо не изгледа чудно и необично. Уште една книга за деца. Но, сепак, книгата е многу повеќе од тоа. Со цел да ја подигнат еколошката свест, особено кај децата, оваа книга треба да биде пример за тоа како производите од хартија можат да влијаат на околината. Откако ќе ја прочитаат книгата, децата имаат можност да ја „засадат“ целата книга во земјата и да гледаат како се претвора во дрво.

Книгата е создадена од хартија без киселини, еколошко мастило и семиња од џакаранда кои растат кога ќе се засадат. Книжарниците во Аргентина кои ја промовират книгата веќе ја имаат засадено и може да се види ‘ртењето на растението и тоа на самите излози.

Оваа книга е првата книга која е дел од иницијативата „Tree Book Tree” која ја започна „Pequendo Editor”, издававачка куќа за детски книги. Иницијативата е во соработка со агенцијата за маркетинг „ФЦБ Буенос Аирес“.

Погледнете ја прекрасната реклама за оваа иницијатива, која мора да признаете е мошне оригинална, а покрај сè е и од образовен карактер. Се надевам ќе гледаме што повеќе вакви иницијативи!

Leave a comment