Не е лесно да објавиш книга. Патот од пишување на книгата до нејзино објавување е долг, напорен и истоштувачки. Некогаш самото пишување создава многу проблеми, некогаш писателите имаат недостиг на инспирација, а понекогаш издавачките куќи немаат слух за нивните дела. Прочитајте неколку интересни примери за книги кои малку недостасувало воопшто да не бидат завршени, ниту пак објавени.
1. „Кери“ – Стивен Кинг


Во 1973 година, Стивен Кинг и неговата жена Табита живееле во приколка. Додека се обидувале да сврзат крај со крај и да го преживеат месецот, тој започнал да ја пишува приказната за осамената тинејџерка Кери Вајт. Сепак, процесот не одел баш толку глатко. Имено, Стивен Кинг го обликувал својот лик според две девојчиња кои ги познавал во средно училиште, кои починале додека биле млади. Толку заглавил во процесот на пишување, што станал очаен и едноставно се откажал и ги фрлил листовите во ѓубре.
За среќа, неговата сопруга ги извадила листовите и недовршената книга од ѓубрето, ги ставила пред него и му рекла дека има нешто во приказната и дека не смее да се откаже. Мудар совет и уште помудра одлука на Стивен Кинг, со оглед на фактот дека книгата се продала во еден милион примероци само во првата година од нејзиното издавање, добива култен статус, а и до ден денес е инспирација за телевизиски серии, филмови и претстави на Бродвеј.
2. „Галебот Џонатан Ливингстон“ – Ричард Бах

Оваа книга е еден од најголемите бестселери и книга обожавана од многу генерации. Издадена е во 1970 година, а оттогаш продадени се 40 милиони примероци од книгата. Сепак, издавањето на книгата не било баш едноставно. Ричард Бах бил одбиен 18 пати од различни издавачи. Ричард Бах постојано ја нудел книгата кај најразлични издавачи и издавачки куќи, но сите го одбивале, бидејќи сметале дека концептот на книгата е смешен и дека смешно и апсурдно е да се раскажува приказна од гледиштето на галебот.
Сепак, конечно му била дадена шанса, иако малку недостасувало да се откаже и да престане да се обидува. Благодарејќи на неговата упорност, денес ја имаме оваа книга, книга со која пораснаа многу генерации.
3. „Животинска фарма“ – Џорџ Орвел

„Сите животни се еднакви, но некои животни се поеднакви од другите.“ Зарем има еден човек кој барем еднаш не слушнал за оваа реченица? Сатирата на Орвел за режимот на Сталин е денес вистински класик и е една од најпреведуваните книги, контроверзна книга која по нејзиното издавање со години била забранета во СССР, Куба и Кина (и други држави), но и за Орвел мачен бил патот до нејзиното издавање.
Голем дел од издавачките куќи во Англија биле загрижени дека книгата е премногу остра кон Сталин и комунизмот, премногу остра за да биде објавена во тој формат и дека може да доведе до влошување на односите помеѓу двете држави заради неа. Писателот Т.С Елиот (кој бил сопственик на издавачка куќа) лично му пратил писмо во коешто вели: „Не сме убедени дека во овие времиња, ова е правото гледиште за критикување на моменталната политичка ситуација.“ За разлика од нив, издавачките куќи во САД не се грижеле толку многу за Сталин и неговите чувства колку што сметале дека во САД „во моментот не постои пазар за пласирање на животнински приказни“.
По завршување на војната, сепак Орвел успеал да најде издавач, а остатокот е историја.
4. „Лолита“ – Владимир Набоков

„Лолита“ е без сомнение една од најконтроверзните книги кои излегле, особено во 20-тиот век. Содржината на книгата (постар, средновечен човек се заљубува во малолетна девојка) била и повеќе од доволна за да направи пречки за да биде прифатена за издавање. Самиот Набоков има признаено дека ова била многу тешка книга за пишување. Дури и во процесот на пишување, Набоков запалил оган во својот двор и ја фрлил книгата т.е нејзината првична верзија во огнот. Но, жената на Набоков (слично како и во ситацијата со Стивен Кинг погоре) излегла во дворот и се обидела да спаси сè што можела да спаси од запалената верзија.
Подоцна, откако ја завршил, имал огромни проблеми да најде човек кој би се нафатил да ја објави. Сите биле загрижени за репутацијата која нивната издавачка куќа може да ја добие објавувајќи таква содржина и сите се плашеле од реакцијата на јавноста. Еден издавач отишол толку далеку и во своето писмо во кое му соопштува на Набоков дека е одбиен, напишал: „Премногу згрозувачка содржина, дури и за просветлен познавач на Фројд. За јавноста ќе биде одвратна книга. Нема да се продава и ќе ѝ наштети на репутацијата на нашата издавачка куќа која е во подем. Препорачувам да ја закопате книгата под некој камен и нека седи таму во наредните 1000 години.“
5. „Хари Потер и Каменот на мудроста“ – Џ. К. Роулинг

Една од најсаканите книги за деца, која е обожавана и од страна на возрасните, за малку исто така немала да биде издадена. Книгата била одбиена осум пати пред да биде прифатена од страна на издавачката куќа „Блумсбери“. Најчестата причина која била наведувана како причина за одбивање е тоа што била „премногу долга за да им го привлече вниманието на децата“.“ Меѓу останатото, Роулинг вели дека и дека немала пари за да прави фотокопии, па правела копии кои всушност биле рачно напишани.
Сè се променило кога Алис Њутон, ќерката на главниот човек во издавачката куќа „Блумсбери“, дошла до првото поглавје и откако го прочитала му наредила на татко ѝ да и го најде остатокот од книгата. По оваа случка, „Блумсбери“ решиле да ја објават книгата. Книгата денес е ултра успешна, со уште поуспешен серијал филмови зад себе.
6. „Дневникот на Ана Франк“ – Ана Франк

Нема човек, со сигурност, кој не ја знае трагичната судбина и живот на малата Ана Франк, која умира во концентрационен камп само неколку недели пред неговото ослободување. Ана Франк и нејзиното семејство, за време на Втората светска војна се криеле во покривот на една куќа во Холандија, каде Ана го водела својот дневник кој го добила како подарок за нејзиниот 13 роденден. Во август 1944 година биле фатени и пренесени во концентрациони кампови. Таткото на Ана е единствениот преживеан и тој го објавил дневникот на Ана кој станува вистински бестселер и кој нè потсетува на детската невиност и наивност и способностa да се гледа светот многу поинаку и поискрено од светот во кој возрасните секојдневно живеат, особено во време на војна.
Можеби сега ќе ви биде тешко да поверувате, но „Дневникот на Ана Франк“ исто така поминал патешествие пред да биде објавен. Најпрво, Миеп Гиес, блиска пријателка на семејството го пронашла дневникот во поткровјето и го чувала во фиока, сè додека повторно не се сретнала со таткото на Ана и му го предала дневникот. Но и покрај ова, голем дел од издавачките куќи во тоа време не сакале ни да чујат да ја објават книгата и истата 16 пати била одбиена од издавачки куќи, сметајќи дека во неа нема ништо вредно за читање и дека „се чини дека ова девојче нема некој посебен поглед на работите или некое посебно чувство кое би го подигнала нивото на книгата“. Очигледно не биле во право.
7. „Да се убие птицата подбивница“ – Харпер Ли

Книгата која е добитник на Пулицеровата награда, книгата која на најкомплексен начин ги истражува проблемите и расните предрасуди во американското општество, која ни зборува за храброста да застанеш зад она во коешто веруваш, без разлика на општествените норми, за малку воопшто немало ни да биде завршена, а не пак да биде објавена.
Харпер Ли самата има кажано дека толку била исфрустирана во одреден период, бидејќи чувствувала дека приказната не води никаде и дека не знае како да продолжи, па еден зимски ден ја земала верзијата на која работела и ја фрлила од прозор и паднала директно во снегот. Но, нејзиниот агент ја стегнал, ја искарал и ѝ рекол да се прибере и да продолжи со пишување. Го послушала својот агент и ја направила најдобрата одлука. Книгата добила мал милион награди, меѓу кои и Пулицеровата награда, инстантно станала бестселер и денес се смета за вистински класик.
