Марсел Пруст е еден од најистакнатите француски писатели, најпознат по прекрасното монументално дело „Во потрага по изгубеното време“, кое е едно од делата кои со сигурност го одбележаа 20. век. Инаку, „Во потрага по изгубеното време“ е една од најдолгите книги во историјата. Книгата има 1. 267. 069 зборови, дупло повеќе од „Војна и мир“. До одреден степен, оваа книга е еден многу долг, маестрално стилизиран дневник на љубовите, страстите, желбите, расположенијата и вкусовите на Марсел Пруст. Книга која зборува за размислувања на Пруст дека треба да престанеме залудно да го трошиме времето и да почнеме да го цениме нашето постоење.
=
Марсел Пруст е роден во Париз, на 10 јули 1871 година, во прилично богато семејство. Татко му бил лекар и автор на голем број медицински и научни книги, а мајка му била прилично образована дама која имала потекло од богата еврејска фамилија. Ние можеби го знаеме како еден од најдобрите писатели на сите времиња, но неговиот татко бил навистина разочаран од него, бидејќи во неговата младост тој бил голем „џаболебар“, не работел ништо и само ги трошел парите на неговото семејство и ги посетувал сите модерни места во Париз. По некое време тој ѝ се доверил на неговата дадилка: „Се надевам дека со моите дела ќе направам добрина за човештвото исто како што татко ми го правеше тоа со неговата работа“.
Сепак, една од причините поради кои Пруст не одел во традиционално училиште и немал традиционално образование е поради тоа што уште од малечок боледувал од астма и бил премногу болежлив за да може да го издржи тоа. Иако неговите родители имале планови да учи нешто благородно како дипломатија, неговото здравје не го дозволувало тоа, па потоа му се препуштил и на боемскиот живот. Неговото постојано присуство во дворовите и модерните салони, мешајќи се со аристократијата, му било огромна инспирација, а делото „Во потрага по загубеното време“ го пишувал целиот свој живот.

Умрел од пневмонија на 18 ноември 1922 година, оставајќи уште три дела од „Во потрага по загубеното време“, кои по неговата смрт биле издадени од страна на неговиот брат.
YouTube каналот The School of Life направи едно прекрасно анимирано видео за творештвото и животната филозофија на Марсел Пруст. Со прекрасни анимации и на интересен начин е опишана и неговата теорија и за сеќавањето и меморијата.
Покрај тоа, ни го доловува и размислувањето на Пруст за тоа што би можело да му даде смисла на животот. Пруст истражува три можни извори и детално ги разгледува. Тоа се:
1. Општествен успех
2. Љубов
3. Уметност
Пруст исто така аргументира дека навиките го уништуваат нашиот живот и нѐ гушат како поединци и прават со текот на време да не ги приметуваме најубавите работи, како што се прекрасните зајдисонца. Тој вели дека децата не страдаат од навики, па затоа и се радуваат и на најобични работи и наоѓаат убавина во сѐ. За него уметноста е врвот и најголемата смисла во животот.
Погледнете го целото видео и слушнете повеќе за животната филозофија на Марсел Пруст. Со сигурност нема да бидете разочарани. Видеото трае 9:34 минути, но секоја секунда во него вреди.
