Читањето, покрај тоа што е вистинска љубов и страст за љубителите на книги, истовремено е и прекрасна навика. Веќе во неколку наврати зборував за дополнителни причини зошто треба да читаме (барем според науката) и за тоа на кој начин читањето ни го збогатува животот.
Поголемиот дел од љубителите на книги, оваа навика ја стекнале уште од рани години. Секој има различен период кога почнал поинтензивно да чита книги, но, речиси секогаш започнуваме уште од раната младост. Живееме во динамично време, родителите постојано се зафатени и работат и многу им е тешко да најдат баланс помеѓу работата и децата. Сепак, читањето е инвестиција за иднината на детето и многу е важно да му се всади навиката да чита книга. Еве неколку совети како можете да го направите тоа:

Читајте им на глас
Речиси секој родител ова го прави додека децата се малечки и не знаат да читаат, но престануваат речиси веднаш откако нивните деца ќе научат да читаат сами. Можеби ќе ве изненади ова, но децата ќе уживаат ако им читате многу подолго отколку што вие мислите дека би сакале, а самата блискост која оваа заедничка активност ја создава ќе создаде позитивни спомени за вашето дете и општо за искуствата поврзани со книги и читање. Децата ќе имаат придобика од слушање на ритамот на зборовите, побрзо ќе научат да ги изговараат зборовите, а секако и побрзо ќе го научат акцентирањето.
Видете и разберете ги интересите на вашето дете
Мора да признаете дека е тешко да задржите нечие внимание доколку не се заинтересирани за темата, без оглед на нивната возраст. За децата кои и онака немаат стекнато навика за читање и целиот процес оди многу побавно, приморувањето да читаат нешто што не ги интересира, само дополнително може да придонесе да изгубат желба за читање и да мислат дека е тоа здодевна активност.
Само посветете внимание и запомнете за што се интересираат во моментот. Интересите на децата брзо се менуваат, па затоа и треба да бидете внимателни. Доколку во периодот се интересираат за бајки и принцези, побарајте некоја книга што обработува таква тематика или најдете збирка со бајки и раскази. Доколку се интересираат за спортови, пронајдете некоја таква книга.

Пронајдете ги нивните омилени автори
Доколку забележите дека одредена приказна или книга е привлечна за вашето дете, големи се шансите да им се допаднат и другите дела од авторот на книгата, пред сè заради стилот на пишување. Кога ќе го пронајдете стилот на пишување кој му се допаѓа на детето, многу полесно ќе можете и да изберете и соодветни книги за него.
Посетувајте ја локалната библиотека
Иако многумина немаат време за да одат во библиотека, сепак ова е интересен начин како би можеле да им ја всадите љубовта кон книгите. Библиотеките можат да бидат интересно искуство за децата, особено кога ќе се најдат помеѓу сите тие книги што ќе ја поттикнат нивната љубопитност повторно да дојдат за да си изберат нешто за читање.
Бидете пример за вашето дете
Шансите детето повеќе да се заинтересира за читање се многу поголеми кога ги гледаат и возрасните како читаат. Со оглед на тоа дека децата во многу работи ги копираат возрасните, ова е одличен начин на којшто можете да му влијаете на вашето дете да чита.
