Предлог-листа за читање: Книги кои добиле Пулицерова награда (15)

Како и секоја недела, така и оваа се враќаме со 5 нови предлози за читање. Предлозите доаѓаат од колекцијата книги кои ја добиле престижната Пулицерова награда. Полека се ближиме кон крајот, но засега, прочитајте ги овонеделните предлози за читање:

1. „Рана есен“ – Луис Бромфилд

~  „Таа беше како жена на којашто ништо повторно не може да и се случи.“ ~

Луис Бромфилд кој ја добива Пулицеровата награда за оваа книга во 1927 година, навлегува во приказната на семејството Пентландс – богато семејство во Њу Ингланд. Тој ги анализира ликовите и семејството и на многу интересен начин го открива нивното лицемерие и незнаење кое се крие зад нивната луксузна фасада.

Интересна анализа на борбата на една жена да избега од влијанието на нејзиниот сопруг и неговото семејство. Бромфилд е мајстор да навлезе во најкомплицираните емоции и секогаш изгледа како премногу добро да ја познава човековата душа.

2. „Ѕвоно за Адано“ – Џон Херси

Овој добитник на Пулицеровата награда во 1945 година, раскажува една топла приказна за Американец со италијанско потекло кој за време на Втората светска војна ги освојува срцето на жителите на едно мало локално гратче, со тоа што се обидува да најде замена за ѕвоното на градот кое е старо 700 години, а коешто било стопено за да се направат куршумите на нацистите.

3. „Чуварите на куќата“ – Ширли Ен Грау

~ “Паметиш како ноќите беа толку неподносливо, магично прекрасни, што дури ти доаѓаше и да заплачеш. Како секој зрак светлина и сенка од месечинта изгледаше долку длабоко и прекрасно. Мирно време или бура, тоа не беше важно. Беше уникатно и мистериозно, само затоа што беше ноќ.

Се прашуваш како се изгуби мистериозноста. Почна да бледее се додека еден ден комплетно не исчезна. Ноќта стана само темница, а месечината нешто што беше закачено на небото. Дождот ги изми сите наши поминати патишта, а сјајот исчезна. А најлошиот дел е што не ни знаеш кога точно исчезнало.“ ~

Книгата која ја доби Пулицеровата награда во 1965 година, е приказна за расизмот, за бесот, за љубовта. Дејствието е сместено во почетокот на 19-тиот век. Семејството Холанд, седум генерации по ред се темелот на јужњначката заедница. Огромната земја на фамилијата е предадена на Абигејл Хоуланд, но, не целата куќа.

Кога ќе се дознаат шокантните информации за врската на нејзиниот сега веќе починат дедо Вилијам со Маргарет Кармајкл, црна куќна помошничка, целата заедница е бесна и го исфрла својот бес на Абигејл. Седејќи сама во семејната куќа, иако е потресена од сите новости и информации кои ги дознава, решена е да го казни градот кој ја прогонува неа и нејзиното семејство.

4. „Добар мирис од чудна планина“ – Роберт Олен Батлер

~ „Можам да ги изговорам овие зборови и можеби ти можеш јасно да ги видиш овие работи затоа што ја користиш својата фантанзија. Но, јас не можам да ги замислам овие работи, бидејќи јас ги живеев и невозможно е да ги запаметам со таква јасност со каква што знам дека треба да бидат запаметени. Тие се изгубени за мене.“ ~

Оваа збирка на приказни за она што се случувало по Виетнамската војна и нејзиното влијание врз луѓето во Виетнам го доби целосното внимание и почит и од публиката и од критичарите и заслужено ја доби Пулицеровата награда во 1993 година. Враќајќи се во џунглите на Виетнам и отворајќи стари рани, оваа книга е полна со емоции и тажни судбини, претставувајќи го оној дел од војната којшто често е занемарен: нејзиното завршување и раните кои се лечат потоа.

5. „Олив Китериџ“ – Елизабет Страут

~ „Не можеш да спречиш да се чувствуваш онака како што се чувствуваш, без разлика на тоа што направила другата личност. Едноставно мораш да чекаш. На крајот, чувството ќе замине, затоа што други ќе дојдат. А некогаш не заминува, туку едноставно се пикнува во нешто малечко и тесно и виси некаде во позадината на твојот ум.“ ~

На моменти премногу сериозна, на моменти трпелива. Понекогаш го забележува секој детаљ, понекогаш се наоѓа во тажно одрекување. Олив Китериџ, пензионирана учителка, ги гледа сите промени кои се случуваат во нејзиниот малечок град Крозби, во нејзината држава, па и во целиот свет.

Но, таа речиси и не ги забележува промените околу неа и во луѓето кои и се блиски. Интересна приказна која ги доловува сите односи со луѓето, како се формираат, како се негуваат и како престануваат. Книгата ја добива Пулицеровата награда во 2009 година.

Leave a comment