Слушнете ја интерпретацијата на Кристофер Ли на дел од творештвото на Едгар Алан По!

Легендарниот актер Кристофер Ли почина минатата недела на 93-годишна возраст. Веста за смртта на актерот натажи милиони обожаватели кои тој ги имаше насекаде низ светот. Кристофер Ли со својата актерска харизма, талентот и умешноста за трансформација, оживеа безброј легендарни ликови на големото платно. Грофот Дракула, волшебникот Саруман од трилогијата „Господар на прстените“, еден од негативците во еден од филмовите од серијалот за Џејмс Бонд се само мал дел од уметничкиот и филмски опус на овој неверојатен актер и уметник.

Со своите улоги тој веќе си ја има загарантирано бесмртноста, барем што се однесува на филмското платно.

Она што е исто така интересен факт, а кој најверојатно не е многу познат на широката јавност, е тоа дека Кристофер Ли има правено нарација на некои од делата на Едгар Алан По, а и ја има рецитирано „Гарванот“ и тоа навистина успешно. Покрај „Гарванот“, Кристофер Ли го чита и расказот „Предавничко срце“ и воедно неговиот глас на 30 октомври ќе го слушнеме во анимираната антологија на По, којашто се вика „Исклучителни приказни“, а таму го чита расказот „Пропаста на куќата на Ашерови“.

Слушнете како Кристофер Ли ја рецитира „Гарванот“, верувам дека неговиот глас, начинот на кој ја рецитира, заедно со музиката во позадина ќе предизвика да ви се појават морници. .

Второто видео е од Кристофер Ли во кое можете да чуете како го чита расказот „Предавничко срце“. Верувам дека ќе уживате и ќе се изгубите комплетно во овој спој на магијата на гласот на Кристофер Ли и брилијантноста на Едгар Алан По и овој прекрасен расказ.

https://youtu.be/aeZrRENgXmY

И третото видео е сосема кратко, бидејќи е трејлер за анимираната антологија во чест на Едгар Алан По којашто ја споменав погоре, а која ќе излезе на 30 октомври. Во оваа анимација, Кристофер Ли го чита расказот „Пропаста на куќата на Ашерови“. Погледнете го трејлерот во кој може да чуете и видете како ќе изгледа сето тоа во нарација на Кристофер Ли…

Leave a comment