Предлог-листа за читање: Книги кои добиле Пулицерова награда (16)

Како што веќе знаете, секоја недела на блогот има неколку предлози за читање. Сите предлози се книги-добитници на Пулицерова награда. Речиси сме на крајот, имајќи предвид дека ова е претпоследното издание на оваа рубрика. Погледнете кои се овонеделните предлози. Следната недела ќе бидат презентирани и последните шест книги што добиле Пулицерова награда.

Денешните предлози се:

1. „Продавницата“ – Т.С. Стриблинг

Добитникот на Пулицеровата награда во 1933 година е втората книга од трилогијата на Т.С. Стриблинг чие дејство е сместено во родното место на авторот: Долината Тенеси на северот на Алабама. Книгата започнува во 1884 година, кога Гровер Кливленд станува првиот претседател од редот на Демократите по Граѓанската војна.

Воедно книгата го истражува и издигнувањето на генералот Вајден во моќна и богата фигура во Фиренца. Книга полна со пресврти со едноставен и лесен стил на пишување кој нема да ви дозволи да ја оставите книгата ни за секунда.

2.  „Патувањата на Џејми МекФитерс“ – Роберт Луис Тејлор

Оваа прекрасна, топла и живописна книга ја доби Пулицеровата награда во 1959 година. Продадена во милиони примероци, овој роман на многу интересен начин ги опишува авантурите на едно 13-годишно момче додека патува низ Америка во 1849 година.

3. „Приказните на Џон Чивер“ – Џон Чивер

~ „Јас бев тука на Земјата, затоа што јас одбрав да бидам тука.“ ~

Оваа збирка-раскази што ја доби Пулицеровата награда во 1979 година е една од најдобро оценетите книги од страна на критичарите. Некои од коментарите се движат од тоа дека се работи за најдобриот реалист што пишува во пост-воена Америка, до тоа дека неговото творештво е величествен настан  во книжевноста на англиски јазик.

Овие раскази се сметаат за едни од најдобрите раскази некогаш напишани од американски писател, а воедно Џон Чивер се смета за скапоцен камен и последен претставник на неговата генерација.

4. „Мартин Дреслер: Приказната за американскиот сонувач“ – Стивен Милхаузер

~ „Дали мислиш дека актерот на сцена е навистина негативец? Да те прашам уште нешто: Ако не е негативец, тогаш дали е лажго?“ ~

1997 година беше годината кога оваа книга се закити со оваа престижна награда. Како што може да се забележи од насловот, дејството во книгата се врти околу младиот Мартин Дреслер којшто ја започнува својата кариера како чирак во продавницата за цигари што е во сопственост на татко му.

Во текот на неговата бурна младост, тој успева да се издигне на врвот, придружуван од двете сестри: едната која се однесува како негова сенка, а другата како негов достоен бизнис партнер. Книгата ги следи сите негови соништа, размислувања, и покажува како е да си млад сонувач и идеалист во Америка.

5. „Посета на бандата“ – Џенифер Иган

~ „Ако секој ден имав можност да имам ваков поглед, ќе имав инспирација и енергија за да го освојам светот. Проблемот е во тоа што кога најмногу ти е потребен таков поглед, тогаш нема никој за да ти го даде.“ ~ 

Оваа прекрасна, оригининална и необична книга е многу интересно истражување за растењето и стареењето во дигиталната доба и сета љубопитност и културни промени кои доаѓаат со неа. Книгата ја доби Пулицеровата награда во 2011 година.

Главни ликови се Бени, поранешен панк рокер и продуцент. Саша е страсна млада жена која е вработена во неговата компанија. Џенифер Иган брилијантно ни го открива неговото минато, нивните животи и луѓето чии патишта се вкрстиле со нивните.

Leave a comment