Повеќето од нас пораснале со прекрасните бајки за Снежана, Пепелашка, Ариел, волкот и трите прасиња, Трнорушка, Заспаната убавица, Црвенкапа, итн… На некој начин тие се симболот на нашето детство. Прекрасни, топли приказни кои секогаш имаат добра морална поука на крај.
Но, секогаш има и друга страна на паричката. Она што малкумина го знаат е дека првичните бајки биле мрачни и содржински воопшто не биле прилагодени за деца. Биле полни со крв, убиства, секс и хорор, но преведувачите и уредниците со текот на годините, децениите, па и вековите, ги прилагодувале приказните за детски очи.
Малку подолу имате пет предлози за книги кои се всушност збирки од бајки. Некои од нив се нови преработки или нови бајки инспирирани од старите, но некои се всушност изданија на првичните бајки кои ние сите толку ги сакаме. Доколку сте љубопитни за тоа како всушност изгледале првичните верзии или сакате да прочитате некоја нова верзија, разгледајте ги книгите подолу:
1. „Крвавата одаја“ – Ангела Картер (1979)

Ангела Картер целиот живот ги проучувала бајките. Во оваа книга, покрај тоа што ги уредила и скоплила првичните верзии на неколку познати бајки, таа целосно има преработено неколку бајки кои содржат многу хорор елементи, фантазија и магичен реализам. Нејзината кратка збирка раскази содржи морничави и понекогаш еротични верзии на Црвенкапа („Во друштво на волците“), „Убавицата и ѕверот“ („Додворувањето на г-дин Лав“), итн…
2. „Оригиналните народни приказни и бајки на браќата Грим“ – преведено и уредено од Џек Зајпс (2014)

Бајките на браќата Грим се насекаде познати. Нема дете кое не пораснало со нивните бајки. Постојат многу филмски и анимирани екранизации на нивните бајки. Постојат многу изданија од нивната збирка „Приказни за децата и домаќинството“ која првично е издадена во 1812 и 1815 година.
Во подоцнежните изданија, Вилхелм Грим ги омекнувал приказните за да бидат попристапни за деца, а по неговата смрт, другите издавачи продолжиле да ги менуваат и омекнуваат, а некои од приказните целосно биле отстранети од изданијата, бидејќи биле пребрутални.
Во суштина, кога сте читале бајка од браќата Грим, вие сте прочитале многу мал дел од првичната верзија. Џек Зајпс се потрудил и создал колекција од целосните први изданија на овие бајки и целиот нивен брутален сјај: канибализам, чудовишта жедни за крв, убијци и сè што носи тоа со себе.
3. „Мојата мајка ме уби, мојот татко ме изеде: 40 нови бајки“ – Кејт Бернхајмер (2010)

Кој вели дека бајките се мртви? Оваа книга е сосема нова збирка на приказни кои се засновани според старите бајки или инспирирани од нив. Насловот е преземен од една реченица од „Џуниперовото дрво“, уште една приказна од браќата Грим и како што можете да претпоставите, приказните дефинитивно не се за деца. Оваа книга е уредувана од Кејт Бернхајмер, а свој придонес во приказни даваат писателите Нил Гајмен, Кели Линк, Џојс Керол Оутс и други.
4. „Си беше една жена која сакаше да го убие детето на сосетката“ – Људмила Петрушевскаја (2009)

Приказните на руската писателка Људмила Петрушевскаја за животот во СССР ѝ донесоа голем број непријатели на високи позиции, но од друга страна, со распадот на СССР, таа доби и публика која ја сака и почитува. Приказните во оваа книга содржат примеси од класичните приказни за духови и бајки со примеси на реалноста да се живее под репресивен режим. Доколку сакате мрачни прикзни за волшебници, духови, изгубени деца за време на пропаста на една империја, тогаш ова е книга за вас.
5. „Принцезата-репка“ – Франц Хавиер фон Шонверт (2015)

Најпрво чиновник, а потоа советник на принцот Максимилијан, Франц Хавиер фон Шонверт го поминувал своето слободно време собирајќи народни приказни и бајки од рурална Баварија. За разлика од браќата Грим, Шонверт навистина ги црпел приказните директно од нивниот извор: земјоделци и други луѓе кои работеле на нивите.
Овие приказни разбиваат многу од сликите кои ние ги имаме за бајките, од нивната леснотија до беспомошноста на женските ликови. Овие приказни се откриени неодамна, но веднаш го најдоа својот пат до популарноста и постојано добиваат пофалби и од критичарите и од читателите.
