Полека, но сигурно стигнавме до крајот. Последните 6 книги-добитнички на Пулицерова награда се тука.
Погледнете ги последните 6 предлози:
1. „Развивањето на јагнето“ – Каролин Милер

Оваа книга е првата книга од јужниот дел на Америка која добила Пулицерова награда. Наградата ја добива во 1934 година и го отвора патот за другите писатели од тој регион на Америка. Каролин Милер била фасцинирана од југот, особено се интересирала за сиромашните луѓе од јужна Џорџија, кои никогаш не поседувале робови, ниту пак планирале да влезат во војна.
Прикзната се врти околу еден млад пар кој го започнува својот брачен живот две декади пред Граѓанската војна. Оваа книга фасцинантно сведоштво на општествените норми и обичаи, како и за материјалната реалност помеѓу оние кои се бореле на фронтот.
2. „Басна“ – Вилијам Фокнер

~ „Поентата на војната е да ја заврши војната.“ ~
Оваа книга има добиено неколку награди меѓу која е и Пулицеровата награда во 1955 година. Алегориска приказна за Првата светска војна, чие дејство се случува во Франција за време на побуна во француската војска. Првично, читателите и критичарите сметале дека ова дело е сосема различно од неговиот опус и дека книгата е чудна и дека Фокнер застранил, но денес оваа книга се смета за едно од неговите најдобри дела.
3. „Собата Елбоу“ – Џејмс Алан МекФерсон

~ „Мислам дека љубовта е способноста да се суспендира интелегенцијата на човек во замена за нешто. Целиот темел на љубовта мора да се базира на фантазија.“ ~
Оваа збирка на кратки раскази ја доби Пулицеровата награда во 1978 година. Оваа книга ги истражува црно-белите алтернативи во кои живееме, а тоа го прави со топлина и хумор. Храбра и искрена книга која преку овие 12 приказни го истражува светот кој сите го знаеме, но не можеме да го дефинираме.
4. „Железната трева“ – Вилијам Кенеди

~ „Зошто побогу проповеда, ако не проповеда на луѓе на кои им е потребно тоа?“ ~
Последниот дел од трилогијата за Албани, чии претходни изданија се „Нозе“ и „Најдобрата игра на Били Фелан“, ја доби Пулицеровата награда во 1984 година. Дејството се врти околу Франсис Фелан, поранешен бејзбол играч, кој работи како гробар со половина работно време и алкохоличар кој го допира дното.
Пред многу години тој ја напушта Албани, откако несакајќи убива човек, а потоа повторно бега затоа што случајно и фатално го испушта своето бебе од раце. Сега, во 1938 година, Франсис се враќа назад и лута по познатите улици со својата пријателка-бездомник, Хелен и сака да се помири со духовите од минатото и сегашноста.
5. „Марч“ – Џералдин Брукс

~ „Да ја знаеш библиотеката на еден човек, на некој начин е исто како да го знаеш неговиот ум.“ ~
2006 година беше годината кога оваа книга ја доби Пулицеровата награда. Историска книга и љубовна приказна сместена за време на катастрофа, за време на ужасната Граѓанска војна. Џералдин Брукс ни ја дава приказната за отсутниот татко од книгата “Мали жени“ и ја спојува со свет на бруталноста, тврдоглава храброст и љубов која надминува се’.
Идеалистичен приврзаник кој се залага за укинување на ропството, Марч сака да се бори за својата цел. Но, војната ја става на тест неговата верба, не само во Унијата, која исто така е способна за барбарство и расизам, туку и во себе. Како што се опоравува од речиси фатална болест, Марч сака повторно да се поврзе со своето семејство, кое воопшто не ни претпоставува низ што се поминал. Љубовна приказна која е сместена за време на катастрофа, која ни ја покажува страста меѓу еден маж и жена, нежноста на родителот кон детето и моќта која едно цврсто уверување може да ја има врз промена на нечиј живот.
6. „Враќање назад“ – Пол Хардинг
ч
~ “… единствената заедничка работа во сето ова е тагата која е толку длабока, што мора да е љубов…“ ~
Стар човек умира. Додека лежи во својата дневна соба опколен со неговите деца и внуци, Џорџ Вашингтон Крозби напоредно добива и губи свесност и во тој временски период се враќа на своето детство во Мејн и целата болка и радост која доаѓа со тие спомени. Додека полека ги живее последните моменти од својот живот, неговите спомени се мешаат со спомените на неговиот татко, кој бил епилептичар и неговиот дедо кој бил свештеник. Приказна полна со тага, но исполнета со многу љубов и топлина.
~~~
И тука некаде завршувам. Завршува циклусот на книги за препорака од редот на книги кои добиле Пулицерова награда. Се надевам дека некое од овие изданија ве инспирираше да прочитате некоја од препорачаните книги. Во иднина ќе се обидам да продолжам со слични предлози.
Мала забелешка, можеби ќе забележите дека не се сите години застапени, но тоа е затоа што Пулицеровата награда за книжевност не се доделила во:
2012
1977
1974
1971
1964
1957
1954
1946
1941
1920
1917
