Книжевниот центар „Антолог“ со свој прв летен саем на книга!

Изминативе неколку денови постојано објавувам новости за книжарниците и издавачките куќи кои организираат летни саеми, фестивали и попусти. Можеме да заклучиме дека нема поубаво време од летно време за да се подновите со книга. Уште една издавачка куќа се приклучува во летната забава и летните саеми, а тоа е издавачката куќа и книжевен центар „Антолог“.

Во периодот од 1 јули до 31 август, во книжевниот центар „Антолог“, кој се наоѓа во Дебар маало, во близина на Кино Карпош, можете да најдете книги со попусти до 80%. Воедно ќе имате и прилично голем избор помеѓу 170 наслови од нивниот издавачки опус.

Цените ќе бидат навистина достапни за сечиј џеб, бидејќи ќе се движат од 99 до 299 денари! Книги како што е „Слепиот убиец“ од Маргарет Атвуд е намалена на 249 денари, а антологијата на најубави говори од светот и Македонија „Јас имам сон“ од 615 на само 199 денари. Намалените цени ќе важат само за книги купени во просториите на книжевниот центар „Антолог“.

Жарко Кујунџиски, главниот и одговорен уредник изјави:

„Бидејќи на 7 јули го одбележуваме својот 16-ти роденден и бидејќи е период кога луѓето сакаат да се опуштат со добра книга на одмор или дома, решивме задоволството на вистински одбрана книга да го крунисаме и со најдостапни цени досега. Нашите изданија првпат ќе можат да се добијат со толкави попусти. Во рамки на Летниот саем на книги ќе бидат организирани гостувања на автори и ред други изненадувања“. (Изјавата е преземена од порталот МКД)

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје е основана на 7 јули 1999 година, од страна на македонскиот писател Александар Кујунџиски. Во својот издавачки опус имаат книги за деца, но и книги за возрасни. Книгите издадени од нивната издавачка куќа секогаш се базирале врз основа на квалитетни имиња и квалитетни наслови.

Така што, не двоумете се, посетете го летниот саем на книга на книжевниот центар „Антолог“!

Leave a comment