Бестселерите се книги кои се продаваат многу брзо и во многу краток период. Обично добиваат огромна популарност, но со истата популарност и приврзаници добиваат и голем број на „непријатели“ и луѓе кои ги напаѓаат со цела жештина, тврдејќи дека се неквалитетна литература која на ниту еден начин не допринесува до збогатување на книжевноста.
Голем дел од нив тврдат дека никогаш не ги прочитале тие книги, дел од нив тврдат дека ги почнале за да видат за што се работи, дел од нив велат дека ги прочитале од љубопитност. Има и од оние кои тајно признаваат дека им се допаднале, ама тврдат дека знаат дека се работи за неквалитетна литература. Тука се отвора вечната дебата: Дали навистина се лоши книгите или се исмејуваат само заради нивната популарност? Или се исмева читателската публика?
Денес презентирам пет книги за кои најчесто сум читала и слушала како се подложуваат на исмевање и критика, а од друга страна се најпродавани книги.
1, „Алхемичарот“ – Пауло Коелјо

Пауло Коелјо е еден од најпродаваните писатели со години и децении. Познат во своите „Алхемичарот“, „Вероника реши да умре“, „11 минути“, „Победникот е сам“ и други книги, тој со текот на времето се здоби со почит и од критичарите и од публиката. Сепак, со текот на времето, голем дел од луѓето почнаа да ја исмеваат „Алхемичарот“.
Критиката претежно е повеќе насочена кон публиката на Коелјо, а не толку кон самиот Коелјо. И покрај сите продадени примероци и тиражи, сепак Коелјо не може да избега од критичарите кои постојано зборуваат дека неговата литература, особено „Алхемичарот“, е лесна литература за луѓе кои ги мрзи да читаат, а сепак сакаат да делуваат паметно. Дали е тоа така или не, сепак мислам дека самите треба да пресудите и да ја прочитате книгата.
2. „Самрак“ – Стефани Мајер

Позната трилогија за љубовта на вампирот Едвард и Бела е дефинитивно една од најисмеваните книги. Сепак мора да се земе предвид дека екранизираната верзија со Роберт Патисон и Кирстен Стјујарт највеќе придонесе да се навлече гневот на читателската публика. Сигурно повеќе пати сте ја забележале изреката која веќе стана легендарна: „…still better love story than Twilight“.
Повеќето луѓе признаваат дека не ја прочитале книгата и дека нема да ја прочитаат, но дека го гледале филмот и дека тоа им било доволно. Во одбрана на книгата, сите книжевни критичари велат дека Бела е многу посимпатичен лик од фимската верзија и дека самата глума на главните актери направила огромна штета на тоа како луѓето гледат на книгата.
3. „Педесет нијанси на сива“ – Е. Л. Џејмс
Познатата трилогија на Е. Л. Џејмс која ги полуде жените насекаде низ светот, доби уште толку непријатели, тврдејќи дека ова е книга која е навреда за книжевноста насекаде, а покрај тоа е и погрешна и искривена претстава за тоа како треба да изгледаат машко-женските односи.
Според оние кои ја мразат книгата, оваа книга продава сосема погрешни вредности на новите генерации девојчиња, дека психолошкото и физичкото малтретирање е океј сè додека мажот е богат. Ова уште повеќе се зголеми со појавата на филмот, а неодамна писателката објави нова книга „Греј“, која има за цел да ја покаже и приказната раскажана од страна на Кристијан Греј. За таа цел таа сакаше да направи сесија на Твитер каде ќе може да ѝ се постават прашања, но наиде на ужасни напади и коментари за нејзините дела.
4. „Јади, моли се, вљуби се“ – Елизабет Гилберт

Кога излезе оваа книга, ги сруши сите рекорди, со недели беше на првото место на најпродавани книги. Дури и се сними филм според неа, во којшто глумеше Џулија Робертс. Како што вртоглаво ѝ растеше популарноста, така растеше и бројот на луѓе кои ја исмеваат и мразат книгата.
Тврдејќи дека ова е само патетична книга напишана од досада и во желба за одмазда за поранешниот сопруг, коментарите стануваа сè полоши од ден на ден. И покрај тоа што сè уште е прилично популарна книга, сепак бројот на луѓе кои ја исмеваат и тврдат дека не можат да ја поднесат е исто така голем.
5. „Калуѓерот што го продаде своето ферари“ – Робин Шарма

Ова е една од оние книги кои се полни со животни филозофии, каде човекот прави сопствено истражување на сопствената душа. Најчесто овој тип на книги се многу популарни, но се подложени на голема иронија, цинизам и исмејување од страна на другите луѓе. Како и секогаш, оваа книга не е исклучок. И покрај популарноста, можете да сретнете екстремно поделени мислења. Од ставот дека ова е книга која може да го смени животот на еден човек, до тоа дека ова е книга која секој може да ја напише за два дена.
Ова е само мал дел од популарните книги кои наводно се најомразени, барем според она што го кажуваат луѓето. Ова е само збир на книги за кои сум слушала и читала директно од луѓето кои ги сакаат/мразат. Дали се согласувате со оваа листа? Има многу вакви книги и во некоја наредна прилика ќе продолжам со листата, дотогаш можете да ги погледнете овие книги, чисто за да можете да заземете страна во дебатите околу вас. 🙂
