Книгите секогаш нè пренесуваат во нови светови, далеку од реалниот свет во којшто живееме. Секогаш се воодушевуваме на писателите и писателките и на нивната инспирација и талент кој прави да се губиме во други светови, да се приврзуваме со туѓи приказни и да засакуваме ликови кои не постојат.
Сепак, при пишувањето, писател(к)ите често се служат со инспирација од секојдневниот живот. Денес, решив да ви претставам неколку интересни, контроверзни и омилени ликови од книги, кои всушност се засновани врз вистински луѓе кои писателите ги познавале. За некои од нив сигурно ќе се изненадите. Погледнете ја листата:
1. Ебенезер Скруџ – „Божиќна приказна“ од Чарлс Дикенс
Не верувам дека постои човек што не је знае приказната на Чарлс Дикенс за циничниот, скржав старец кој сите ги третира со подбив, не ги сака сиромашните и сурово ги третира своите работници. Не го сака Божиќ, но токму на Бадник, го посетуваат три духови: Духот на минатото, Духот на сегашноста и Духот на иднината. Тој прави рефлексија на сопствениот живот преку секој од овие духови. „Божиќна приказна“ е непресушна инспирација во модерната култура. Од театарски претстави, до играни и анимирани филмови, оваа приказна никогаш не губи од својата релевантност.

Чарлс Дикенс при пишување на „Божиќна приказна“ и при создавање на Ебенезер Скруџ, бил инспириран од вистинска личност, т.е од влијателен и познат британски политичар, Џон Елвес. Џон Елвес бил познат по тоа што бил навистина многу богат, но бил и премногу скржав.
Тој бил роден во богато семејство и во текот на животот заработувал многу, но наместо да купи куќа за себе, тој живеел во напуштени куќи и колиби и јадел остатоци од храна кои ги наоѓал на улица или на вечерите на кои присуствувал, затоа што не сакал да ги троши парите и сакал да ги чува. Иако според денешни процени тој имал богатство кое денес соодветствува на 30 милиони долари, сепак човекот легнувал да спие веднаш штом ќе зајдело сонцето затоа што не сакал да троши свеќи.
2. Алиса – „Алиса во Земјата на чудата“ од Луис Карол
Иако, овој факт веќе беше споменат во една од претходните статии кога зборував за неколку интересни факти за книгата, сепак интересно е да се повтори. „Алиса во Земјата на чудата“ е една од најпопуларните книги меѓу децата, но и меѓу возрасните. Постојат многу екранизации на оваа приказна и е навистина непресушен извор на инспирација. Алиса и нејзините авантури во Земјата на чудата никого не оставаат рамнодушен.

Вистинската инспирација за Алиса е десетгодишната Алиса Лидел која со своите две сестри и родители патувале со брод заедно со Луис Карол кој бил пријател со таткото на Алиса. Забавувајќи ги малите девојчиња, Чарлс Доџсон (вистинското име на Карол) го измислил овој магичен свет со чудни суштества и чудни случувања. Алиса била толку обземена со прикзната што го замолила да ја запише некаде приказната. Иако денес има некои теории дека Карол бил заљубен во Алиса и покажувал педофилски склоности, сепак голем дел од истите се отфрлени заради тоа што нема никаква основа за нив.
3. Д-р Џекил и г-дин Хајд – „Чудниот случај на д-р Џекил и г-дин Хајд“ од Роберт Луис Стивенсон
Ова е еден вистински класик за дуалноста на човекот, на желбата да биде добар како што бара општеството, но и борбата да се препушти на шармот на злото. Книга која со сигурност ќе ви предизвика морници и книга која е револуционерна за времето во кое е напишана.
Човекот е како паричката, секогаш има две страни или барем тоа сака книгата да го прикаже. Но, она што малку луѓе го знаат е дека личноста според која е моделиран дуалитетот Џекил-Хајд, навистина постоел и бил навистина познат во свое време.

Вилијам Броди бил многу почитуван трговец преку ден, а прав бесрамник и крадец преку ноќ. Како почитуван човек во општеството, тој многу често бил канет на сите раскошни забави кај најбогатите луѓе во градот. Додека бил таму, успевал да прави копии од клучевите и се запознавал со безбедносните механизми на неговите клиенти и потоа ги ограбувал.
Откако бил фатен, се дознало дека толку високо почитуваниот член на општеството водел двоен живот. Едниот, за пред луѓе, бил живот на чесен и добар човек. Другиот живот, како што подоцна се открило, бил живот во кој Броди бил тежок коцкар и татко на пет вонбрачни деца од две различни љубовници и ниту една од нив не знаела за постоењето на другата.
Таткото на Роберт Луис Стивенсон поседувал мебел кој бил направен од Броди и воедно писателот бил воодушевен од дихотомијата помеѓу дневниот, почитуван и величествен живот на Броди, и неговите ноќни авантури и решил тоа да го претвори во книга, која се разбира е малку поразлична и пострашна од реалната верзија.
4. Шерлок Холмс – „Авантурите на Шерлок Холмс“ од Артур Конан Дојл
Кој не слушнал за Шерлок Холмс, неговиот верен придружник Вотсон и нивните заеднички авантури во борба со криминалот и разоткривање на мистериите со кои се соочуваат? Не постои таков човек! Шерлок Холмс е еден од најпознатите ликови во историјата на книжевноста. Лик кој статистички највеќе се појавува на филмското платно и кој е еден од најфасцинантните ликови во книжевноста. Артур Конан Дојл направил одлична работа со Шерлок, иако подоцна во животот тврдел дека не може да го смисли ликот кој самиот го создал.

Инспирацијата на Артур Конан Дојл за создавањето на Шерлок Холмс бил доктор Џозеф Бел кој бил предавач на Медицинскиот факултет во Единбург, но и бил личен познаник со Артур Конан Дојл кој исто така студирал медицина. Тие двајца се запознале во 1877 година, а Артур Конан Дојл му бил чирак на доктор Џозеф Бел. Доктор Бел бил познат по своите аналитички способности и способноста за дедукција и можел преку набљудување на изгледот на човекот да даде точна и прецизна анализа за тој човек. Дури и неколку пати им помагал на Скотланд Јард при нивните истраги, а бил и повикан како сведок-експерт во едно судење за убиство.
Артур Конан Дојл никогаш не криел дека Џозеф Бел бил инспирација за Шерлок Холмс, а од друга страна доктор Бел знаел за ова и многу се гордеел со фактот дека бил инспирација за таков карактер. Победничка ситуација за сите.
5. Северус Снајп – серијалот „Хари Потер“ од Џ.К Роулинг
Магичниот свет на Хари Потер веќе има добиено култен статус. Светот на маѓепсници доби исто толку популарен филмски серијал, а Џ.К Роулинг со овој книжевен серијал си го запечати местото во книжевната историја. Иако се работи за сосема измислен свет, сепак има еден лик кој е всушност инспириран од вистински човек.

Воопшто не е тајна фактот дека Џ.К Роулинг го засновала ликот на Северус Снејп врз основа на нејзиниот професор по хемија, Џон Нетлшип. Имал долга црна коса поделена на остар патец, постојано се облекувал во црно (овој стил фантастично беше доловен и во филмот преку Алан Рикман) и во далечната 1976 година бил познат како многу строг професор кој и самиот признавал дека не сака да толерира будали. Сам за себе кажувал дека е професор по хемија со избувлив темперамент, долга коса и сјајна лабораторија.
Кога прв пат бил интервјуиран од новинар за неговата поврзаност со ликот на Роулинг, тој изјавил: „Бев вчудоневиден кога дознав за тоа. Знам дека бев навистина строг професор, но никогаш не мислев дека сум толку лош.“
6. Доријан Греј – „Сликата на Доријан Греј“ од Оскар Вајлд
„Сликата на Доријан Греј“ е една прекрасна книга која на многу интересен начин се навлегува во душата на човекот. Приказна за младиот и прекрасен Доријан Греј кој добива портрет од себе. Но, овој портрет е необичен. Наместо Доријан, портретот е тој што старее. Доријан е воодушевен, но набргу сфаќа дека портретот е всушност одраз на тоа како изгледа неговата душа. За ова дело, Оскар Вајлд ги добива најголемите признанија.

Она што е малку познато е дека Доријан Греј е заснован на ликот и делото на еден млад англиски поет Џон Греј, кој бил хомосексуалец и исклучително преубав млад човек кој бил од книжевното друштво на Оскар Вајлд во 1890-тите години.
Според изворите, овој млад, декадентен и храбар дечко, кој бил поет од работничката класа, бил под влијание на Вајлд и неговите пријатели и вовлечен во тежок боемски живот. По некое време, почнал да чувствува грижа на совест и решил да побегне од својот боемски живот и отишол во Рим затоа што сакал да учи за да стане свештеник и до крајот на својот живот бил посветен свештеник.
7. Карло Маркс, Олд Бул Ли и Џек Мориарти – „На пат“ од Џек Керуак
Јавна тајна е дека всушност „На пат“ се личните впечатоци на Џек Керуак додека ја патувал Америка заедно со неговите пријатели. Единствена разлика е што имињата се променети. Џек Керуак е најпознат претставник на бит-генерацијата, а ликовите во книгата се исто така неговите пријатели-писатели од бит генерацијата: Нил Кесиди, Вилијам С. Буроуз и Ален Гинзберг.

