Критичкиот осврт и анализа на Џорџ Орвел за „Мојата борба“ на Адолф Хитлер

Како што им е веќе познато на сите љубители на книжевноста, Џорџ Орвел бил жесток противник на авторитарни и тоталитарни системи кои ги репресирале и загушувале своите граѓани. Ова особено може да се препознае во неговите ремек-дела „1984“, „Животинска фарма“, а и истиот револт и желба за слобода може да се забележи во неговата „Во чест на Каталонија“.

Покрај тоа што бил талентиран писател, тој исто така повремено работел и како новинар, пишувал есеи, критики, колумни и останати форми на изразување во англиските весници. Иако во неговите дела исто може да се забележи голем сарказам и подбив кон медиумите и новинарството, т.е начинот на кој тие работат.

Во 1940 година, Орвел објавил критички осврт на „Мојата борба“ на Адолф Хитлер во кој дава брилијантна анализа на нацистичкиот фирер. Орвел признавал дека еден од најголемите адути на Хитлер била неговата „отровна харизма“. Во критичкиот осврт, кој можете во целост да го прочитате малку подолу, тој вели:

„Се работи за фиксираната визија за еден мономанијак и најверојатно не може да биде променета од привремените маневри на политиката на моќ. Најверојатно, во умот на Хитлер, „Руско-германскиот“ пакт не претставува ништо друго освен поместување на распоредот. Планот кој е изнесен во „Мојата борба“ е прво да се уништи Русија, со намерата потоа да се уништи Англија.

Со оглед на тоа како излегоа работите, сега Германија мора прво да се справи со Англија затоа што Русија излезе дека е земја која полесно може да се поткупи од Англија. Но, ќе ѝ дојде редот и на Русија; и тоа во оној момент кога Англија повеќе нема да биде во генералната политичка слика. Несомнено ова е начинот на кој Хитлер ги гледа работите. Дали ќе излезе така, тоа е веќе сосема друго прашање.“

Што се однесува до визијата на Хитлер, Орвел аргументира дека:

„Она што тој го замислува (и тоа 100 години однапред) е постојан раст на 250 милиони Германци кои ќе имаат доволно простор за живеење (проширувајќи се до Авганистан), ужасна империја без мозок, каде ништо никогаш не се случува, освен тренирањето на млади момчиња за војна и бескрајно создавање на „свежо топовско месо“.“

Орвел има објаснување и за тоа како успеал Хитлер да започне со реализирање на својот план. Меѓу останатото е и тезата дека имал помош од индустријалистите кои се надевале дека ќе им помогне да ги уништи комунистите и социјалистите, но Орвел сепак ја признава привлечноста на Хитлер:

„Ситуацијата во Германија, со седум милиони невработени луѓе, очигледно беше плодна почва за демагогии. Но, Хитлер немаше да успее против многуте ривали кои ги имал, ако не беше привлечноста на неговиот сопствен карактер, која се чувствува дури и во неговото трапаво пишување на „Мојата борба“ и која уште повеќе доаѓа до израз кога човек ги слуша неговите говори… Факт е дека има нешто длабоко привлечно кај него.“

Понатаму, Орвел продолжува да го аргументира ова за Хитлер додека дава препораки на читателот да погледне некои од сликите на Хитлер, а потоа продолжува: „Со сликите, на помажествен начин се репродуцира изразот на безбројните слики на распнувањето на Христос и постои многу мало сомневање дека токму тоа е начинот на кој Хитлер се гледа себеси. Иницијалната лична причина за неговата огорченост од универзумот може само да се погодува, но во секој случај огорченоста е тука. Тој е маченикот, жртвата, Прометеј окован на карпа, херојот кој се саможртвува и кој самиот се бори против бројки кои не може да ги победи. Ако тој убие глушец, тој знае како да направи да изгледа како да убил змеј. Човек може да почувствува дека, исто како и Наполеон, тој се бори против судбината, дека тој не може да победи, но сепак некако смета дека заслужува да победи. Привлечноста на овој став е огормна и половина од филмовите кои човек ги гледа имаат таква тематика.“

И речиси сосема на крајот, Орвел дава приказ на тоа како Хитлер допира до луѓето и што користи во неговата манипулација врз нив:

„Умот на Хитлер, во кој не постои радост, знае дека луѓето не сакаат само удобност, безбедност, кратки работни часови, хигиена, контрацепција и генерално здрав разум; тие исто така сакаат борба и само-жртвување, а да не ги споменуваме и тапаните, знамињата и парадирањата за лојалност. Фашизмот и нацизмот, колку и да се економски теории, психолошки имаат поцврсти темели од било кој хедонистички концепт за животот. Истото важи и за милитантската верзија на Сталин за социјализмот. Најголемите три диктатори ја имаат зголемено нивната моќ со наметнување неподносливи товари на своите луѓе.“

Во последните неколку реченици, Орвел заклучува:

„Додека социјализмот и капитализмот на еден начин им велат на луѓето: „Јас ви нудам забава“, Хитлер им кажа: „Јас ви нудам борба, опасност и смрт“ и како резултат на тоа, целата нација веднаш беше на готовс и скокна на нозе. Можеби подоцна ќе им се смачи и ќе се премислат, исто како и на крајот на претходната војна.

По неколку години полни со колење и изгладнување, слоганот „Најголема среќа за најголемиот број“ е добар слоган, но во овој момент „Подобро ужасен крај, отколку ужас без крај“ е дефинитивен победник. Сега кога се бориме против човекот кој го создаде овој слоган, не треба да ја потценуваме неговата привлечност“.

Целосниот критички осврт прочитајте го подолу. Инаку овој осврт го има и во еден од четирите книги со собрани есеи, колумни и осврти на Орвел, насловено како „Собрани есеи, новинарски записи и написи“. Секоја од нив има различен наслов. Првата е „Во времиња како овие“, втората е „Мојата држава: Десно или лево“, третата е насловена како „Како што милувам“ и четвртата книга со собраните есеи се вика „Пред твојот нос“. Значи има доста обемен материјал кој секој обожавател на Орвел и вљубеник во историјата би било интересно да ги прочита.

orwellkampf1

Leave a comment