Предлог-книги за читање додека ја чекате следната епизода од „Вистински детектив“!

Серијата „Вистински детектив“ направи вистински бум со првата сезона во која глумеа Метју Меконахи и Вуди Харелсон. Се работи за крими-серија која е по принцип „секоја сезона – различна приказна, различни ликови“. Во првата сезона, животот на овие двајца детективи се испреплетуваат за време на потрагата по еден сериски убиец. Потрага која трае цели 17 години… Првата сезона имаше осум епизоди и беше вистински хит, а и втората полека добива свои приврзаници.

Во втората сезона главните улоги ги толкуваат Колин Фарел и Винс Вон, а покрај нив се појавуваат и Рејчел МекАдамс и Тејлор Кич. Едно бизарно убиство спојува тројца полицајци и еден криминалец, па секој од нив мора да се снајде низ мрежата од завери и предавства во пустите предели на Калифорнија.

Ако сте љубител на книги и на оваа серија, во продолжение можете да ги прочитате следните книги кои како предлог ги даде Рој Јохансен, писател чии книги се прави бестселери, како на пример „Смртоносни визии“, „Над секое верување“ и најновата книга „Голото око“. Според овој автор, овие книги се одлично четиво за оние кои љубат серии како „Вистински детектив“, па така одлично би било да прочитате некоја од нив додека ја чекате новата епизода од оваа серија. Дури и ако не сте обожавател на оваа серија и не сте погледнале ниту една епизода, верувам дека книгите кои се предложени ќе ви се допаднат, имајќи ја предвид нивната содржина.

Листата е следна:

1. „Долгото збогување“ – Рејмонд Чендлер (1953)

~ „Не постои поопасна замка од таа која си ја поставуваш себеси“. ~

Првично објавена во 1953 година, ова е шестата книга на Чендлер од вкупно седумте книги кои ги има издадено и кои се вртат околу ликот и  делото на приватниот детектив Филип Марлоу, а според Рој Јохансен, ова е дефинитивно книгата која мора да ја прочитате доколку ја сакате серијата „Вистински детектив“. Книга во која развојот на ликовите е направен со многу вкус и стил, а воедно и самата приказна е напишана на начин поради кој ќе уживате во секоја реченица. Приказната го следи Марлоу кој се вплеткува во случајот на Тери Ленокс, пијаница за кого има сомневања дека ја убил својата жена која била наследничка на огромно богатство. Но, ова е само почеток за Марлоу, бидејќи овој случај ќе го однесе од Тихуана до пост-воениот Лос Анџелес кој ќе понуди уште возбудувања за читателот.

2. „Кога гранката се крши“ – Џонатан Келерман (1985)

~ „ – Песимизмот не е добар за душата. 
– Јас уште пред многу години ја продадов својата душа.
– Кому?
– На кучката наречена Успех. Си отиде од градот пред да го исполни својот дел од договорот.“ ~

Оваа книга е отскокнување од традиционалните крими-романи. Главниот лик е Делавер, кој е детски психолог кој постојано соработува со полицијата и ги истражува случаите со повеќе емпатија и анализа. Сепак, тој постојано се соочува со опасност и возбудливи ситуации. Откако седумгодишно девојче е сведок на убиство од страна на нејзиниот садистички психијатар, Делавер се заплеткува во овој случај кој ќе влијае на неговиот живот повеќе отколку што тој може да замисли.

3. „Црната Далија“ – Џејмс Елрој (1987)

~ „Некои луѓе не реагираат на цивилизираност.“ ~

Инспириран од вистинската приказна за убиството на прекрасната Бети Шорт во 1947 година, Елрој прави реконструкција на еден од најпознатите нерешени случаеви во историјата на Лос Анџелес. Тој навлегува и длабоко во човековата психологија за зависта, очајот и психолошките рани кои никогаш не се лечат сосема до крај. Детективите Баки Блејхарт и Ли Бленчард го истражуваат случајот со одлучност која се граничи со опсесија. Како што откриваат и разоткриваат лаги и мистерии поврзани со убиството, така и дознаваат работи за себеси кои никогаш не ги знаеле.

4.Ѓавол во син фустан“ – Валтер Мозли (1990)

~ „Законот е создаден од богати луѓе со цел сиромашните да не напредуваат.“

Во оваа книга, дејствието се врти околу Ролингс , Афроамериканец, кој е воен ветеран од Втората светска војна и живее во Вотс. Тој е човек кој се труди да си го проживее животот, користејќи го својот шарм и инстинкт за да ги решава случаите кои ги добива. Кога започнува да истражува случај за исчезнувањето на прекрасна Французинка која последен пат е видена во друштво на еден озогласен гангстер, тој добива повеќе отколку што се надева.

5. „Темното ехо“ – Мајкл Конели (1992)

~ „Не можеш да излечиш ранета душа со ханзапласт.“ ~

Пред да стане писател со полно работно време, Мајкл Конели бил новинар за „Лос Анџелес Тајмс“ кој известувал за црната хроника во Лос Анџелес. За своите дела поврзани со својот лик Хери Бош, тој добива голем број признанија и награди. Во оваа приказна, Бош ја истражува смртта на воен ветеран со кого заедно се бореле во Виетнам и кој своите воени способности ги искористил за да стане ограбувач на банки. Но, во светот на Бош, ништо не е онака како што изгледа. Искрите летаат во воздухот кога тој почнува да работи заедно со Еленор Виш, која е агентка на ФБИ и тие заедно влегуваат во опасна мрежа која доаѓа од далечното минато исполнето со сенки.

Leave a comment