Предлог – книги во кои главното дејствo се врти околу книги!

Една од причините зошто толку ги сакаме книгите е фактот што тие секогаш нè пренесуваат во други светови, во други приказни. Преку нив живееме приказни кои сакаме да ги доживееме, чувства кои сакаме да ги почувствуваме и запознаваме луѓе кои би сакале да ги запознаеме.

Но, има и такви книги каде што дејствoто се движи токму околу книгите, а главни ликови се љубители на книги. Доколку сте страстен љубител на книги, тогаш овие книги се полн погодок за вас. Заедно со главните ликови ќе се изгубите во магијата на пишаниот збор, книгите, книжевноста…

Одвреме-навреме ќе ја надополнувам листата со предлози за книги чии дејствија се вртат околу книгите. Би се изненадиле кога би виделе колку прекрасни книги има на оваа тематика.

Погледнете ја листата:

1. „Крадачка на книги“ – Марк Зусак

Прекрасната, емотивна приказна за девојчето Лизел која добива нов дом, нови старатели и мора да се навикне на новиот живот додека се спријателува со новите луѓе, меѓу кои е и Руди. Додека ова се случува, во тек е Втората светска војна. Лизел е сведок на сето тоа и најпосле наоѓа начин како да се справи со суровоста на светот, а тоа се книгите. За неа нема поголемо богатство од нив. Таа присуствува на едно групно палење книги (кое било често во нацистичка Германија) и случајно наоѓа неизгорена книга и ја зема со себе. И така започнува длабоката и вечна љубов на Лизел со зборовите и книгите. Книга која ни ја покажува деструктивната моќ и злоба на војната, но и дека книгите и зборовите знаат да бидат вистински пријатели и да ни ги лечат раните.

2. „Фаренхајт 451“ – Реј Бредбери

Оваа книга е една од најмоќните книги со силна порака дека книгите се моќна алатка и дека секогаш ќе има луѓе кои ќе сакаат да направат истите да исчезнат. Гај Монтаг е пожарникар чија задача е да ги гори забранетите книги, кои се изворот на целата несреќа. Но, тој е несреќен, бидејќи не е сигурен колку тајни има во неговиот брак. Има ли скриени книги во неговата куќа? Целото пожарникарско одделение е подготвено да ги следи и најде сите оние кои му се спротиставуваат на општеството и се трудат да ги зачуваат и читаат книгите. Едно прекрасно дистописко четиво кое стои гордо покрај великаните како „1984“ и „Храбар нов свет“. Задолжително земете ја во рака доколку ја немате веќе прочитано!

3. „Матилда“ – Роалд Дал

Матилда е чувствителна и брилијантна. Пред да наполни пет години, таа веќе ги прочитала Дикенс и Хемингвеј, Киплинг и Штајнбек. И покрај тоа што е миленичка на професорите, таа е многу популарна и помеѓу соучениците. Но, нејзиниот свет не е толку совршен како што изгледа на прв поглед.  Нејзините родители се себични луѓе, окупирани сами со себе и тие ја гледаат Матилда како товар и  ја сметаат за ништожна. Затоа, таа решава ги научи на неколку лекции. Ова е еден од најпознатите романи на Роалд Дал, објавен во 1988 година. Во 1996 година е снимена екранизација во режија на Дени ДеВито, кој во филмот го игра таткото на Матилда.

4. „Сенка на ветрот“ – Карлос Руиз Зафрон

Додека Барселона полека ги лечи раните од Граѓанската војна,  Даниел, синот на еден продавач на стари книги, жали по својата мајка. Како лек за болката, тој наоѓа една мистериозна книга која се вика „Сенката на ветрот“ од Џулијан Караш. Кога се обидува да ги најде и другите дела од овој автор, доаѓа до сознанието дека некој мистериозно се обидува да ги уништи сите издадени книги кои тој ги напишал. Даниел всушност ја поседува последната книга која Караш ја напишал. Невината и искрена потрага на Даниел се претвора во опасна авантура исполнета со убиство, лудило и љубов осудена на пропаст.

5. „Тринаесеттата приказна“ – Дајан Сетерфилд

Главниот лик во оваа книга е Маргарет Леа, која е биограф и која една ноќ се враќа во нејзиниот стан кој се наоѓа над книжарницата за стари книги која е во сопственост на нејзиниот татко. На скалите во влезот таа наоѓа рачно напишано писмо од писателката Вида Винтер која е сериозно болна и сака некому да ја раскаже приказната за нејзиниот живот. Сепак Маргарет се двоуми, бидејќи таа не ја познава жената, ниту пак прочитала некое од нејзините дела. Сепак, во антикварницата на татко ѝ, таа започнува да ја чита книгата на Вида Винтер, „Тринаесет приказни за менувањето и очајот“. Таа се заљубува во приказните и на крајот останува збунета од фактот што се само дванаесет приказни и кај неа се раѓа љубопитството да дознае што се случило со тринаесеттата, па така решава да ја прифати понудата на Винтер. Додека Вида Винтер ја раскажува својата приказна, Маргарет дознава кои се нејзините мрачни тајни, нејзиниот живот, нејзините радости и таги. И двете жени мораат да се соочат со своите сопствени демони и духови кои сè уште ги прогонуваат.

Leave a comment