Аудио-книгите се прилично специфичен медиум и генерално немаат преголема публика и обожаватели. Повеќето љубители на книжевноста се отпорни на овој тип на пренесување на книжевноста и едноставно не им се допаѓа овој начин тврдејќи дека книгата најдобро може да се доживее преку читање. Во напорите да се направат аудио-книгите попристапни и поинтересни за поширока публика, веќе стана практика познати актери да ги читаат книгите и да бидат наратори во аудио-книгите. Имајќи ја предвид нивната популарност и талент, некои од овие аудио-книги навистина добија станаа популарни и се одобрени и од критичарите и од публиката, велејќи дека тие одлично си ја завршиле работата.

Погледнете некои од најдобрите аудио-книги во кои наратори се некои од најталентираните актер(к)и на денешницата. Голем дел од нив можат да се купат на интернет, а дел од нив можат да се најдат и бесплатно. А доколку и по слушањето не бидете убедени, тогаш секогаш можете да ја прочитате книгата во нејзината оригинална форма.
1. „Крајот на една љубовна приказна“ – Греам Грин
Наратор: Колин Фирт

Колин Фирт е еден од најдобрите, најталентираните и најпознатите британски актери од неговата генерација. Тој за многумина жени ширум светот е вистинскиот господин Дарси, глумејќи го во тв-серијата „Гордост и предрасуди“ од 1995 година, направена според истоимената книга на Џејн Остин. Овојпат тој е во улога на наратор во аудио-книгата „Крајот на една љубовна приказна“ од Греам Грин. Приказна за љубовта, омразата, комплицираноста на човековите односи и пораката дека никогаш ништо не е така како што изгледа и не изгледа така како што е. Приказна за еден љубовен триаголник и за недоразбирањата кои произлегуваат кога се работи за човечките односи.
2. „Гуливеровите патувања“ – Џонатан Свифт
Наратор: Хју Лори

Сите ја знаеме приказната за Гуливер и неговите авантури во земјата на Лилипутанците. Оваа легендарна приказна на Џонатан Свифт е дел од нашите детства. Пораснавме со оваа приказна и со цртаните снимени врз основа на книгата. Овој пат ја имаме и како аудио-книга, а наратор во книгата е едниот и единствен Хју Лори или попознат како доктор Хаус од истоимената серија. Лори е еден навистина преталентиран глумец и има специфичен акцент и зборување и ја прави оваа книга поспецифична и одново ќе се загубите во авантурите на Гуливер.
4. „Волшебникот од Оз“ – Лиман Френк Баум
Наратор: Ен Хетевеј

Приказната за Дороти и нејзините пријатели во еден магичен и нереален свет е една од најпознатите приказни според која се сними и еден од најпопуларните филмови, вистински класик. Сега приказната е достапна и во аудио-верзија која ја чита Ен Хетевеј која со својата улога во „Клетници“ освои и Оскар, а е меѓу актерките кои постојано се ангажирани и барани. Покрај тоа, ја играше Џејн Остин во „Постанувајќи Џејн“, филм за животот на Џејн Остин, така што веќе го има сензибилитетот за да може да ја донесе и раскажува приказната.
5. „Кон светилникот“ – Вирџинија Вулф
Наратор: Никол Кидман

Никол Кидман веќе има навлезено во карактерот и духот на Вирџинија Вулф преку нејзиното портретирање во филмот „Часови“ за што доби и Оскар. Овојпат таа се става во улогата на наратор на книгата „Кон светилникот“, една од најпознатите книги на Вирџинија Вулф. Книгата е портрет на еден семеен живот, но има и универзални пораки и му дава јазик на празниот и тивкиот простор кој ги разделува луѓето и просторот кој ги спојува.
6. „Враќање на домородецот“ – Томас Харди
Наратор: Алан Рикман

Алан Рикман е еден од глумците со најспецифичен глас. Тој може да чита упатство за користење и сепак ќе го слушате со задоволство. Затоа и е прилично паметен потег да се најми овој глумец за да биде наратор на аудио-книга. Во оваа прилика тој ја чита „Враќање на домородецот“ од Томас Харди, приказна за Клајм Јеобрајт кој се враќа дома по неколку години во Париз.
Приказна во која се замешуваат роднини, љубови, фамилија, пријатели и познаници. Приказна за меланхолија, љубов осудена на пропаст, судбина, предавства и лаги. Приказна за тоа дека некогаш само една мала среќа или несреќа може да ни даде сосема поинаков правец на животот.
7. „Авантурите на Том Соер“ – Марк Твен
Наратор: Пол Њуман

Една од легендите на златниот Холивуд е наратор на една од легендите на американската литература. Преку оваа аудио-книга, благодарејќи на гласот на Пол Њуман одново ќе ја доживеете оваа книга и тоа на сосема поинаков начин.
10. „Дракула“ – Брам Стокер
Наратор: Алан Каминг

Една од најпознатите хорор книги е издадена и во форма на аудио-книга. Доколку сте љубител на страшното, мистериозното и сте доволно храбри за да го слушате тоа, ова е вистинската работа за вас. Алан Каминг е одличен во својата изведба и улога на наратор и бескрајно ќе ве зароби со својот глас. И малку ќе ве уплаши.
11. „Одисеја“ – Хомер
Наратор: Иан Мекелен

За ова легендарно епско дело нема потреба од многу објаснување, а богами ниту за Иан Мекелен. Кога ќе споите легендарно дело со гласот на легендарен глумец, добивате ремек-дело!
