Одмори со книга: Неколку предлози за читање за време на летните одмори!

Веќе сме на средина од летото, некои веќе беа на годишен одмор, некои допрва ќе одат, а некои одлучуваат да останат дома. Кој и да е изборот, лето не е лето без книга како придружник. Без разлика дали ја читате на плажа, во кревет, на базен или на клупа, летото е целосно само со книга во рака.

За денес одвоив неколку предлози за љубителите на книги кои совршено ќе се вклопат во вашите дневни распореди. Се обидов да пронајдам книга за сечиј вкус и се надевам дека некоја од нив ќе ве инспирира и ќе ве поттикне да ја прочитате.

1. Книга од песок“ – Хорхе Луис Борхес

„Книга од песок“ од Хорхе Луис Борхес е една од новостите кои ги нуди издавачката куќа „Бегемот“ и е одлична книга за оние што ги сакаат делата на Борхес и на кои им недостасува малку од неговата книжевна магија. Тој е еден од најпознатите латиноамерикански писатели и генерално е познат по кратките кратките раскази и есеите, иако пишувал и поезија и литературни критики. Често пати го нарекуваат писател чиј стил е магичниот реализам, но на оваа тема има прилично поделени мислења.

„Книга од песок“ се состои од 13 раскази во кои се обработуваат разновидни тематики како: алтер егото, љубовта, судбината, претпоставениот ерес, на вечните дела и на мистериозната и фасцинантна книга, бескрајна како песокот.

„Книга од песок“ – затоа што ниту книгата, ниту песокот немаат почеток и крај.

2. „Лето во Тоскана“ – Елизабет Адлер

А кој не би сакал да проведе едно лето во Тоскана? „Лето во Тоскана“ е едно од новите изданија на издавачката куќа „Култура“ и е одлична книга за дневно мечтаење и заборавање на светот околу вас. Гема Џерико е лекарка која целосно е посветена на работата и нема баш време за одмор, ниту пак за какви било социјални активности. Одеднаш се појавува мистериозно наследство во Тоскана и нејзината мајка наоѓа причина да ја натера Гема да дојде со неа и да се тргне од работата.

Со оваа книга ќе го почувствувате летото во Италија, полињата со лаванда, грозјето и целата убавина на Италија. Овој роман ќе ви овозможи за миг да се најдете во тесните улички на Рим, да пиете италијанско кафе на познатите шпански скали и карактеристичните мали плоштадчиња на Рим. Елизабет Адлер успева да ве пренесе со неверојатна брзина во преубавата Тоскана со нејзините прекрасни предели, богатото културно наследство, одличната храна и вонсериските тоскански вина.

3. И одеднаш едно лето“ – Џули Џејмс 

Оваа книга во издание на „Сакам книги“ направи вистински бум и е вистински бестселер, одличен за читање на плажа и одморање од секојдневните грижи. Приказна за двајца соседи со магнетна привлечност, но и двајца луѓе со огромни тежини на својот грб. Викторија Слејд не верува во среќен крај и љубов, а Форд Дикинсон е фокусиран на пронаоѓање на човекот кој ја оставил неговата сестра на цедило. Книгата ќе ја прочитате за миг, стилот на пишување е лесен, баш погоден за летните жештини. Викторија сака да се забавува и да излегува, но не може органски да го поднесе својот сосед, кој е арогантен колку што е убав. Приказна со хумор, романтика, полна со живот и позитивна енергија.

4. „Детство, лето, град“ – Влада Урошевиќ

Ви недостасува малку носталгија по детството? Оваа прекрасна, топла, исклучителна книга од еден од најпознатите македонски современи писатели, Влада Урошевиќ, ќе ве врати назад во времето, ќе ви создаде носталгија и ќе ве натера да посакате да се вратите назад додека се возите на емоционален ролеркостер. „Детство, лето, град“ е во издание на издавачката куќа „Темплум“. 

Во оваа книга се собрани песни, раскази, сеќавања, интервјуа кои се обединети околу темата детство. Може слободно да се каже дека детството, всушност, е една од најголемите опсесии на Влада Урошевиќ. Во овој избор од речиси сите поетски и прозни книги авторот го опишува својот „златен век“, времето на „изгубениот рај на земјата“ кога сите надворешни сензации го носат вкусот на чудото.

5. Двојна измама“ – Џејмс Патерсон

Летото не е целосно без малку акција. „Двојна измама“ од Џејмс Патерсон е една од новостите на издавачкиот центар „ТРИ“. Приказната го следи специјалистот по форензичка психологија и ФБИ-агент Алекс Крос се соочува со својот најкошмарен противник – сериски убиец што сака да стане господар на ужасот. Токму кога почнува да води мирен живот со својата девојка и им се посветува на редовните психотерапии со пациентите, доктор Крос е принуден да се врати во игра поради низата дотогаш невидени убиства што го потресуваат Вашингтон. Зад нив стои Убиецот за публика – грозоморниот гениј жеден за слава што ги сценира убиствата како јавни дела низ градот и ги прикажува во живо на Интернет.

Во Колорадо, уште еден криминален ум го планира своето триумфално враќање во јавноста. Од својата затворска ќелија со максимално обезбедување, Кајл Крег со години го крои планот за бегство и одмазда. Тој сака да работи сам, без обожаватели и имитатори. Но, ако треба, подготвен е да ги здружи силите со Убиецот за публика за да дојде до човекот што го уапсил пред четири години – Алекс Крос…

Цена: 380 денари

6. „Да се убие птицата подбивница“ – Харпер Ли

Да, ова е далеку од нова книга, но секогаш е убаво да се потсетиме на приказните кои вредат. Месецов беше објавена втората книга на Харпер Ли, „Оди постави стражар“ која е како продолжение на „Да се убие подбивната птица“. Додека чекаме да дојде во Македонија, убаво е да се потсетиме на оваа легендарна приказна која е добитник и на Пулицеровата награда. Книгата на македонски јазик е во издание на „Магор“.

За оние кои ја немаат прочитано книгата, дејството е сместено во јужниот град Мејкомб, Алабама, за време на големата депресија и следи три години од животот на осумгодишната Скаут Финч, нејзиниот брат Џем и нивниот татко Атикус. Откако еден млад црнец неправедно е обвинет за силување на бела жена, Атикус станува негов адвокат. Сето ова е раскажано преку очите на едно дете, иако темите се многу тешки: расизам, простување, систем…

Одлична книга која ќе го потсети човек кои се вредностите за кои се бори и принципите кои ги застапува.

7.Бездомникот со златен часовник“ – Верче Каранфилоска 

Одамна македонската јавност не била олку заинтересирана за роман од македонски писател, затоа и сметав дека треба да биде еден од денешните предлози. Книгата во издание на „Матица“ зборува за падовите и висините во животот, за каењето и болката. Верче Каранфилоска постигна навистина импресивен успех со оваа книга.

Современ роман сместен во Скопје во 2027 година. Во тие мрачни, кризни времиња, еден бездомник, чиј живот застанал онаму каде заедно со стрелките на неговиот расипан часовник, запрел и животот на неговиот татко, би сторил сè за да избега од бедата. После безброј тешки денови, изгледа како Бог да одговара на неговата желба, преку случајна средба донесувајќи му шанса за топла постела, пријателска прегратка, и навидум подобра иднина…

Leave a comment