Инфографик: Животот и навиките на Виктор Иго!

Виктор Иго е еден од најпознатите и најславените француски писатели во историјата на литературата. „Клетници“ и „Богородичната црква во Париз“ се сметаат за едни од најубавите романи во историјата на книжевноста и денес сè уште се инспирација за безброј анимирани филмови, играни филмови, мјузикли, итн…

Самиот Виктор Иго е еден од најинтересните писатели. Неговиот живот бил исполнет со многу интересни моменти, но и со болка и тага.

Во инфографикот кој можете да го погледнете подолу се дадени неколку информации кои можеби не сте ги знаеле за него.

~ Се зборувало дека еден од начините како да се натера себеси да пишува и да не ја одложува работата, бил прилично необичен. Тој се соблакал гол, му ги давал своите алишта на слугата и ја заклучувал собата. Слугата не смеел да му ги врати алиштата сè додека Виктор Иго не напишел нешто.

~ Виктор Иго избегал од Франција по државниот удар на Наполеон во 1851 година. Во тој момент, тој бил најпопуларниот и најпочитуваниот жив автор на светот. За време на своето прогонство, тој го завршил романот кој ќе му донесе бесмртност и место во книжевната историја, „Клетници“. За оваа тема зборував и во еден од моите постари објави, „Познати книжевни дела напишани во прогонство“.

~ На почетокот на својата кариера, Иго често излегувал на прошетка откако ќе се стемнело и се шетал со часови, смислувајќи нови стихови или редови за своите дела кои ги ставал на хартија откако ќе завршел со своите прошетки.

~ Имал навика по ручекот да вежба сè додека не се препоти, а потоа се соблекувал, рипнувал од карпа во морето, пливал, а потоа легнувал на сонцето додека не се исуши.

~ Љубовницата со која бил 50 години, актерката Жулиет Друе, станала негова секретарка и негов придружник на патувањата. Таа се откажала од нејзината кариера и избегала со него кога бил прогонет.

~ Куќата во Гернзи каде што Виктор Иго живеел за време на неговото прогонство денес е музеј. Куќата не е воопшто менувана и е оставена токму онаква каква што била во тие 15 години кога тој живеел во неа.

~ Тој бил ранобудник и никогаш не ја променил оваа навика. Секогаш станувал околу 5 часот и пишувал сè до попладне.

~ Тој починал во 1885 година. За време на погребот, бројот на луѓе кои го следеле ковчегот до местото каде што бил закопан бил поголем од бројот на жители во Париз во тоа време.

Се надевам дека ви беа интересни фактите. Погледнете го инфографикот подолу.

Leave a comment