Кои биле најголемите љубови на Достоевски?

Фјодор Достоевски е еден од најпознатите руски писатели на сите времиња, а неговите дела како „Идиот“, „Злосторство и казна“, „Бесови“, „Браќа Карамазови“ се сметаат за златни дела и едни од најдобрите во историјата на литературата.

original_big

Достоевски бил вистински гениј кога станувало збор за пишувањето, но неговиот живот бил исполнет со тага, компликации, страдање и проблеми со зависност од коцкање.

Како и сѐ останато во неговиот живот и љубовта за него секогаш била комплицирана, никогаш едноставна.

Ова се трите клучни љубови на Достоевски, неговите музи, тие биле дел од него и искрено и длабоко ги сакал:

~ Марија Исаева ~

Достоевски бил единствениот писател од 19. век кој бил осуден да служи казна во работен камп во Сибир. Тој бил обвинет дека заговарал револуција против царот Николај I и најпрво бил осуден на смрт, но бил лажно стрелан, т.е оставен на ладно со заврзани очи чекајќи го истрелот кој никогаш не се случил, а потоа бил пренесен на Сибир.

По 4 години, конечно ја дочекува слободата и ја запознава Марија Исаева во која лудо се вљубил. Како и сѐ во неговиот живот, врската била комплицирана уште од самиот почеток, бидејќи Исаева веќе имала сопргу и едно дете, па затоа Достоевски морал да чека нејзиниот сопруг да умре како би можел јавно да ѝ понуди брак на Марија.

maria_dostoevskaya
Марија Исаева, првата жена на Достоевски

Како и да е, оваа нивна љубов воопшто не била едноставна како што Достоевски се надевал дека ќе биде. Марија постојано го измачувала со своите писма, велејќи дека има планови да се омажи за некој богаташ кој ѝ понудил брак. Тоа се случувало во неколку наврати и секогаш било споменувано некое друго име.

По многу компликации, на крај конечно успеале да се венчаат, но тие никогаш не нашле заеднички јазик и бракот им бил далеку од хармоничен. Достоевски повеќе ѝ бил пријател и брат, отколку нејзин сопруг.

Марк Слоним, важен руски интелектуалец, во својата книга „Трите љубови на Достоевски“, напишал:

„Тој ја сакал заради сите чувства кои таа ги предизвикувала кај него. За сѐ што ѝ дал, за сѐ што било поврзано со неа. И за сите болки кои таа му ги предизвикала.“

Тие повеќе биле поврзани поради заедничкото страдање отколку од нежност и љубов и Достоевски всушност го создава ликот на Наташа од „Омаловажени и навредени“ токму на основа на својата прва жена. Како и Исаева, Наташа има навика да ги измачува своите љубовници.

~ Аполинарија Суслова ~

Достоевски ја запознал младата Аполинарија Суслова за време на едно од своите јавни читања. Достоевски тогаш имал 42 години и бил речиси 20 години постар од неа. Таа била привлечна, заводлива и го делела неговиот вкус за литература и физичка страст. И покрај ова, тој не можел да ѝ го даде она што таа го сакала; тој сѐ уште бил во брак со својата прва сопруга.

Сепак, тие двајца започнале тајна врска и станале љубовници. На крај, таа нашла други љубовници и го оставила. Се вратила 2 години подоцна, но била сосема нова жена и одбила да стапи во брак со него.


Аполинарија Суслова, втората голема љубов на Достоевски

Аполинарија Суслова е жената којашто можеби највеќе го повредила Достоевски. Според Слоним: „Тој се грчел секогаш кога ќе го изговорел нејзиното име, бил во комуникација со неа додека сѐ уште бил во брак и ја олицетворувал во своите дела. Сѐ до својата смрт ги помнел нејзините милувања и шамари. Тој навистина бил посветен на оваа заводлива, сурова, неверна и трагична љубов“.

Нејзиното влијание врз Достоевски се гледа во неговите книги. Можеме да ја видиме како Дуња во „Злосторство и казна“, како очајната и страствена Настасја Филиповна во „Идиот“, како гордата и нервозна Лиза во „Бесови“. И како за крај, Полина од „Коцкарот“ е недвосмислено инспирирана од Аполинарија Суслова, со оглед на тоа што повеќе била позната како Полина отколку како Аполинарија.

~ Ана Сниткина ~

Ана Сниткина, која била 25 години помлада од Достоевски, била негов стенограф додека го пишувал „Коцкарот“. Целиот процес ги зближил толку многу, што на крајот едноставно не можеле да си го замислат животот еден без друг, па затоа и се венчале во 1867 година.

Книгата „Коцкарот“ е како крстосница на која се среќаваат неговите најголеми љубови: Аполинарија Суслова е основата за главниот лик, била започната и напишана во време кога починала неговата сопруга Марија Исаева и нејзин стенограф била неговата идна жена, Ана Сниткина.


Ана Сниткина, втората жена и последната љубов на Достоевски

На почетокот, Достоевски гледал само практичност во овој свој брак; сметал дека му е потребна стабилност и верба во подобра иднина. Како резултат на тоа, нивната заедница започнала на многу разнишано тло, слично како и со  неговите претходни врски.

Сепак, парот го продолжил својот меден месец надвор од државата и на крај истиот траел 4 години, бегајќи од репресивната атмосфера во Русија. За тоа време се обидувале да оформат семејство. Една година по нивниот брак, се родила Соња. Но, среќата кратко траела, бидејќи Соња набргу починала. Тие потоа имале уште три деца, а едно од нив починало по некое време.

Биле во брак 14 години, сѐ до смртта на Достоевски. Животот со Достоевски не бил воопшто лесен и Ана тоа го искусила на своја кожа. Тој имал многу тежок карактер и начин на живот, бил многу љубоморен и бил тежок коцкар. Сепак, таа стоички го издржала сето тоа и останала посветена на Достоевски и никогаш не се премажила, иако имала само 35 години кога тој починал.

Таа никогаш не се обидела да го промени, ги прифатила неговите мани и тежок карактер и тој брак бил најхармоничниот и најсреќниот период во турбулентниот живот на еден од најголемите литературни генијалци.

1_183

~ Овој пост е инспириран и базиран врз основа на оваа статија. ~

Leave a comment