Тажна глетка: Напуштени и распаднати библиотеки низ светот!

Библиотеките се навистина чудесно место и вистинско богатство. Во себе содржат зборови стари со векови, книги со најразлични светови во кои сосема се губиме. Покрај тоа, секој од нас ја обожава својата домашна библиотека и обожава да ја надополнува со нови четива, нови книги и нови изданија. Иако, морате признаете, најчесто нашите домашни библиотеки се вистински хаос.

Пред некое време, објавив листа со прекрасни библиотеки кои човек можат да го остават без текст. И овојпат објавувам листа со библиотеки кои ќе ве остават без текст, но за жал, во спротивна насока. Не од воодушевување, туку од тага и жал. Многу често се случува по затворање на некоја институција или во некои напуштени домови да се пронајдат исклучителни библиотеки, кои за жал, поради нивно неодржување се во комплетно руинирана состојба.

Навистина тажна глетка, која верувам дека ќе го растажи секој вљубеник во книгата. Но, паричката мора да се погледне и од двете страни. Иако има многу прекрасни библиотеки, ги има и оние што се уништени. Замислете ги тие книги, тие пишани редови и тие изданија како пропаѓаат ден за ден. Погледнете некои од нив, да се надеваме дека вакви глетки сè поретко ќе ги има во иднина и дека нема да се дозволува библиотеки (јавни или приватни) да скапуваат и да бидат целосно уништувани.

~ Јавната библиотека во Детроит, САД ~

Оваа библиотека првично била отворена во 1922 година и имала 20.000 книги. Покрај тоа, таа служела и како место за конференции, состаноци, јавни читања и слично. Сепак, во 90-тите години на 20 век, поради финансиската криза која го зафатила градот, оваа библиотека ги затворила своите врати. И покрај најавите за нејзино реставрирање, сепак во 2011 година, библиотеката била целосно урната и уништена.

~ Приватна библиотека во напуштен замок во Шпанија ~

Овој замок во Шпанија со години бил напуштен и никој немал влезено во него, но по неговото повторно откривање ја пронашле и оваа мала, но многу вредна библиотека со ретки и многу стари изданија која припаѓала на луѓето кои живееле во него.

~ Библиотека во напуштена куќа во близина на Лондон, Англија ~

Оваа прекрасна и тажна фотографија е дело на фотографот Џејмс Чарлик, како дел од некоја урбана експедиција. Оваа куќа се наоѓа во близина на Лондон. Според информациите, оваа куќа припаѓала на некој брачен пар кој одамна починал, а нивниот единствен син кој е фармер, не сакал да има ништо со куќата и таа едноставно со текот на годините сосема пропаднала, бидејќи буквлно никој не се грижел за неа. Во сама библиотека има стари изданија на книги како „Фауст“, „Алиса во Земјата на чудата“, „Пеколот“ на Данте, итн.

~ Приватна библиотека во замок во Наполи, Италија ~

Колку е жално кога ќе го погледнете овој прекрасен куп на непроценливи книги во еден стар, напуштен замок во Наполи. Вистинска штета. Којзнае какви изданија лежат во тие купишта.

~ Приватната библиотека на доктор во напуштена куќа во Германија ~

Фотографот Даниел Марбејкс постојано фотографира напуштени места и куќи низ Европа и САД. Тој е фасциниран од ваквите куќи и од прашањата кои се наметнуваат: Кои биле овие луѓе? Што им се случило? Во оваа конкретна ситуација, Даниел претпоставува дека оваа куќа сигурно била напуштена пред повеќе од 20 години и негова претпоставка е дека семејството загинало во сообраќајна несреќа, бидејќи нашол некои статии кои посочуваат на тоа, а жената која ја одржувала куќата починала набргу откако ја оставила куќата во брзње.

~ Приватна библиотека во напуштена куќа (непозната локација) ~

Иако не успеав да ја дознаам точната локација на оваа куќа и библиотека, сепак сметам дека треба да биде дел од оваа листа, со оглед на тоа колку е фасцинантно тоа дека иако е очигледно напуштена, сепак повеќето од книгите сè уште се уредно наредени на полиците.

~ Напуштена училишна библиотека во Припјат ~

Мислам дека не е потребно многу објаснување за оваа глетка. По катастрофата со Чернобил, Припјат веднаш бил целосно евакуиран и денес тоа е град на духови каде сè останало токму онакво какво што било во моментот на напуштање.

~ Напуштена приватна куќа во Белгија ~

Оваа куќа исто така изгледа како да била напуштена во брзање, а нема многу информации околу нејзините сопственици. Изгледа како сè да било оставено во брзање.

~ Напуштена библиотека во куќа во Велика Британија ~

~ Напуштена библиотека во училиште во Советска Русија ~

По распадот на Советскиот сојуз, голем дел од институциите, библиотеките и училиштата останале во незавидна положба, напуштени, руинирани и уништени. Еве еден пример за училишна библиотека која со текот на времето сосема пропаднала. Има многу примери и вакви тажни глетки, но доволно се и овие за да сфатиме колку вредни парчиња книги скапуваат некаде низ светот, што е навистина жално.

Leave a comment