Вилијам Фокнер (1897 – 1962) е еден од најистакнатите американски писатели од 20-тиот век. Добитник на Пулицерова награда во 1955 и 1963 година ( „Басна“ и „Крадците“) и на Нобеловата награда во 1949 година. Неговиот стил на пишување е близок и ја следи експерименталната традиција на европските писатели како Џејмс Џојс, Вирџинија Вулф, Томас Ман и Марсел Пруст. Неговите романи се познати како романи со „тек на свест“.
![]()
Интересни се неговите прикажувања на Југот на САД. Со оглед на тоа дека бил роден во Мисисипи, прилично добро го познавал тој дел, бил приврзан за него и обожавал да пишува за него. Југот на САД бил негова вечна инспирација.
Најпознати негови дела се: „Врева и бес“ ( книга која на македонски јазик ја има во две изданија: Магор и Антолог), „Додека лежев умирајќи“, „Абсалом, Абсалом!“, „Дивите палми“, „Светилиште“, итн.
Она што е познато за него е дека бил голем обожавател на алкохолот. По секој голем книжевен успех организирал големи забави на кои се конзумирале огромни количини алкохол. Кога во 1962 година, Џон Стајнбек му се јавил на Фокнер за да го замоли му даде некој совет за говорот што тој требал да го држи по повод добивањето на Нобеловата награда, Фокнер му рекол дека не може да му даде совет со оглед на тоа дека бил препијан за да се сети на сопствениот говор.
Интересен факт е дека навистина ја мразел славата, особено наградите и мразел да биде во центарот на вниманието. Доказ за ова е дека неговата ќерка која имала 17 години кога тој ја добил Нобеловата награда, дознала за фактот дека татко ѝ е Нобеловец откако наредниот ден директорот на училиштето во кое учела и честитал за постигнувањето на татко ѝ.
Како и да е, сѐ околу овој говор е прилично чудно. Фокнер ја добил наградата во 1949 година, но ја примил во 1950 година, бидејќи Комитетот за доделување награди не можел едногласно да се договори околу наградата. Како ова да не било доволно чудно, неговиот говор исто така бил проследен со контроверзија.
Микрофонот бил далеку од него, неговиот јужњачки акцент сосема непознат и неразбирлив за европската публика, па така речиси никој не бил сигурен што тој воопшто зборува. Сепак, наредниот ден, во весниците бил објавен целосен транскрипт од говорот и луѓето конечно дознале што зборувал Фокнер. Но, тоа не е сѐ. Не постои целосна снимка од говорот на Фокнер, бидејќи единствената позната снимка се прекинува некаде пред крајот.
Како и да е, во продолжение ќе можете да го прочитате транскриптот од говорот и да го слушнете говорот во оригинална верзија на англиски јазик.

~ Говорот на Фокнер ~
„Чувствувам дека оваа награда не е создадена за мене како човек, туку за мојата работа. Работа која трае цел живот и е полна со агонијата и потта на човековиот дух; не за слава и најмалку од сѐ за профит, туку од материјалите на човековиот дух да се создаде нешто кое не постоело претходно.
Оваа награда ми е доверена на мене. Нема да биде тешко да се најде начин како да се најде посвета за парите од наградата. Но, сакам да го направам истото и со признанието, со тоа што ќе го искористам овој момент како врв од којшто би можеле да ме слушаат младите мажи и жени коишто исто така веќе се посветени на истата болка и истите заложби, а меѓу нив, еден ден, барем еден сигурно ќе стои на местото на коешто сега стојам јас.
Трагедија на нашето време е генералниот и универзален физички страв кој толку долго сме го трпеле, што веќе и едвај го поднесуваме. Не постојат веќе проблемите на духот. Постои само прашањето: „Кога ќе бидам кренат во воздух?“. Токму заради ова, младиот маж или жена кој(а) денес пишува, сосема ги има заборавено проблемите на човечкото срце кое е во конфликт самото со себе, а самото тоа е доволно за да се создаде добар запис, затоа што и само тоа е вредно за пишување, вредно за агонијата и потта.
Тој мора повторно да ги научи овие работи. Тој мора да се научи самиот себе дека од сите работи, најлошо е да се биде исплашен. Преку тоа што ќе се научи себеси и ќе заборави на тоа, нема да остави никаков простор во неговата работилница освен простор за старите вистини на срцето, старите универзални вистини кои доколку не постојат во една приказна, таа со сигурност ќе биде површна и осудена на пропаст.
Тие стари универзални вистини се: љубовта, честа, сожалувањето, гордоста, сочувството и жртвувањето. Додека не го направи тоа, тој ќе биде проколнат. Во тој случај тој не пишува за љубов, туку за копнеж; за порази во кои никој не губи нешто коешто навистина вреди, за победи без надеж и најлошто од сѐ: пишува без сожалување и сочувство. Неговите таги не тагуваат во ниту едни универзални коски и на нив нема ниту една лузна. Тој не пишува за срцето, туку за жлездите.

Додека повторно не ги научи овие работи, тој ќе пишува како да стоел покрај човекот и го гледал неговиот крај. Јас одбивам да го прифатам крајот на човекот. Лесно може да се каже дека човекот е бесмртен само затоа што тој ќе издржи; кога последната посета на пропаста ќе исчезне и избледне од последниот безвреден камен кој виси во последната црвена вечер која умира, дури и тогаш ќе има барем уште еден звук: звукот на неговото мало неисцрпно гласче коешто сѐ уште зборува.
Одбивам да го прифатам ова. Јас верувам дека човекот не само што ќе издржи, тој и ќе надвладее. Тој е бесмртен, не само заради тоа што само тој има неисцрплив глас меѓу сите суштества, туку затоа што има душа, дух кој е способен за сочувство, жртвување и истрајност.
Должноста на поетот и писателот е да пишува за овие работи. Тој ја има привилегијата да му помогне на човекот да истрае преку тоа што ќе го крене неговото срце, преку тоа што ќе го потсети на храброста, честа, надежта, гордоста, сочувството, сожалувањето и жртвувањето кои биле сјајот на неговото минато. Гласот на поетот не мора да биде само досие за човекот, може да биде еден од реквизитите, столбовите кои ќе му помогнат да истрае и надвладее.
Слушнете го и во оригинална форма неговиот говор:
