Наградата “Живко Чинго“ која традиционално се доделува секоја година на победникот на конкурсот за најдобар расказ, оваа година ќе ја добие расказот „Мојата куќа во Крс’ Џамија“ чиј автор е младиот и талентиран Димитар Димоски од Охрид. Расказот беше поднесен под шифрата „Куќа“.

На конкурсот биле пристигнати 73 раскази и стручното жири во составено од охридските книжевници Смиле Наумоски, Милчо Јованоски и Тоде Илиески темелно ги проучувале сите раскази со цел да го одберат победникот. Откако го стесниле изборот, на крајот одлучиле дека расказот “Мојата куќа во Крс’ Џамија” е најдобриот и најквалитетниот расказ и заслжува да ја добие оваа награда.
Претседателот на стручното жири, Смиле Наумоски изјави:
„Ги прочитавме сите раскази и вчера ги издвоивме најдобрите пет што секој од нас ги има издвоено како најдобри и по методата на споредба од петте го издвоивме расказот кој се издигна над сите други со една прекрасна композиција како структура на расказ, со еден прекрасен уметнички израз, со доволно слики за да може да биде рационален, но на еден експресивен начин да го пренесе она што сакаше авторот да го пренесе до читателите.“
Добитникот на наградата, младиот Димитар Димоски е исклучителен и навистина многу талентиран. Тој пишува на начин на кој ќе заборавите дека живеете во реалноста и сосема ќе се изгубите во неговите зборови. За неговиот талент говори и фактот дека ова не е негова прва награда. Тој ја доби и наградата од конкурсот на весникот „Нова Македонија“ во 2014 година за расказот со наслов “Создавач на светови“. Воедно е и член на литературниот клуб „Григор Прличев“.
Што се однесува до наградата, таа започнала да се доделува во 1988 година на иницијатива на Радио Охрид, но денес општина Охрид е задолжена за нејзино доделување и организирање. На овој начин се искажува почит кон легендарниот македонски писател Живко Чинго, кој поттекнува од охридскиот регион.
Наградата ќе му биде врачена на Димитар на културната манифестација „Вечер на Живко Чинго“ која традиционално се одржува на 13 август, со цел да се одбележи роденденот на овој познат македонски прозаист и драмски писател. Манифестацијата се одржува симболично во неговото родно место, селото Велгошти, Охридско. Годинава се одбележуваат 80 години од раѓањето на Живко Чинго, па оттаму целата манифестација има уште поголема тежина.
Кафе и книги му посакува уште поголеми успеси на Димитар. Верувам дека сите ќе имаме можност во иднина да уживаме во уште многу нови раскази и напишани дела. Навистина е радост да се види талентот во Република Македонија и тој да допре до што повеќе луѓе. Имаме квалитетни автори, писатели, поети. Димитар е огромен доказ за тоа!
