Предлог-книги за љубителите на хорор приказни!

Трилерите и хорорите се едни од најпопуларните книжевни жанрови. Полни со мистерија, неизвесност, страв и ужас, овие книги се читаат најчесто во еден здив и покрај тоа што се страшни. Има навистина квалитетен избор и одлични книги од овој жанр, па така денес одбрав неколку предлози кои одлично ќе ви дојдат во овие летни денови. Повеќето книги се прилично познати, но во случај да сте заборавиле да ги земете во рака и да ги прочитате, еве ви еден одличен потсетник. 🙂

~Сјаење“ – Стивен Кинг ~

„Сјаење“ се смета за една од најстрашните хорор книги некогаш напишани. Речиси во секоја листа и речиси секој книжевен критичар ја наведува како една од книгите што морате да ги прочитате доколку сте љубител на овој жанр. Секако, речиси нема човек што не слушнал за оваа книга, според која е направен и еден од најпознатите хорори од 80-тите години на 20 век и е во режија на Стенли Кјубрик, со Џек Николсон во главната улога.

Приказната го следи Џек Торенс, алкохоличар кој се труди да се откаже од алкохол и писател, кој заедно со својата сопруга и син одат во хотелот „Видиковец“ каде Џек треба да работи како домар. Тие се сосема исклучени од реалниот свет, а Џек мисли дека токму тоа е она што му е потребно за да ја напише драмата што ја пишува. Сепак, излегува дека „Видиковец“ не е само обичен хотел, туку со него владеат некои мрачни сили…

~ „Кери“ – Стивен Кинг ~

Стивен Кинг е вистински мајстор кога станува збор за хорорите. Во некоја од следните изданија сигурно ќе има една цела листа со предлози од неговите книги, бидејќи секоја од нив е пострашна од претходната. Но, денес ќе предложам само уште една книга од него, а тоа е „Кери“, бидејќи се работи за неверојатно морничав роман одличен за сите што сакаат да читаат страшни приказни. И за оваа приказна има одлична екранизација. Приказната е за Кери, повлечена средношколка која често е подложна на врсничко насилство и исмејување. Кога ќе дојде матурата, Кери е среќна и возбудена, но наскоро се вечерта се претвора во вистински пекол. Неверојатно моќен хорор!

~ „Доктор Џекил и господин Хајд“ – Роберт Луис Стивенсон 

Ова е еден прекрасен класик, кој не верувам дека ќе ве остави рамнодушни. Објавена во 1886 година, оваа книга е многу понапред од своето време. Оваа книга на прекрасен начин го објаснува дуалитетот и односот помеѓу доброто и злото и дека двете подеднакво можат да бидат застапени кај човекот. Книга која ќе ве натера да размислувате на неа и долго откако ќе ја прочитате. Стилот на пишување е исто така навистина одличен.

~ „Дракула“ – Брам Стокер ~ 

Зарем треба премногу објаснувања и зборување за оваа книга? „Дракула“ е вистински класик и еден од најпознатите хорор приказни на сите времиња. Една исклучително прекрасна и силна книга која ќе ја прочитате во еден здив, но од друга страна додека ја читате, морниците нема да ве напуштат ни за миг. Оваа приказна е инспирација за еден куп други книги, претстави, серии и филмови и Дракула како лик е еден од најприкажуваните на големото платно. Доколку сте обожавател на овој жанр, а ја немате прочитано книгата, не се двоумите, направете го тоа веднаш.

~ „Франкенштајн“ – Мери Шели ~

680_10_26_12__29__6_2012frankenstein

Повторно предложувам еден добро познат класик, кој е задолжително четиво кога станува збор за хорор приказните! Како и Дракула и Франкенштајн е лик кој и ден денес е голема инспирација за големото и малото платно. Виктор Франкенштајн е млад, посветен научник кој е посветен на науката и обожава сè што е поврзано со неа. Но, кога ќе создаде чудовиште кое и самиот нема да може да го контролира, работите излегуваат од контрола. Доколку случајно ја имате пропуштено оваа книга, ви препорачувам да биде вашето следно четиво. Ова е книга се смета за еден од основоположниците на овој жанр.

Leave a comment