Што чита Обама летово?

Барак Обама, претседателот на САД, е еден од најмоќните и најзафатените луѓе на светот. Но, како и сите останати луѓе, летото и за него е можност да земе здив од секојдневните обврски и одговорности кои ги има како претседател на САД.

Заедно со неговото семејство, сопругата Мишел и двете ќерки, 16 дена ќе престојуваат во „Martha’s Vineyard” и ќе уживаат во нивниот заслужен одмор.

Со оглед на тоа дека е навистина зафатен човек, Обама има изјавено дека секое лето составува листа од книги кои сака да ги прочита за време на одморот и тоа му е станато традиција, бидејќи работните обврски не му оставаат многу простор да чита.

Оваа година има навистина интересен избор на книги. Погледнете ја неговата листа за читање:

1. Животот на Џорџ Вашингтон“ – Рон Чернов

~ „Максима која е базирана на универзалното искуство на човештвото е дека не треба да ѝ се верува на ниту една нација, освен за она што е засновано на нејзиниот интерес.“ ~

Ова е една од најпознатите биографии за Џорџ Вашингтон, првиот американски претседател. Биографор Рон Чернов има посветено неколку години во истражување на животот на Вашингтон. Тој има собрано огромен материјал и одлично го искористил во пишување на оваа книга која фрла ново светло на животот на првиот претседател на САД и притоа разбива многу предрасуди и митови поврзани со него.

2. „Помеѓу светот и мене“ – Та-Нехиси Коутс

~ „Ова е твојата држава, ова е твојот свет, ова е твоето тело и мораш на најдеш некој начин како да живееш внатре во сето тоа.“ ~

Во „Помеѓу светот и мене“, Та-Нехиси Коутс се обидува да даде одговор на најтешките прашања поврзани со расите и расизмот. Книга е напишана во форма на писмо адресирано до неговиот син. Тој со својот син и читатели ја споделува неговата приказна за неговото будење и пронаоѓањето на своето место во овој свет преку најразлични искуства од Универзитетот „Хауард“ до местата каде што се воделе битките во Граѓанската војна во САД, па продолжува и ги нуди своите искуства од јужниот дел на Чикаго до Париз, од неговото дество до дневните соби на мајките кои ги изгубиле своите деца.

3. „Сета светлина што не можеме да ја видиме“ – Ентони Доер

~ „Ама не се работи за храброст, едноставно немам друг избор. Се будам и го живеам својот живот. Зарем не го правиш и ти истото?“ ~

Обама во својата летна листа за читање го има и овогодинешниот добитник на Пулицерова награда, Ентони Доер кој напиша едно прекрасно дело за ужасите и хоророт на Втората светска војна преку приказната на Мари која живее во Париз и е слепа од својата шеста година. Приказна која едноставно не може да остави никого рамнодушен. Стилот на пишување е прекрасен, едноставен, книгата е поделена на кратки поглавја и ве тера да ја прочитате во еден здив.

4. „Шестото истребување“ – Елизабет Колберт

~ „Иако е убаво да се замислува дека некогаш постоело време кога човекот живеел во хармонија со природата, сепак не е баш јасно дека тоа навистина било така.“ ~

За временски период од речиси милијарда години, се случиле пет големи истребувања. Научниците денес го набљудуваат шестото истребување, кое ќе биде најужасното истребување по исчезнувањето на диносурусите. Но, овојпат за тоа нема да биде виновен астероид, туку самите ние, луѓето.

Во оваа книга Елизабет Колберт објаснува како и зошто луѓето го промениле животот на планетите, на начин на кој никој друг вид го нема направено тоа. Таа покажува дека шестото истребување ќе биде нашето наследство кое најдолго ќе трае и ќе го натера читателот да размислува за тоа што значи да бидеш човек.

5. „Ниската земја“ – Џумпа Лахири

~ „Изолацијата нудеше своја форма на друштво: доверливата тишина на нејзините соби, стабилната мирност на вечерите. Ветувањето дека ќе ги најде работите таму каде што ги оставила, дека нема да има прекин, нема да има изненадување. Ја поздравуваше на крајот на секој ден и секоја ноќ лежеше со неа во кревет.” ~

Двајца браќа кои се поврзани од една трагедија; брилијантна жена чие минато ја прогонува; држава која е поделена од револуција. Ова е една моќна книга, чие дејствие се случува и во Индија и во Америка и ја истражува цената на идеализмот и љубовта која може да трае и по смртта.

6. „Она што е“ – Џејмс Салтер

~ „Тој сакаше да чита, заедно со тишината и златната боја на виските како негови придружници. Тој сакаше храна, луѓе, разговор, но читањето беше задоволство без крај. Она што беше уживањето во музиката за другите, за него беа зборовите на страницата.“ ~

Со неговото искуство како офицер во битките кај Окинава, Филип Боуман се враќа во Америка и наоѓа работа како уредник на книги. Ова се случува во годините по Втората светска војна, кога издаваштвото сè уште e приватна работа. Во овој свет на вечери, договори и книжевни кариери, Боуман сфаќа дека ова е светот за него. Но, никогаш не му одело во љубовта, сè додека не запознава една жена која го упатува во правец по кој не ни сонувал дека ќе оди.

Ова е изборот на Обама. Би читале ли некоја од овие книги?

Leave a comment