Сите обожаватели на серијалот книги „Песна за мразот и огнот“ и тв-серијата „Игра на тронови“ која е заснована на серијалот на Џорџ Р.Р. Мартин знаат дека голем дел од ликовите имаат прилично лоши судбини.
Голем дел од нив претпоставуваат дека крајот на овој серијал ќе значи лош крај за речиси секој лик што се појавува во него. Сепак, според Џорџ Р.Р. Мартин, серијалот нема да заврши на апокалиптичен и трагичен начин.

Во едно од своите интервјуа со Шон Т. Колинс од „Обзервер“, Мартин се соочи со прашањето дали сите на крај ќе изгубат и дали популарниот серијал ќе заврши со некава ужасна апокалипса. Мартин на ова одговори: „Сè уште го немам напишано крајот, така што и самиот не знам, ама сепак не би рекол дека ќе заврши така. Тоа секако дека не е мојата намера.”
Образложувајќи го својот одговор, Мартин објасни дека тој ќе се обиде да даде „слатко-горчлив“ крај на неговиот серијал.
„И порано имам кажано дека завршната емоција која сакам да ја постигнам е слатко-горчлива. Реално, сите знаат за фактот дека Толкин има многу влијаено на мене и мене многу ми се допаѓа како тој го напиша крајот на „Господар на прстените“. Завршува со победа, но таа победа е слатко-горчлива… Сè што можам да кажам е дека тоа е правецот кон кој ќе се насочам. А дали ќе го постигнам тоа или не, ќе пресудат луѓето како Вас и моите читатели“.
Џорџ Р.Р. Мартин моментално напорно работи на „Зимските ветрови“, шестата книга од серијалот „Песна за мразот и огнот“. По неа ќе следи седмата и последна книга од серијалот.
