Фестивалот „Вудсток“ годинава слави 46 години од своето одржување. „Вудсток“ бил еден вистински, прекрасен настан каде во текот на три дена постоеле само љубовта, мирот и музиката. На фестивалот присуствувале 400.000 млади луѓе, вљубени во животот, забавата, младоста и музиката. Легендарните имиња како Џими Хендрикс, Џенис Џоплин, Џо Кокер, Сантана и други биле дел од изведувачите на фестивалот.

„Вудсток“ не беше само еден фестивал, туку и претставник на едно цело движење во тоа време. Затоа, не е за изненадување што и ден денес е предмет на истражувања, анализи, историјати и слично. Доколку сте љубител на Вудсток и посакувате да сте можеле да бидете таму и да сведочите на пишувањето историја, можете да ги погледнете следниве книги кои одлично ја доловуваат магијата на Вудсток.
1. „Босоног во Вавилон“ – Боб Спиц

„Босоног во Вавилон“ е една прекрасна монографија на фестивалот кој дефинираше една цела генерација. Во оваа книга, познатиот новинар и писател Боб Спиц дава преглед на она што се случувало зад сцената и пишува за она што било потребно и што се случувало за да се организира овој фестивал. Самиот дава заклучок дека е вистинско чудо што на крај сепак успеале да го организираат. Многу интересни ликови, анегдоти и приказни кои ќе ве натераат да посакате веднаш да се транспортирате таму.
2. „На пат со Џенис Џоплин“ – Џон Бајрн Куки

Како нејзин менаџер за турнеите, Куки постојано бил покрај Џенис Џоплин; и во добро и во зло. Овој мемоар за Џенис Џоплин, покрај тоа што ќе ви даде преглед на животот и кариерата на легендарната пејачка, ќе ви даде и информации за нејзиниот настап на Вудсток и што се случувало таму во тој период и како Вудсток влијаел на обликување на нејзината кариера.
3. „Почнувајќи од нула“ – Џими Хендрикс

Овие мемоари на легендата Џими Хендрикс се составени од неговите текстови, писма, дневници, интервјуа и спомени од неговите пријатели и блиски луѓе и секако неизоставен дел од тоа е и неговиот настап и присуство на Вудсток. Приказна полна со смеа, тага, бес и анегдоти кои ќе го покажат овој музички генијалец во сосема ново светло.
4. „Гласот со кој пеам“ – Џоан Баез

Иако била трудна и тоа во поодмината бременост, Џоан Баез дала сè од себе и ја воодушевила публиката на Вудсток. Овој мемоар зборува за нејзината кариера, живот и моментите на Вудсток кои никогаш нема да ги заборави.
5. „Патот до Вудсток“ – Мајкл Ланг и Холи Џорџ Варен

Вистинската приказна за „Вудсток“ раскажана од гледната точка на човекот зад легендарниот фестивал. Мајкл Ланг е еден од луѓето кои имале визија и идеја да организираат фестивал кој ќе ги собере и познатите и непознатите музички ѕвезди. Приказната за тоа како е создаден Вудсток: од почетокот и иницијалната идеја до крајот. Покрај неговата приказна, во книгата има интервјуа со сите релевантни луѓе поврзани со фестивалот.
6. „Назад во градината: Приказната за Вудсток“ – Пит Форнатејл, Контри Џои Мекдоналд

Оваа книга е издадена по повод 40-годишнината од Вудсток. Преку интервјуа, слики, исечоци од весници, истражувања и документи се реконстуираат тие магични три дена. Прекрасна книга која инстантно стана бестселер по нејзиното издавање. Ако ви е потребна книга за да ви ја долови магијата на Вудсток, ова е вистинската книга за вас.
