Некогашниот фронтмен на групата „Д Смитс“, успешен и во својата соло кариера, полека влегува и во писателските води. Две години по издавањето на неговите мемоари, Мориси се врти и кон фикцијата. Неговата „Автобиографија“ излезе во 2013 година и беше проследена со многу контроверзии и прашина, но постигна значителен успех.

Охрабрен најверојатно од успехот на неговата автобиографија, Мориси набргу потоа започнал да пишува и книга. Според веб-страната „True to you”, која е страна која ја одржуваат обожавателите на Морисеј, книгата ќе се вика „Листата на изгубените“ и ќе излезе во септември, во издание на британскиот огранок на издавачката куќа „Пингвин“. Книгата во прво време ќе биде достапна во Велика Британија, Ирска, Индија, Австралија, Нов Зеланд и Јужна Африка. Точниот датум на издавање најверојатно ќе биде познат во текот на оваа недела.
Засега нема никакви детали за содржината на книгата и воопшто нема најава за тоа на страната на „Пингвин“. Но, самиот Мориси, во јануари 2014 година, во еден од своите разговори со обожавателите изјави дека работи на книга.
Тој изјави: „Во 2013 година ја издадов мојата „Автобиографија“ и таа беше поуспешна од било кој албум кој сум го издал во животот, такашто да, работам на својата книга и сум некаде на половина. Си имам свои надежи.“

Го очекуваме датумот на издавањето и секако официјалната објава на страната на „Пингвин“, но мислам дека сите со нетрпение ќе чекаат да излезе книгата и да ги видат писателските способности на Мориси.
