Вечерва, со почетокот од 20:30 часот, пред платото на Домот на поезијата во Струга, свечено ќе биде отворено јубилејното 50. издание на Струшките вечери на поезијата. Како и секоја година, на отворањето традиционално ќе биде читана безвременската „Т’га за југ“, а покрај тоа, свое поетско излагање ќе има и познатиот сириско-либански поет Адонис.

Групата „Фолтин“ ќе имаат свој настап на отворањето, а ќе има и поетски читања.
Кинескиот поет Беи Дао е годинешниот добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата, кој и во 2003 година беше учесник на фестивалот. По пристигнувањето во Струга тој изјави: „Дефинитивно наградата е многу важна за мене, но многу поважен е поетскиот фестивал кој продолжува да влијае и да ги оформува луѓето. Ова е еден од најстарите поетски фестивали во светот.“
Струшките вечери на поезијата традиционално се одржуваат секоја година. Оваа манифестација е најголемата поетска манифестација во светот на која редовно присуствуваат познати светски поети.
Годинава ќе се одржува од 26 до 31 август!
