ТВ серии за кои можеби не сте знаеле дека се засновани на книги!

Книгите секогаш биле инспирација за филмовите. Голем дел од филмовите или се директно засновани на книги или се инспирирани од нив. Во последниве неколку години, телевизиските серии се во страшен подем, па затоа не треба да изненадува што голем дел од нив земаат инспирација од книгите. Еден од најпознатите примери за тоа е популарноста на „Игра на тронови“. Но, овој пат решив да пишувам за телевизиски серии за кои е помалку познато дека се засновани на книги. Во продолжение прочитајте неколку примери.

1.  „Коски“ (2005 – 2017)

„Коски“ е популарна крими-серија во која главните ликови се Темперанс Бренан, брилијантен форензички антрополог и Сили Бут, ФБИ агент кој е поранешен снајперист. Серијата беше многу успешна и се прикажуваше цели 12 сезони.

Она што можеби е непознат факт за повеќето е дека Темперанс Бренан е главниот лик во книжевниот серијал на Кејти Рајхс, која е форензички антрополог, исто како и Бренан.

2. „Ханибал“ (2013 – 2015)

„Ханибал“ е една од најинтригантните серии кои се појавиле на телевизија. Пред неколку дена и официјално го имаше својот крај, иако продуцентот и креаторот на серијата Брајан Фулер вели дека овде можеби не е крај, но нема ништо дефинитивно за во блиска иднина. Во секој случај, телевизиската верзија на книгите на Томас Харис е многу поморничава и почудна од самите книги, особено од „Црвениот змеј“, според која на некој начин е заснована серијата. Но, освен што е навистина чудна, во однос на настаните и на концептот, оваа серија е вистинско ремек дело.

Освен замислата и начинот на кој е реализирана, посебно признание мора да му се даде и на глумецот кој го толкуваше Ханибал, Медс Микелсен за кого постои консензусот дека е најдобриот негативец кој се појавил на телевизија. Толку добро ја врши својата работа и толку е харизматичен, што на моменти заборавате дека е негативец.

3. „Странец“ (2014 – )

„Странец“ (Outlander) доби огромна популарност со својата прва сезона и продолжува да добива внимание и пофалби. Приказната се врти околу Клер Рендал, која откако се враќа дома од Втората светска војна, каде што работела како медицинска сестра, ужива во времето со својот сопруг Френк. Одеднаш, Клер мистериозно се враќа назад во времето во 1743 година. Оттука работите почнуваат да се комплицираат.

outlander3-1

Сепак, малкумина знаат дека серијата се заснова на истоимениот книжевен серијал на Дајана Габалдон.

4. „Куќа од карти“ (2013 – 2018 )

Кевин Спејси со својата улога на Френсис Андервуд направи вистински избор. Серијата „Куќа од карти“ која е оригинална серија на стриминг сервисот Нетфликс е вистинско освежување во морето серии. Одлична глума, интересно сценарио и сплетки. Политиката како таква секогаш буди интерес кај луѓето, особено онаа највисока политика и сите сплетки кои доаѓаат со неа. Оваа серија им дава на луѓето да ѕирнат што се случува зад затворени врати и што сè прават политичарите за моќ. Не само политичарите, туку и оние околу нив.

Повеќето веќе знаат дека оваа серија е всушност преработка на британската серија „Куќа од карти“ која е во продукција на Би-Би-Си и која се прикажувала во 1990 година. Она што е помалку познато е дека и таа серија не е оригинална серија, туку е заснована на книгата „Куќа од карти“ на Мајкл Добс.

Книгата е политички трилер за политичкиот систем на Велика Британија, што значи дека американската серија „Куќа од карти“ е преработка од британската серија која е екранизација на книга. Со самото префрлање на дејството од Велика Британија во Америка се менуваат голем дел од дејствата со оглед на тоа што овие две држави имаат комплетно различни политички системи, а и самата оригинална серија се има оддалечено од книгата. Но, основата е таа.

5. „Империјата Бродвок“ (2010 – 2014)

„Империјата Бродвок“ (Broadwalk Empire) е популарна серија на ХБО, која се прикажуваше во периодот од 2010 до 2014 година. Креатор на оваа серија беше Теренс Винтер. Иако никогаш не ја достигна славата на „Сопранови“, сепак добиваше номинации и награди за најважните манифестации и стекна своја база на обожаватели.

Дејството на серијата е сместено за време на Прохибицијата во САД, се одвива во Атлантик сити и го следи животот на Енок Томпсон, фигура која се издигнува и успева да контролира огромен дел од Атлантик сити. Серијата е инспирирана од книгата „Империјата Бордвок: Раѓањето, славните денови и корупцијата на Атлантик сити“ на Нелсон Џонсон. Книгата е од истражувачки и историски карактер. Џонсон преку различни извори, докази и факти се обидува да го долови времето и животот во Атлантик сити за време на прохибицијата.

6.  „Остатоци“ ( 2014 – 2017 )

ХБО очигледно обожаваат да прават серии кои се инспирирани од книги. Уште еден ваков пример е серијата „Остатоци“.

Се работи за микс од научна фантастика и мистерија, серија во која има мистериозни исчезнувања, истраги, култови, а Кевин Гарви е детективот кој мора да се грижи за безбедноста на градот, но и за своето семејство. Серијата е заснована на истоимената книга на Том Перота, кој воедно е и еден од извршните продуценти на серијата.

7.  „Портокаловото е новото црно“ (2013 – 2019 )

„Портокаловото е новото црно“ е исто така една од успесите на Нетфликс во создавањето и продуцирањето серии. Оваа серија брзо успеа да ги привлече и критичарите и публиката. Серијата го следи животот на неколку ликови додека се во женски затвор во Њујорк. Приказната се врти околу Пајпер Чепман која добива затворска казна од 15 месеци и мора да си ја отслужи казната. Во серијата запознаваме и плејада други ликови и ги запознаваме нивните приказни.

Серијата е заснована врз мемоарите на Пајпер Керман. Голем дел од ситуациите, луѓето и ликовите се променети. Оваа книга е само инспирација, додека пак серијата сама по себе си се развива сосема различно. Сепак, инспирацијата, прикажувањето на другата страна на затворскиот систем во САД е преземен од оваа книга.

8. „Оддел за убиства“ (1993-1999)

„Одел за убиства“ е една од најдобрите детективски серии кои се појавиле на телевизија. Некои од вас можеби се сеќаваат дека оваа серија се даваше и кај нас во Македонија, на А1 телевизија. Серијата имаше шест сезони и при крај се соочи со огромни падови во гледаноста, но највеќе поради тоа што квалитетот опадна кога почнаа да се појавуваат конфликти меѓу продуцентите и челниците на телевизијата.  

И покрај тоа што и денес се смета за една од подобрите детективски серии кои многу реалистично ја прикажуваат детективската работа, многумина воопшто не знаат дека оваа серија е всушност инспирирана од книгата „Оддел за убиства: Една година на убиствените улици“ на популарниот Дејвид Сајмон, кој денес е многу повеќе познат по тоа што ја создаде познатата телевизиска серија „The Wire”.    

*

За оваа своја истражувачка книга, Сајмон има добиено и награди. Со цел да ја напише книгата, тој поминал една година заедно со детективите и полицајците во одделот за убиства во Балтимор. Интересен факт е тоа што Сајмон првенствено не сакал да учествува во серијата, но сепак понекогаш се вклучувал во пишување на сценаријата. Во шестата сезона станува продуцент на серијата. Охрабрен од искуството, започнува со следниот проект, односно екранизација на уште една негова книга во минисеријата „Аголот“. Потоа, започнува да размислува за создавање на сосема оригинална серија и оттука произлегува „Жицата“ (The Wire).          

*******

Ова е листата за денес, иако има и други примери. Се изненадивте или веќе ги знаевте овие информации?

*последна промена е направена на 8/10/2025 за дополнување информации околу сезоните и времетраењето на сериите

Leave a comment