Познати писатели кои биле шпиони!

Писателите, освен што се занимаваат со пишување, често работат и други професии. Некои од нив имаат здодевни професии, но некои од нив се интересни и возбудливи. Денешна тема на блогот е за писателите кои освен што поседувале талент за пишување, биле и шпиони кои работеле за службите за разузнавање и контра-разузнавање, а некои од нив само им помагале или давале информации.

Листата е следна:

1.  Греам Грин

Познатиот британски писател, најпознат по книгата „Крајот на една љубовна приказна“, освен што имал талент за пишување, бил и прилично добар шпион. Грин објавувал поезија уште пред да си замине од Оксфорд и се пробил на книжевната сцена 10 години пред да избие Втората светска војна.

Кога тоа се случило, се вработил во Министерството за информации, каде пишувал пропагандни материјали, но набргу му здосадила оваа работа и во јули 1941 година се приклучил на службата за разузнавање МИ6. Она што било предност за него е фактот што веќе бил познат писател во времето кога се приклучил на МИ6, па неговата репутација на човек кој сака да патува и писател кој сака да истражува, му помогнале да се движи непрекинато и да оди на места кои биле прилично ризични.

Сиера Леоне, каде некое време работел како разузнавачки агент, е местото што го инспирирало и станало основа и локација во неговата најдобро продавана книга, „Суштината на работата“, а својот број под кој бил воден како агент, 592000, му го дал на лик во неговата пародија на целиот тој свет на шпионажа, „Нашиот човек во Хавана“. Очигледно, писателите не се само добри шпиони, туку и шпионирањето е одличен материјал за писателите.

2. Ијан Флеминг

Многу е интересен фактот што човекот кој го создаде најпознатиот шпион на сите времиња и самиот бил шпион. Ијан Флеминг бил новинар за „Ројтерс“ во 30-тите години на 20-тиот век и во тоа време веќе работел на пишување приказни, но работата како шпион ги изградила темелите на неговиот успех и инспирацијата за пишување.

Тој се вклучил во морнарското разузнавање како личен асистент, но набрзо бил унапреден во командир, соработувајќи со Американците пред нападот на Перл Харбор. Тој е еден од најзаслужните за воспоставувањето на централизирана американска институција (ЦИА) за меѓународно разузнавање. Освен тоа, ја надгледувал операцијата „Златно око“, план кој имал за цел да воспостави систем на разузнавање кој би функционирал непречено во случај Германија да ја запоседне Шпанија.

По војната размислувал да почне со пишување на трилери за шпиони, но сепак му се вратил на новинарството. Дури во 1952 година ја напишал книгата „Казино Ројал“ и со тоа го започнал феноменот и треската за Џејмс Бонд. Кога веќе зборуваме за „Казино Ројал“, задачата која му е доделена на Бонд во книгата е всушност инспирирана од операција на која Флеминг вистински присуствувал. Иако претежно работел канцелариска работа, сепак сведочел на една активна операција, а тоа било провалување во јапонскиот конзулат во центарот „Рокфелер“. Додека тој гледал, британските оперативци влегле во канцеларијата, го пробиле сефот и направиле копии од кодовите на Јапонците.

3. Роалд Дал

Се чини дека британските писатели навистина уживале да работат за разузнавачките и контра-разузнавачките служби. Роалд Дал е уште еден од низата познати британски писатели кои работеле како шпиони. Тој е еден од најпознатите писатели на детски книги, меѓу кои се и „Матилда“ и „Чарли и фабриката за чоколади“.

Пред да започне да пишува книги за деца, тој бил пилот за британските воздухопловни сили за време на Втората светска војна. Откако се здобил со повреди во авионска несреќа во 1940 година, Дал работел во британската амбасада во Вашингтон. Според информациите, таму работел заедно со британски и канадски агенти и ги истражувале политичките наклоности на влијателни американски жени кои котирале високо на општествената скала. Целта била да се промовираат британските интереси. Според неколку извори, меѓу кои се и изјавите на неговата блиска пријателка Антонета Хаскел, Дал спиел со овие жени со цел да им се доближи и да извлече информации од нив.

Сепак, не му било баш толку интересно колку што изгледа на прв поглед. Клер Бут Луси, влијателна личност во американското општество, која воедно била мажена за основачот на списанието „Тајм“, била толку опуштена во кревет што Дал молел да го тргнат од задачата. На крај, неговото плеткање со жените дало позитивни резултати. Роалд Дал не само што успеал да добие поддршка за Британија во време кога сите важни и влијателни Американци не сакале САД да влезе во војната, туку успеал да врати многу вредни украдени документи за британската влада. Тој го открил и својот талент за пишување во времето кога пишувал пропагандни материјали.

4. Ернест Хемингвеј

Иако оваа информација кружи со децении, сепак, еден дел од книгата „Шпиони: Подемот и падот на КГБ“ од писателите Харви Клер, Џон Ерл Хејнс и Александер Василев, сака да докаже дека Хемингвеј во еден период по 1941 година работел како шпион т.е доушник на КГБ. Истражувањето на Василев вели дека на Хемингвеј му бил даден псевдонимот „Арго“ и имал задача да собира политички информации.

Сепак, тој не им дал никакви корисни информации, па така во 1950 година и се откажале од него како доушник. Главното прашање кое се поставува е тоа дека доколку навистина се согласил да биде доушник за КГБ, дали и колку навистина бил сериозен со оглед на фактот дека не им дал ниту една корисна информација.

5. Ентони Бурџис

42b83dab-2fce-4357-b4a8-1b15bc5dcd3e-2060x1236

Авторот на „Пеколен портокал“ ја има напишано и книгата „Потресот на намерата“ која може да се гледа и како пародија на авантурите на Џејмс Бонд. Иако нема многу информации за неговите шпионски активности, според „Речникот на книжевната биографија“ тој работел како затскриен агент за британската воена интелигенција во Гиблатар за време на Втора светска војна.

Leave a comment